Спомен на свети Партениј Лампсакиски (19.02.2013 14:55)
Родителската љубов е непресушен извор. Таа се излева и грижливо го покрива чедото и во радост и во искушенија, и кога сме среќни, па сакаме да го споделиме своето благодатно чувство, и кога страдаме, па сакаме некој да сочувствува со нашата болка. Родителот е секогаш тука да нè поткрепи во подвигот, охрабри во искушенијата, подигне од гревовниот пад, и љуби безрезервно, дури и кога не му возвраќаме со полна мера. И не секогаш можеме во полнота да возвратиме на неговата љубов, зашто таа е бескрајна, неопфатна, пожртвувана до крај, но има мигови кога ни се дава барем да ја искажеме својата благодарност. За браќата и сестрите од светата Бигорска обител таков миг е денот кога го славиме споменот на св. Партениј Лампсакиски, молитвениот застапник на нашиот старец. А тој небесен покровител на вечерната богослужба во негов спомен, на која присуствуваа нашите почитувани архиереи, митрополитот Тимотеј и епископот Јосиф Велички, како да ја отвори ризницата на благодатта Христова за нас, напојувајќи ги душите наши со голема радост. Исполнети со голема благодарност кон светиот поради неговите свети молитви со кои постојано го поткрепува нашиот игумен, со посебна љубов ги пеевме стихирите во негова чест. А на крајот од тоа торжество, најстариот јеромонах од братството после о. Партениј, нашиот ревносен иконом и пример за послушание кон старецот, о. Доситеј, од името на целото наше братство и сестринство, со зборови вдахновени од синовска љубов и благодарност, му се обрати на присутното мноштво во Благовештенскиот храм:
„Ваше Високопреосвештенство, Ваше Преосвештенство, Високопреподобен отче, драги браќа и сестри во Христа!
Би сакал да го искористам овој свечен миг да му се обратам со неколку збора на овој торжествен и над сè љубовен и семеен собир.
Имено, нашата света обител, не сме само ние браќата и сестрите од овие два манастира. Нашето семејство ги опфаќа и сите оние чијшто заеднички дом е ова светилиште, Домот на Претечата. Затоа во оваа прилика би сакал да зборувам и во име на оние коишто од разни причини не се физички со нас, но чие духовно и молитвено присуство го чувствуваме, бидејќи се дел од нас.
Така, мене ми се даде таа чест и обврска од името на сите да Ви ја предадам оваа скромна игуменска патерица, високопреподобен отче, како спомен од Вашите собраќа и сестри, но и како потсетување дека одлуката од страна на високопреосветениот митрополит г. Тимотеј, со која бевте поставен за игумен на оваа обител, а нешто подоцна и архимандрит, се покажа навистина мудра и богопросветлена.
За тоа сведочи и оваа наша света заедница, „малото стадо Христово“ кое се собра околу Вас и кое секојдневно напредува под Вашето духовно раководство. Вашите духовни чеда коишто сведочат за Вашата љубов и пожртвуваност, за Вашата вера и духовна сила, му ја пренесуваат на светот својата духовна радост во Христа, збогатувајќи го така со уште едно прекрасно сведоштво за големината и силата на љубовта Христова.
За таа силна љубов Христова сведочат и Вашите многубројни штитеници, кои, барајќи спас од злото и порокот во себе, овде пронајдоа татковски подадена рака, ставија нов почеток на својот живот, и откако личносно се преобразија, се вратија во своите домови и места, со своите дела на ближните им Го посведочија Христа и станаа корисни членови на заедницата.
А зарем плод на таа Христова љубов во Вас не се и браковите склопени овде и децата, кои иако не прозборувале, го исполнуваат псаломски кажаното: ,,Од устата на новороденчињата и доенчињата си ја создал похвалата Своја“ (Пс 8,2).
Вашата скромност како да им зборува на сите: ,,Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај му слава, заради Твојата милост, заради Твојата вистина“ (Пс. 113, 9), и затоа, поучени од Вашиот пример, со голема благодарност извикуваме: Слава на Бога за сè! Слава Му што ни даде таков благословен корен преку кого излезе дрвото со плодови, на кое ние монасите сме само листовите, а како што вели старецот Софрониј Сахаров, кога еден лист се моли за себе, се моли и за останатите листови, а плодовите - сами ќе се препознаат.
Нека Пресветата Владичица Ве закрилува и поткрепува во Вашиот подвиг што го правите за спасение на душите наши!
На многаја лета, возљубен наш старецу!“
Благодатта од вечерната богослужба блесна во полн сјај за време на божествената архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, митрополит Тимотеј. Нахранети со светите Христови дарови, присутните се удостоија да ја примат и поуката од благодатното слово на нашиот возљубен надлежен архиереј:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Во денешното свето Евангелие на светата Литургија ги слушнавме зборовите на Господа Исуса Христа, запишани преку евангелистот Јован: ’Јас сум вратата, кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси; ќе влезе, и ќе излезе, и пасиште ќе најде... Јас сум добриот Пастир; добриот пастир си ја полага душата своја за овците‘ (Јн. 10, 9 и 11). Господ Исус Христос за време на проповедањето на словото Божјо, честопати употребува различни параболи, за да може големите божествени вистини да ги објасни на еден едноставен, разбирлив начин за широките народни маси. Токму така и во денешното Евангелие, Црквата Божја ја споредува со врата, преку која се влегува, се добиваат благодети преку светите тајни и се спечалува живот вечен. Термините ’влегување‘ и ’излегување‘ ни зборуваат за двостраноста на човековата личност, односно за надворешниот човек, она што се гледа, и за внатрешниот, духовен човек, којшто не се гледа. Но, внатрешниот човек е главниот фактор, од кој најмногу зависи како ќе се восприми учењето на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, и дали ќе се живее според истото. Апостолите, добивајќи ја благодатта Божја, го ширеле словото Божјо без каков и да е страв по целиот свет, воопшто не плашејќи се за нивниот живот. Преку таа силна вера, пак, Евангелието било проширено по целата вселена. И покрај тоа што биле прости рибари и неуки, во споредба со тогашните фарисеи, садукеи и книжници, тие го проповедале, го ширеле и го утврдувале словото на вистината, правдата, љубовта кај народот Божји.
Господ Исус Христос за Себе вели дека е ’добар Пастир‘. Добриот Пастир си ги познава Своите овци и тие Го познаваат Него и одат по Него. За разлика од добриот Пастир, крадците се однесуваат наемнички и ги оставаат овците при секоја опасност: ’А, наемникот кој не е пастир и кому овците не се негови, види ли волк да доаѓа, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците. Наемникот бега, зашто е наемник и не се грижи за овците‘ (Јн. 10, 12-13). Господ Христос се покажува како добар Пастир, како вистински проповедник, Кој е подготвен да го жртвува и Својот живот за словесните овци. Додека, пак, фарисеите и книжниците, се претставени како крадци и наемници, бидејќи му попречуваат на народот Божји да влезе во Царството Божјо. Тие со разните закони и формалности, му ја затвораат на верниот народ вратата на рајот, истовремено грижејќи се само за своето добро и за личното богатство. Спасителот Христос од преголема љубов кон човечкиот род ќе прими човечко тело, но исто така ќе претрпи и понижувања, страдања, за на крај да го заврши Својот живот на Крст, а сè со цел да го спаси и избави човечкиот род од грев. Токму преку тој Крст, Христос покажува дека е добар Пастир, Кој се жртвува за спасението на Своето стадо.
И светиот Партениј Лампсакиски, кого денеска го празнуваме, претставува вистински пример за добар пастир. И тој, уште како дете, ревносно Му служел на Христа и на светата православна Црква. Светиот Партениј ги уништил сите многубожечки идоли, а изградил повеќе свети цркви и манастири. Тој, земајќи го својот крст, живеел и работел за доброто на своето стадо, сè до последното негово издихание во IV век. Да се обратиме со искрена молитва кон св. Партениј Лампсакиски, преку неговото застапништво да се отворат и дверите на нашето срце, та слушајќи ги Христовите зборови за добриот Пастир, да ги засакаме и да ги примиме, па да Го проповедаме и исповедаме нашиот Спасител. Да го правиме тоа не само формално, фарисејски, туку со целиот наш живот, како вистински следбеници на нашиот Спасител, Господ Исус Христос.
Ја користам оваа прилика, на архимандритот Партениј, игумен на оваа света обител, да му го честитам именденот и да му посакам здравје и духовна радост во раководењето на братството и сестринството во двата манастира.
На многаја и благаја лета, високопреподобни архимандрите!“
Извор: Бигорски манастир