Vesti i nastani
 
 
 
 
 

МПЦ–ОА одликува 15 бизнисмени, академци, професори по повод 45-годишнината од автокефалноста (04.06.2013 17:55)

Денес, Македонската Православна Црква по повод 45-годишнината од возобновувањето на  автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, на 15 истакнати македонски стопанственици, академици и професори им додели столна медалја од редот на Светиот Македонски Крст, на тој начин заблагодарувајќи им се за нивниот придонес во македонското национално, културно, духовно опстојување и творештво.

Господинот Горан Стојановски говореше за изработката и значењето на ова одличје: „Одличјето 45 години автокефалност е изработено во форма на столна медалја од редот на Светиот Македонски Крст, и како официјално црковно одличје се јавува за првпат на територијата на Република Македонија. Медалјата, 45 години автокефалност на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија е изработена со техника на ковање во т.н. пруф технологија. Има обем од 60 mm, дебелина од 7,2 mm и тежина од 180 грама. Медалјата во основа на аверсот има претстава на Светото Благовештение – Пресвета Богородица и Архангел Гаврил, мотив кој е земен од иконата на охридските мајстори-иконописци од почетокот на 14 век. Воедно претставата била и печат на Охридската Архиепископија. Околу претставата на Благовештението е испишано: „Јустинијана Прима – Охридска Архиепископија – Македонска Православна Црква“. На реверсот од медалјата претставена е стилизација на Македонскиот Крст од Манастирот на Пресвета Богородица Елеуса во Вељуса од 11 век (поточно од 1085 година), окoлу кој стои натписот: „45 години автокефалност“. Истиот крст се наоѓа и на официјалниот грб на Македонската Православна Црква. Столната медалја како и сите нејзини пропратни елементи се изработени од страна на македонската ковница „Јустинијана Примаод Скопје.“

 

Столната медалја од редот на Светиот Македонски Крст на добитниците им беше доделана од поглаварот на Македонската Православна Црква, Неговото  Блаженство, Архиепископот  Охридски и Македонски, и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан.

 

 

Добитници на наградата се:

 

1.    г. Душан Туџаров, генерален директор на „Реплек“ - Скопје
2.
    г. Симон Наумоски, генерален директор на „ВИТАМИНКА - Прилеп.
3.    г. Доне Таневски,  генерален директор на „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“ - Скопје
4.
    г. Јордан Камчев, главен извршен директор на „АЏИБАДЕМ СИСТИНА“ - Скопје
5.
    г. Илија Гечев, генерален директор  на „ИГМ Трејд“ - Кавадарци
6.
    г. Мите  Николов,  генерален  директор на „БРИЛИЈАНТ“ - Штип
7.
    г. Илија Илоски, главен оперативен директор на „Комерцијална банка“ АД - Скопје
8.
    г. Цветан    Панделески,    сопственик на „ПЕЛИСТЕРКА“ АД - Скопје
9.
    г. Николајчо Николов, заменик-генерален директор на Рудникот „БУЧИМ" - Радовиш
10.
  Академик Владо Камбовски, претседател на Македонската академија на науките и уметностите.
11.
 Академик Таки Фити,
12
 Академик Катица Ќулавкова,
13
 Академик Митко Маџунков,
14.
  г. Златко Жоглев, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски" во Битола и
15.  
г. Стефан Георгиевски, професор на Правниот Факултет во Скопје, во пензија

 

Академик г-ѓа Катица Ќулавкова се заблагодари во името на наградените со следните зборови:

 

 

Ваше Блаженство, г.г. Стефан, Ваши Високипреосвештенства, 

Уважени дами и господа,



Претставува голема чест да се биде добитник на одличјето „Столен медал со Македонскиот крст“, на Македонската Православна Црква, токму по повод 45- годишнината од обновата на Охридската Архиепископија, македонски наследник на Јустинијана Прима, во лицето на Македонската Православна Црква.

Зошто, дури и за нас, академици, стопанственици, универзитетски професори, сите претставници на секуларната матрица, е толку битна Македонската Православна Црква?
Дали затоа што во ликот на Охридската
Архиепископија, како легитимна, еминентна и компетентна институција на христијанството и на православното христијанство, е супституирана државноста на Македонците, во продолжение, од десеттиот до крајот на 18-от век;

Дали затоа што, тој неспорен и признат континуитет на Охридската Архиепископија, може да се смета за коректив на половичната теза за дисконтинуитетот на македонската држава и за отсуството на капацитет за државотворност кај Македонците?
Дали затоа што внатрешниот простор на секоја македонска православна црква, освен што е духовен и сакрален во изворна религиска смисла, всушност е постојан галериски простор на визуелните уметности, простор на којшто се создавале врвни и оригинални уметнички дела од ликовните уметности, олицетворени во фреско сликарство и иконо-писание, во резбарство и копаничарство?

Дали затоа што градењето цркви прераснало во посебна уметност на неимарството?
Дали затоа што црквите низ Македонија се, не ретко, скровиште на најречита созвучност, на духовна и хорска музика и полифонија, место каде што со збиднувала и сè уште се збиднува
магијата на акустичноста?

Дали затоа што црквите и манастирите ширум Македонија биле средишта на книжевниот живот, промотори и заштитници на македонската писменост?

Дали затоа што токму со постоењето на Охридската Архиепископија се поврзува најраниот опстанок на глаголицата, на глаголското писмо кое е спрега на сакралната, јазичната, графичката и нумеричката симболичност?

Дали затоа што историјата на Македонската Православна Црква видена низ призма на историјата на Охридската Архиепископија е – воедно – историја на македонскиот јазик, чијашто прва кодификација е востановена со кодификацијата на црковнословенскиот јазик, за подоцна да ги следи спецификите на македонските говори, да ги меморира, и да го изгради препознатливиот код на македонскиот црковнословенски израз?

Дали затоа што бројни реторички и музичко-книжеви жанрови, меѓу коишто беседништвото и химнографијата, опстанале под закрила на Македонската Црква?

Дали затоа што свеста за посебноста на македонскиот етнос се негувала заедно со свеста за посебноста на Охридската Архиепископија, заедно со развојот на нашата црковна институција и традиција, денес проектирани во Македонската Православна Црква?
Дали затоа што македонскиот морален кодекс се создавал како проекција на христијанскиот православен кодекс, како што, впрочем секаде и секогаш етиката, во практиката, ги проектира религиските норми, а низ нив и доминантниот поглед на свет?

Одговорот е – се разбира – реторички потврден: Да, чест е да се биде добитник на столниот медал на МПЦ, поради сите наведени значења и функции на Македонската Православна Црква, и одделно и заедно.

И уште повеќе, честа е радост која произлегува од свеста за потребата, и во рамки на една секуларна држава, каква што е денес Република Македонија, да се сочува и да се развива уште повеќе, историски стекнатата културна, образовна и општествена улога на Македонската Православна Црква, да се сочува единството на македонскиот православен свет, да се покаже разбирање за иноверните и конвертираните, да се врати моќта на духовниот Ум и Реч, да се затвори и да се реши прашањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква, да се биде чинител на современиот опстанок на македонскиот народ, кој е исправен, сега и тука, пред нови предизвици и нови искушенија!

Ви благодарам во име на сите добитници на ова благородно и уметнички изведено признание, ви благодарам на напорите што ги правите да воспоставите дијалог со новата духовност, со современата интелигенција, со сите оние кои ја афирмираат македонската култура, уметност и наука ширум светот, оние кои создаваат нови дела, но не ја забораваат традицијата.

 

Хорот „Хармосини“ од Скопје, со своето прекрасно старо македонско црковно пеење  ја збогати денешната свеченост.