Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Духовен концерт „Страдањата Господови“ (23.04.2013 09:02)

На 24ти април 2013 година, во Универзална сала во Скопје, со почеток во 20:00 ч., ќе се одржи духовен концерт „Страдањата Господови“. На концертот, кој е организиран од страна на свештениот Бигорски манастир и поддржан од Министерството за култура, ќе бидат изведени избрани карактеристични песнопенија од богослужбите на Страсната Седмица. Стихирата од Великиот Понеделник: „Одејќи Господ на доброволни страдања“; тропарот од првите дена на Страдалната Седмица: „Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ“; стихири од Велики Петок и Велика Сабота, меѓу кои и „Денес виси на дрво“; делови од трите Статии на оплакувањето Христово, меѓусебно проткаени со читања на трогателни стихири од Посниот Триод, како и воскресниот тропар, се дел од содржината на концертот. Токму затоа овој музички настан е поставен непосредно пред почетокот на Страсната седмица.

 

Во изведбата на познатите мелодии ќе земат учество: нашиот познат поп-пејач Димитар Андоновски, монахињата Касијана од манастирот во Рајчица, хорот на свештената Бигорска обител, како и специјален гостин од Грција, сите тие проследени со прекрасните созвучија на Македонската филхармонија. Водител, пак, на ова несекојдневно музичко доживување ќе биде познатиот наш актер, Владо Јовановски. Автор на оркестрација на циклусот „Пасхално ехо“ е Живојин Глишиќ, а на циклусот „Господови страдања“ Владимир Димовски. Бигорскиот манастир, заедно со своите соработници, го посветува овој концерт на два многу значајни јубилеи од оваа година: 1700 години од објавувањето на Миланскиот Едикт, со што христијанската вера добива слобода и 1150 години од славната Моравска мисија на светите Браќа Кирил и Методиј, сесловенските учители и просветители.

 

Концертот има хуманитарен карактер, при што собраните средства од билетите ќе послужат за возобновување на конаците во Бигорскиот манастир и во манастирот „Трескавец“.

 

Би сакале да ве известиме дека поради големиот интерес за концертот, влезниците се веќе распределени, но сите оние кои би сакале да го гледаат концертот, а не добиле влезници, ќе можат да го проследат директниот пренос од овој концерт на собранискиот канал на МТВ.

Извор: Бигорски манастир