Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Од духовниот концерт „Страдањата Господови (26.04.2013 22:57)

Додека во мислите ни навираат слики од вчерашното торжество, срцата ни се полнат со благодарност. Слава Ти, Боже, што нас, недостојните, нè обдари со таков чудесен дар! Каква радост за нашите души! Каков поток од сладост за нашите срца, кои секогаш жеднеат за Тебе и не можат никогаш да се наситат од Твојата љубов! Овој силен изблик на благодат духовно го закрепна нашиот верен народ и разгоре кај сите голема ревност за што попредано да се соживеат со Христовите страдања, и откако ќе споделат барем една нишка од Неговата болка и искупителна жртва, да станат учесници и во Неговата воскресна радост. 

Зашто не бевме осамени во оваа неискажлива духовна радост. Вчера со нас празнуваше цело Скопје и целата наша татковина. Нашиот благочестив народ со љубов ја прегрна можноста да Го прослави Бога на ваков несекојдневен начин, заедно со нашата света обител и нашите соработници: Македонската филхармонија под диригентската палка на Ле Фи Фи, авторите на оркестрација Живојин Глишиќ и Владимир Димовски, Министерството за култура на Република Македонија, „Горила“ - продукција, Елена Лука - креатив, МТВ, Акцент медиа и Лазов компани. Срцата на сите присутни во преполнетата Универзална сала, како и на оние кои од своите домови го следеа директниот пренос, беа сплотени во една иста крстовоскресна радост, која чиниш го обои градот со поведри бои и насекаде ја објави пораката што нашата света Мајка - Црквата ја испраќа преку ова духовно музичко доживување. А пораката извираше од секоја стихира што низ прекрасните византиски мелодии така умешно ни беше предадена од страна на учесниците, познатиот поп-пеач Димитар Андоновски, кој со голема побожност и трогнатост од стиховите, прекрасно и со забележителна возбуда пееше на овој концерт, монахињата Касијана од манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица, хорот на Бигорскиот манастир, водителот Владо Јовановски, читачите од Посниот Триод Горан Начевски и Ернес Ибраимоски, виртуозот на ут, Константин Сековски и бројни други гости. Порака до сите нас, дека, ете, приближи времето низ богослужбите на претстојната Страсна седмица одново да си спомнеме за Страдањата на нашиот возљубен Спасител и со благодарност да Го прославиме, не презирајќи ја Неговата жртва. Сепак најсилно одекна пораката испратена од нашата почесна гостинка од Грција, многупознатата пеачка на византиски и традиционални песни, г-ѓа Нектарија Каранѕи, чиј настап ги воодушеви сите и беше пречекан со восхит и силни аплаузи. Трогната од покажаната љубов, таа се обрати до присутните во салата и искрено се заблагодари за топлиот прием, при што посебна благодарност упати до нашиот старец, архимандритот Партениј, кој ја покани оваа прославена грчка пеачка да земе учество на концертот и се погрижи за гостољубивиот пречек во нашата земја. Ова е прв настап на почитуваната г-ѓа Каранѕи кај нас, и со оглед на нејзиниот голем авторитет во црковните кругови во Грција, но и во целото Православие, како амбасадор на византиската музика, нејзиното учество на концертот е голем чекор кон зближување на народите, како што и самата таа нагласи во своето обраќање:  

„Чест ми е што сум во вашата земја. Ви благодарам на сите за вашата љубов, особено на Бигорскиот манастир ’Св. Јован Крстител‘ и метохот ’Св. Георгиј Победоносец‘ и на нивниот игумен, архимандритот Партениј. Нашите народи имаат многу повеќе сличности отколку разлики. Во Истиот Бог сите ние заедно сме браќа. Во Неговата љубов најмалку што можеме да направиме ние, православните, е да имаме љубов и братољубие помеѓу себе. Се надевам дека ова е патот што ќе го последуваме и дека ова е првиот чекор, зашто Вашата љубов ме трогна од првиот миг кога пристигнав во вашата земја“. 

А дека овој концерт навистина беше голем чекор за нашите народи, доказ беше и присуството на истакнатиот професор и доктор по византиска музика и пеење на Факултетот за музички науки при универзитетот Македонија, на катедрата по византиска музика, архимандритот Нектариј Парис, кој не можеше а да не го искаже своето задоволство од високото професионално ниво на организацијата и изведбата, и многу позитивно ја оцени целокупната музичка манифестација. 

Беше прекрасно да се види како овој духовен музички настан во името на Христа ги собра на едно место претставниците од сите општествени кругови, па така меѓу присутните верници, покрај архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан и повеќе членови од Светиот Архиерејски Синод на нашата Црква, беа и Претседателот на собранието на Р. Македонија, г. Трајко Велјановски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, г. Велимир Стојкоски, бројни претставници на црковното и државното началство, наши истакнати академици и професори, амбасадорот на САД, Неговата Екселенција Пол Волерс, и други членови на дипломатскиот кор во Р. Македонија, како и повеќе новинари и претставници на медиумските куќи. 

Силен аплауз на присутните предизвика и спомнувањето на двата значајни јубилеи, на кои н? потсети годинешниов концерт: 1700 лета од објавувањето на Миланскиот едикт на светиот благоверен цар Константин Велики, со кој најпосле престана гонењето на светата Христова Црква, зашто и таа, подобно на својот Спасител и Возглавител, три века беше беспоштедно гонета и распнувана, посведочувајќи ја Вистината со крвта на своите многубројни маченици; и 1150 лета од славната богоблагословена Моравска мисија на нашите родоначалници и најсвети татковци, светите рамноапостолни и сесловенски учители и просветители, Кирил и Методиј.

 

Видео

 

Извор: Бигорски манастир