Посета на Теолошките факултети во Романија (I дел) (17.06.2013 17:35)
На 10 јуни 2013 година делегацијата во состав на деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Ацо Гиревски, протопрезвитер-ставрофор и еромонахот д-р Григориј (Настески) во придружба на амбасадорот на Република Македонија во Романија, Н.Е. д-р Панде Лазаревски, оствари средба со раководството на Богословскиот факултет во Крајова. Делегацијата беше примена од деканот на Богословскиот факултет при Универзитетот во Крајова, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот на Олтенија г. Иринеј Попа, а него го придружуваа протопрезвитерот проф. д-р Адријан Иван, продекан и уште двајца советници, луѓе од информативната служба на нивната телевизија.
Амбасадорот на Република Македонија Н.Е. д-р Панде Лазаревски, кој што беше организаторот на овие мошне значајни средби, се заблагодари за приемот и ја претстави нашата делегација.
Деканот проф. д-р Ацо Гиревски ги пренесе поздравите од Поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Неговото Блаженство, архиепископот г. г. Стефан и од проф. д-р Велимир Стојковски, ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а потоа ги запозна домаќините со МПЦ, УКИМ и со дејноста на Богословскиот факултет во Скопје.
Митрополитот г. Иринеј откако искажа задоволство за присуството на нашата делегација, го претстави Богословскиот факултет во Крајова и начинот на функционирањето во рамките на Универзитетот, потоа зборуваше за пренамената на факултетската зграда, а меѓу другото ни ги покажа новите лаборатории за конзервација и заштита на икони и стари слики, како и лабораторијата за обезпрашување, заштита, подврзување и укоричување на ракописни и старопечатени книги. Факултетот има три оддели: катедра за теологија; катедра за социјална работа и катедра за уметност, а секоја катедра има по шест програми – од кои само програмата за теологија е 4 години а другите се со три години и плус последипломски студии (мастер) две години. Исти програми, со мали исклучоци имаат и другите теолошки факултети што беа посетени. На крајот Митрополитот г. Иринеј изјави дека соработката помеѓу Универзитетите, односно теолошките факултети би можеле да бидат силни алки за поврзување на двата народи, но и надеж за решавање на прашањето за признавање автокефалноста на Македонската Православна Црква. Тој со голем интерес ја следел дејноста на МПЦ, а освен тоа и лично се запознал со Поглаварот на нашата Црква г.г. Стефан на погребот на Бугарскиот патријарх, што за него претставува дополнителен мотив за повторна средба.
Од срдечните разговори произлегоа многу прашања за искрена соработка и размена на информаци. Откако беа разменети подароци во книги (на дар ни беше дадено фототипско издание на илумираното Евангелие на игуменот Никодим Прилепски – Тисмански од втората половина на 14–от век). Деканот, митрополитот г. Иринеј го покани деканот на Богословскиот факултет проф. Гиревски, заедно со Ректорот на УКИМ проф. д-р Велимир Стојковски на есен кога ќе има и студенти да ја посетат Крајова и да потпишат договор за соработка. Тие веќе таков договор потпишале со Софискиот универзитет, односно со Богословскиот факултет.
Во Крајова, ние делегацијата од Скопје, заедно со Амбасадорот Н.Е. Лазаревски се сретнавме со претставниците на Македонското друштво во Романија и извршивме помен на гробот на поранешната пратеничка во Парламанетот на Романија Лиана Димитреску. Присуствуваше и мајката на починатата, сега претседател на Македонското друштво во Романија, присутен беше и новиот пратеник на Македонците во парламентот.
Известува: проф. д-р Ацо Гиревски, декан на Богословскиот факултет во Скопје