Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Трета светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог (11.05.2013 13:25)

На Третата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која почна на 10-ти мај 2013 година во Скопје,  учествуваат околу 110 странски и 150 домашни гости. На отворањето на конференцијата говореа македонскиот премиер Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Валентина Божиновска.

Тема на конференцијата е „Слободата и достоинството – основни вредности во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“. Со одржувањето на оваа конференција ќе бидат одбележани три јубилеи: 1700 години од Миланскиот едикт – добивање слобода на христијанството, 70 години од холокаустот на Евреите и 10 години од Самитот на шефови на држави од Југоисточна Европа „Дијалог меѓу цивилизациите“. Конференцијата претставува еден вид продолжување на хуманата визија на покојниот претседател на Република Македонија, г. Борис Трајковски, кој на негова иницијатива, а со помош на УНЕСКО, го реализира првиот Регионален самит на шефови на држави од југоисточна Европа „Дијалог меѓу цивилизациите“ во 2003 година, во Охрид.

Како и претходните конференции, Третата светска конференција се реализира во рамките на Глобалната агенда на ООН и УНЕСКО за дијалог меѓу цивилизациите и финансиски е поддржана од Владата на Република Македонија и од УНЕСКО.

Во  програмата на 11 мај,  преку одржување три пленарни сесии, пред светската јавност ќе се отворат темите: „Плуралистичките општества и религиската толеранција”, „Да се живее заедно со почит кон различностите“ и „Придонесот на медиумите за меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог“.

Низ дискусија ќе се афирмираат улогата и важноста на слободата и на достоинството како универзални човекови права и основни вредности, ќе се дискутира за улогата на религиската толеранција во плуралистичките општества и ќе се нагласи дека културната и религиската различност треба да се сметаат како богатство и предност бидејќи различните културни и религиски традиции имаат голем креативен потенцијал и претставуваат средства за заемно разбирање и почитување.

„Сите ние треба да го дадеме својот придонес во меѓучовечките, меѓурелигиските и меѓукултурните односи“, изјави премиерот Никола Груевски.

„Денес живееме во време кога потребата од дијалог и религиска толеранција е поголема од кога било и истата потреба како никогаш досега влијае врз заштитата и одржувањето на глобалната безбедност. Религиите како чувари на духовното влијаат врз развојот на човечката душа и нејзините погледи кон светот, а миротворното однесување носи плод на соживот и хармонија за сите. Светиот апостол Матеј пишува: „Благословени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“. Токму затоа, нека секој од нас се посвети на својата од Бога дадена мисија да постане миротворец и допринесе за убавината на својот дом и својата татковина. Божјото царство е во срцето на секој човек и претставува основа на секоја заедница. Нека секој од нас погледне длабоко во себе и ги пронајде најубавите начини за приближување на различностите меѓу луѓето и различните религиски заедници, бидејќи преку меѓусебното почитување, соживот и размена на знаење создаваме траен систем на вредности кои придонесуваат кон одговорна и човекољубива световна власт. Јас сум уверен дека темите на оваа Конференција ги посочуваат областите на кои треба вредно да се работи во насока на исполнување на нашите заеднички цели. Владата на Република Македонија како досега, така и во иднина ќе ги поддржува сите иницијативи кои се однесуваат на јакнење на довербата и соработката меѓу народите, различните нации, религии и култури. Тоа е наша должност, како граѓани на Македонија која од секогаш била крстосница на разни култури и религии, што допринело да се создаде традиција на негување на етничката и религиска толеранција и широко почитување на универзализмот и хуманизмот“.

На отворањето на конференцијата присуствуваше и имаше свое обраќање Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан: „Според христијанското учење, слободата е еден од основните дарови со кои Бог го удостоил човекот. Меѓу другото и во тоа се познава и гледа љубовта со која Тој го обдарил човечкиот род. Давајќи му го тој дар, го дарувал не само со способноста да прави избор, туку слободоволно слободоумно, без каква и да е принуда да го прави тој свој избор. Но најмногу од се ползувајќи го дарот на слободата, човекот може да ја надмине секоја обврзаност и принуда, односно да го одбегне заробеништвото и заточеништвото од сѐ она што го прави да не биде тоа што треба да биде – сознание по образот на Бога. Всушност, преку слободата, човекот се надминува и победува себеси. Токму затоа, слободен е оној човек, во вистинска смисла на зборот, кој успеал да се реализира, да ја исполни целта на своето постоење, да стане личност, врз основа на следниов принцип: Ако вие останете во Моето слово, навистина ќе бидете Мои ученици; и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи (Јован 8, 31-32),“ рече Архиепископот Стефан во обраќањето пред присутните делегати и претставници од повеќе конфесии и вери од целиот свет.

На првиот ден од Третата светска конференција се одржа промоција на книгата „Собрани дела на Св. Климент Охридски“ во издание на Македонската Православна Црква Охридска Архиепископија. Промотори беа Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и преведувачот на ова дело од старомакедонски протопрезвитер д-р Јован Таковски.

Првиот ден од конференцијата  заврши со прием за учесниците што го приреди претседателот на Соранието г. Трајко Вељановски.