Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Крива Паланка на Свето Благовештение (07.04.2013 21:29)

Денес, во соборниот храм на свети великомаченик Димитриј во Крива Паланка, на покана од надлежниот епархиски архиереј Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, а по повод Третата недела од Великиот пост – Крстопоклона и празникот Свето Благовештение, Епископот Лешочки г. д-р Јосиф во сослужение со кривопаланечкото архиерејско намесништво, благоволи да богослужи Божествена Архиерејска Литургија. По Литургијата Епископот се обрати кон мноштвото верници за кои храмот беше премал да ги собере.

 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Денес е почетокот на нашето спасение и откривање на предвечната тајна: Синот Божји, Син на Дева станува, а Гаврил благодатта ја благовестува, затоа и ние со него, Богородице, воскликнуваме: „Радувај се Благодатна, Господ е со Тебе“. 

Благовештение е најрадосниот и најсветлиот ден во годината. Тоа е празникот со кој е поврзано ликувањето и прославувањето на светот и животот. Светот и животот видени низ призмата на христијанството. Центарот на овој празник е пораката упатена кон Пресвета  Богородица од Архангелот Гаврил: РАДУВАЈ СЕ!

Тој поздрав е потполно туѓ, како за тоа време, така и за денешното време. Туѓ е и неразбирлив, зашто светот во кој што живее човекот после падот, не може да разбере што значи човекот да се радува. Надвор од заедницата со Бога нема радост. Во светот нѐ опкружува тага, темнина и смрт. Земјата стана место на беди и неволји, место на несреќи и суети.

Возљубени  во  Господа! Пораката на Архангелот Гаврил до Пресвета  Богородица, две илјади години трепери во овој свет, ги потресува и ги разбранува човечките срца, бидејќи ја објавува благата вест за почетокот на спасението на човекот. Спасение од смртта.

Одговорот на Пресвета Богородица претставува одговор даден во името на целото човештво:  „Еве ја слугинката Господова; нека ми биде по зборовите твои“ (Лк. 1,38). Тоа е одговор што го изразува бескрајното смирение, целосното самопредавање, чистотата и верноста на Марија. Нема ништо поубаво и повозвишено од човечкиот лик на оваа Девојка и затоа на Неа Ѝ се радува сета твар.

Драги браќа и сестри, да се радуваме и ние, затоа што во ликот на Пресвета Богородица е победено злото во светот и Таа претставува наша утеха и поткрепа на патот кон воспоставување на нарушената заедница со Бога. Со благата вест, Бог повторно ги даруваше луѓето со Својата благодат, и оттогаш започна да се извршува тајната на спасението  на светот. Затоа го прославуваме овој празник, и затоа овој ден останува засекогаш да биде  празник на радоста и светлоста.

Царот Соломон, кој што од Бога ја доби сета светска мудрост за испитување на тајните на природата, кој што со таа мудрост како човек го видел небото и земјата, сѐ што минало, сѐ што е и што ќе дојде, заклучил дека на светот под сонцето, нема ништо ново. Но, на денешниот ден, еве Бог прави нешто ново, што не било, и ниту некогаш ќе биде. Марија станува мајка на Бога. Тоа е нашата најголема тајна, тајна на натприродната врска на двете природи – Божествената и Човечката и тоа во Едната Личност на Синот Божји, Кој е совршен Бог и совршен Човек.

Возљубени во Господа, Благовест се случил во Назарет – а Назарет значи осветување. Со Благата вест се освети човечкиот род. Благовест се случил во месецот Март (според стариот календар), бидејќи тогаш било создавањето на светот. Со Благовест се случило и препородувањето на светот. Со создавањето на светот, од земјата за прв пат, без семе израснале различни растенија, па и сега за прв пат Дева зачнува без маж. Бог слезе од небото, за човекот да се издигне на небото. И како што слегувањето Божјо на земјата беше благовестено од Архангелот, така Бог на секој човек му даде Ангел Пазител, да го чува и да го спасува од грев и неволји. Но, човекот како слободно и разумно битие, како слика и прилика Божја, своето спасение треба и сам да го заслужи, својот живот чесно и богоугодно да го живее.

Синот Божји беше жртва за нас, затоа да се поклониме побожно и благодарно пред Христа Спасителот наш, Кој не ја презре нашата природа, туку заради нас се понизи и образ на слуга прими. Со своето страдање на крстот и смртта на Голгота, Синот Божји ја искина книгата со нашите гревови и ни даде право да бидеме чеда Божји. Ни го даде Своето Пречисто Тело и Својата Пречиста Крв, како залог за нашето воскресение и животот вечен.Славејќи ја милоста и човекољубието Божјо, Ја славиме и Неговата Пресвета Мајка, Која учествуваше во големата тајна на нашето спасение. Таа е најубавиот украс и најголемата чест и слава на целиот човечки род, бидејќи во Неа човечката природа беше соединета со Бога. Затоа светата Црква радосно Ја слави и Ја велича како почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите.

Драги браќа и сестри, во нашите молитви секогаш искрено да се обраќаме кон Пресвета Богородица, Мајката на нашиот Бог, зашто Таа ги услишува нашите молитви и е наш застапник пред Бога, Таа е благословена меѓу жените и Господ е со Неа.

По молитвите на Пресвета Богородица, Господи Исусе Христе Сине Божји, помилуј нѐ!  

На крајот Епископот ги причести верните со Светите Христови Тајни.

 

 

Известува: ипоѓакон Александар Стефановски