Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Констанца на Вознесение Господово (20.06.2013 17:21)

На 13 јуни 2013 г., на празникот Вознесение Христово, во катедралната црква посветена на светите апостоли Петар и Павле во Констанца, се одржа Архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Архиепископот на Томис г. Теодосиј во сослужение на проф. д-р Ацо Гиревски како протос (прв свештеник) и многу свештенослужители и ѓакони, меѓу кои и јеромонахот д-р Григориј Настески.

Еве, како го опиша овој настан Амбасадорот на Република Македонија во Букурешт, Н.Е. д-р Панде Лазаревски: „Вчера во катедралниот храм во Констанца се случи чудо, се случи сослужување на Литургијата на празникот Вознесение Христово, чиноначалствувана од Неговото Високопреосвештенство Архиепископот г. Теодосиј, а протос на Литургијата (прв свештеник до Архиепископот) беше протоерејот-ставрофор, деканот на Теолошкиот факултет од Скопје, отец Ацо Гиревски. На Литургијата имаше многу високодостојници, свештеници, монаси и ѓакони, меѓу кои и јеромонахот Григориј од МПЦ. Свештениците од МПЦ богослужеа на македонски јазик. Катедралниот храм „Св. апостоли Петар и Павле“ беше преполн, а имаше многу народ и пред храмот. Ова е за нас историски настан, МПЦ да сослужува со втората по големина Православна Црква во светот ‒ Романската Православна Црква, што де факто имплицира признавање на нашата Црква. На крајот од Литургијата Архиепископот г. Теодосиј пред верниците во преполниот храм ги претстави македонскиот амбасадор и деканот на Теолошкиот факултет од Скопје што сослужуваше на Литургијата, после што, при излегувањето од храмот, мноштвото од присутните верници, приклонувајќи ги главите, во непрегледен шпалир, се допираа до одеждите на свештеникот од Македонија, ги целуваа одејанијата и целуваа рака, а тој ги благословуваше. Призорот беше величествен, досега за мене невиден.“

Во деканатот на Универзитетот во Констанца делегацијата од Скопје се сретна и разговараше и со деканот на Богословскиот факултет „Свети апостол Андреј“ проф. д-р Богдан Моисе. Бидејќи Богословскиот факултет во Констанца е редовна членка на Универзитетот, додека Архиепископот г. Теодосие кој е и проректор, правник од Универзитетот подготви договор за соработка, но откако објаснивме дека само ректорот на УКИМ или овластен проректор може да потпише таков договор, се согласивме документот да се достави до ректоратот во Скопје. Попладнето делегацијата замина за Букурешт. Следниот ден учествуваше на Меѓународната научна конференција по повод 1150-годишнина од Моравската мисија на светите Кирил и Методиј: „Придонесот на Кирил и Методиј во развојот на европската култура“ во организација на: Универзитетот од Букурешт, Факултет за странски јазици и книжевности и катедра за руска и словенска филологија, а на иницијатива на Амбасадите на Чешка, Бугарија, Хрватска, Полска, Србија, Словачка, Македонија и на Руската Федерација во Букурешт.

 

 Известува: проф. д-р Ацо Гиревски, декан на Богословскиот факултет во Скопје