Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Посета на Универзитетот во Букурешт (19.06.2013 16:52)

На 12 јуни 2013 г., делегацијата од Богословскиот факултет во Скопје беше во посета на Богословскиот факултет „Патријарх Јустинијан“ при Универзитетот во Букурешт и беше примена од деканот на Теолошкиот факултет протопрезвитерот-ставрофор проф. д-р Стефан Бициу и продеканите проф. д-р Константин Преда и проф. д-р Георге Холбеа. Исто така, и овој Богословски факултет има статус на редовна членка на Универзитетот. На делегацијата од Скопје ѝ се придружи постдипломецот на овој факултет теологот Илче Мицевски, кој живее во Букурешт. Разговорите се водеа во деканатот на Универзитетот, каде што беа разменети искуствата. На прашањето како се чува споменот на познатиот романски богослов проф. д-р Дмитри Станилое деканот проф. д-р Преда одговори дека на него е посветена аулата при факултетот, дека му бил ментор на актуелниот декан и дека студентите сè уште учат од неговите учебници. На прашањето од г. Мицевски за можноста за превод на македонски на Догматиката во три тома од Дмитри Станилое, нѐ информираа дека е потребно прво да се добие дозвола за авторските права.

Потоа делегацијата ги разгледа просториите за настава, библиотеката, и одделот за реставрација и заштита на икони и слики и просториите кои беа наменети за изложба на оригинални дела на судентите по црковна уметност. Домаќините ветија дека ќе испратат Статут на англиски јазик, како и формулари за договор за соработка.

Во Букурешт делегацијата го посети седиштето на Патријаршијата и местото каде што се гради нова, најголема црква во православниот свет. Делегацијата потоа го посети градот Констанца, односно Архиепискиопијата Томас и Универзитетот „Овидиус“ и се оствари средба во резиденцијата на Архиепископот г. Теодосие, заменик-ректор за надворешна соработка на Универзитетот во Констанца.

 

Известува: проф. д-р Ацо Гиревски, декан на Богословскиот факултет во Скопје