Посета на Теолошките факултети во Романија (II дел) (18.06.2013 17:36)
На 11 јуни 2013 г., делегацијата во состав на деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Ацо Гиревски, јеромонахот д-р Григориј (Настески) во придружба на амбасадорот на РМ во Романија, Н.Е. д-р Панде Лазаревски, се сретна со Ректорската управа на Универзитетот во Питешти и имаше одделна средба со деканот на Богословскиот факултет. Во Ректоратот делегацијата ја прими: ректорот проф. д-р Ионел Дидеа, кој што во чест на амбасадорот и делегацијата од Македонија беше го истакнал знамето на Факултетот над влезот на Факултетот. Него го придружуваа: претседателот на Сенатот на Универзитетот проф. д-р Николае Бринзеа, проректорот проф. д-р Михаел Брасласу и деканот на Богословскиот факултет, протоерејот проф. д-р Раду Тасковики.
Ректорот проф. д-р Дидеа искажа срдечно добердојде, го претстави Универзитетот во Питешти и покрена неколку значајни прашања во контекст на соработката со двата Универзитети и за работата според Болоњскиот процес.
Н.Е. Амбасадорот д-р Панде Лазаревски заблагодари за топлиот прием, ја претстави делегацијата, пренесе поздрави од ректорот проф. д-р Велимир Стојковски и зборуваше за прашања од повисок интерес.
Деканот на Богословскиот факултет од Скопје, проф. д-р Ацо Гиревски, откако го претстави Факултетот ја отвори темата за имплеменатацијата на Теолошкиот факултет во рамките на нивниот Универзитет во Питешти. По тоа прашање зборуваше ректорот проф. д-р Дидеа, кој што ги разграничи ингеренциите: административно-правните, законските и наставно-научните акредативни програми и прашања му припаѓаат на Универзитетот, додека, пак, Црквата ја има надгледната функција во контролата на учењето и литургискиот дел од практикумот. Финансирањето е целосно покриено од страна на Министерството за образование и наука. Деталите подоцна беа дообјаснети на одделната средба од страна на деканот, протоерејот проф. д-р Раду Тасковики.
Во разговорите кои течеа многу срдечно и искрено ректорот проф. д-р Дидеа истакна дека како претставник на Правниот факултет имало збратимување помеѓу Правниот факултет од Џенова, Питешти и Скопје и дека во иднина планираат вклучување и на Теолошките факултети од овие Универзитети.
Посетата во Ректоратот помина во срдечна атмосфера со заедничко фотографирање и желба за скорешна средба и потпишување на договор за соработка помеѓу Универзитетот на УКИМ и Универзитетот во Питешти.
Потоа во придружба на деканот на Богословскиот факултет во Питешти протоерејот проф. д-р Раду Тасковики го посетивме одделот (катедрата) за реставрација и заштита на икони и слики и книговезницата. Таму ги затекнавме студентите како работат со своите стручни раководители – професори, ангажирани како надворешни соработници. Лабораториите за таа намена биле купени преку Универзитетиот, а биле добиени од МОН.
Делегацијата го посети седиштето на Теолошкиот факултет и ја виде старата дрвена капела, а потоа ги продолжи разговорите со претседателот на Сенатот на Универзитетот проф. д-р Николае Бринзеа, деканот проф. д-р Раду Тасковики, проф. д-р Михаела Станчиулеску, проф. д-р Гарбеа Георге и уште други тројца професори. Разговорите течеа во духот на разговорите во Универзитетот, а беа прецизирани прашањата околу менаџирањето на деканот, партиципацијата на професорите во Сенатот, застапеноста на студентите во Сенатот и други прашања.
Делегацијата заедно со Амбасадорот Н.Е. д-р Лазаревски беа примени во манастирот Флорика од Неговото Високопреосвештенство г. Калиник, Архиепископ на Арџеш и Мушчел, докажан пријател на Македонската Православна Црква, кој што во попладневните часови ни ги покажа: соборната црква во Куреа де Арџеш во изградба, женскиот манастир Намајести и машкиот манастир Негру Вода. Архиепископот г. Калиник нѐ покани за богослужба за празникот Вознесение, но пред тоа веќе бевме поканети за служба од Архиепископот на Томис во Констанца г. Теодосие.
Средбата со Архиепископот г. Калиник помина со манастирска трпеза во многу срдечна и братска атмосфера.
Известува: проф. д-р Ацо Гиревски, декан на Богословскиот факултет во Скопје