Vesti i nastani
 
 
 
 
 

ВОСКРЕСЕНИЕ ХРИСТОВО – ПАСХА (05.05.2013 12:47)

Блескаат денес небозрачните лачи на Празникот над празниците и со радост се исполнува целата вселена! Се испразни царството на адот, торжествуваат небото и земјата! Преградите паднаа, поделбата се укина, клетвата се разреши, мракот се распрсна, светлината засветли, смртта се уништи, животот победи! Има ли нешто по целата земја еднакво по убавина на денешното торжество!? Ете, Благословениот, со Својата неизмерна и неискажлива љубов, ги повикува денес Своите чеда на вечерата на нетлениот живот. Чујте ја затоа сите на Воскресението непоимливата тајна - три дена Спасителот Христос беше при смртта и нејзините заробеници ги ослободи, нејзиното мрачно живеалиште го разруши, го воскресна родот наш. Пред тоа смртта се превознесуваше и гордо се фалеше: „Јереи и цареви држам затворени во своите обители“. Но, ненадејно, како молња, возљубениот Син Божји се втурна во тоа царство на мракот, а Неговиот глас победнички одекна тука и стави крај на неговата слава. Зашто Адот, тој жесток мачител, што безмилосно ги голташе во себе прекрасните и богообразни души, Го проголта така и Најпрекрасниот, и Пресветиот во свое владение Го грабна. Незнаејќи, во своите темни палати Го воведе Оној Кој Самиот е Светлина и Творец на светлината и Семоќниот во себе Го сокри. Но воскресна Силниот во Своето величие, ја врза смртта во нејзиното споствено живеалиште, го окова и победи мачителот кој над човештвото владееше. Христовиот глас го исполни царството на гибелта и мачителот падна и приклони глава. Тој глас го повика Адама од темнината во којашто беше потонат и со љубов му зборуваше: „Каде си, прекрасен Адаме, кој некогаш беше измамен и на смртта предаден? Воскресни сега, прекрасен, и нека се возобнови величествениот твој образ. Еве столчена е веќе главата на змијата, и смртта и сатаната се умртвени. Воскресни преку Единородниот Син и возвеличи Го Отецот и Духот! Тој ги воскресна твоите чеда за да наследат вечен живот во брачниот чертог. Воскресни, прекрасен Адаме, создаден од раката на Отецот; те очекува Едем - твоето живеалиште, Рајот што заради престапот твој го изгуби. Стани и заедно со твоите чеда воскресни, преку силата на Оној Кој те создаде во почетокот. Одамна тагува за тебе рајската убавина...“

 

 О, Христе, Цару на сите, се слушна јасно на Пасха овој Твој највозљубен и најпрекрасен глас, се почувствува силно во души наши овој Твој најпосакуван повик! И кој може со зборови да го искаже ова божествено славење, кога самите слова немоќни се да го сторат тоа! Ликува и зрачи Бигорската обител, се весели храмот облечен во цвеќе и невечерна светлина, се радуваат и светат илјадници лица, го славословат воскресението многубројни души! А меѓу нив, на голема радост и чест на сите, и нашиот многупочитуван и благочестив Претседател, г. Ѓорѓе Иванов, со своите најблиски. Во таа пасхална вечер, во која се соединети небото и земјата, еден видлив знак многубројните лица ги правеше како едно - таа таинствена светла насмевка на лицето и на срцето, насмевка што не е одовде, небесна е, и на која со јасни букви е напишано: Навистина Воскресна! И кога некој би посакал сето тоа небоземно веселие со еден збор да го опфати, сето тоа ангелско и човечко ликување низ слово да го живописа, тој сигурно би рекол само: светлина, светлина, и одново, во чест на тридневното Воскресение Христово, светлина! „Дојдете, примете светлост од невечерната Светлина и благословете Го Христа, Кој воскресна од мртвите“ - благодатно распеан, тој прекрасен и сладок глас на нашиот возљубен старец, нашиот татко во Христа, архимандритот Партениј, победнички ја објави славата на оваа единствена воскресна ноќ, ноќ која е вистинско сведоштво за тоа дека најмилиот ни Христос е жив и дека е со нас, дека сме и ние живи во Него, Воскреснатиот и вечно Живиот. Елате сите вие, спознајте ја зората на таинствениот ден на Царството Небесно. И како непосрамено сведоштво за таа зора, како прозорче што барем малку ѕирка во неа, гледајте како блеска силно Благодатниот оган од благословениот Ерусалим, тој невештествен оган од Гробот Господов, кој и оваа година пристигна на полноќ во нашата обител, облагодатувајќи ја со својата чудесна светлина целата оваа празнична ноќ. И мудро беседеше нашиот старец дека ако големците на еден народ тргнат по Христа, тогаш голем ќе биде благословот за тој народ и благословена ќе се нарече неговата татковина. Оттаму и честа што тој му ја даде на нашиот Претседател да го пречека Благодатниот оган и во свои раце да го пренесе до храмот на Претечата, кој во оваа пресветла ноќ по благодат беше рамен на храмот на Воскресението.

 

 ...И воскресна Адам, Му се поклони на Господа, Кој слезе во најдолните места да го побара и Нему радосно Му воскликнува: „Заедно со своето потомство Ти се поклонувам Тебе, Господи, Кој дојде да нѐ воздигнеш и обновиш нас, паднатите! Ти се поклонувам, Благи, и Ти благодарам Спасителу, Кој го избавуваш нашиот живот од смртта, што толку долго ги држеше заробени моите рожби. Нека сите ги посети Твојата безмерна милост, Животу наш и Светлино наша. Зашто на почетокот, според Твоето човекољубиво благоволение, Ти нѐ постави во Рајот. Еднаш таму јас го слушнав Твојот глас и се исплашив. Но, штом одекна во моите уши гласот Твој во местото на гибелта, каде што лежев, се охрабрив со духот. Слава Ти на Тебе, Господи, што ме спасуваш! Слава Ти на Тебе, Кој воскресна и мене, мртвиот, со Тебе ме совоскресна! Целиот наш род Ти принесува благодарност за тоа што нас, од гревот нѐ воскреснуваш. Тебе Те фалат вишните сили, кои непрестајано славословија Ти принесуваат; Те исповедаат и оние во преисподната, воскреснати од Твојата сила. Целата вселена и сѐ што ја исполнува Му пее хвала на Твоето Божество и го слави Твоето преславно Воскресение!“

Нека торжествува затоа сета твар со вера, љубов и надеж. Денес е денот на Воскресението, и нека насекаде со победничка сила одекнува воскресниот тропар: „Христос воскресна од мртвите, со смрт смртта ја победи, и на тие во гробовите живот им подари“.

 

                                                        ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

                                                        ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

                                                        ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

 

 

Извор: Бигорски манастир