Рождество на свети Јован Крстител - Иванден (07.07.2013 11:01)
Како ѕвезда деница која му претходи на пресветлото Сонце, блесна силно ти, Пророку, кој од ангел му беше благовестен на твојот татко Захарија, кој ја отвори неплодната утроба и ја разврза немата уста, кој како громогласна труба одекна во пустината и од неа создаде оаза на покајанието. Ти, кој од нашиот преблаг Господ „најголем помеѓу родените од жена“ беше наречен! Со апостолите си апостол, со пророците си пророк, со мачениците - маченик, со праведниците - праведник, крај и печат на секое пророштво. Оти кој пророк додека уште бил во утробата, искажал толку тајни!? Кој праведник со своето раѓање го одврзал јазикот на својот татко!? Претечо и Крстителу Господов, таква чест ти даде Спасителот уште пред да се родиш! Се јави во пустината и со снопови ја исполни неплодната земја, ја овенча со благомирисни цветови, па и денес се насладуваме од нивните молитвени плодови. Радувај се, Јоване, началнику на пустиниците и тврда и неразрушлива крепост на испосниците, зашто преку тебе Христос даде образец за пустинскиот живот. Се радува и светата Бигорска обител, која со твоето славно име се именува и која твојот повик за покајание насекаде го разгласува. Се радува, славејќи го денес споменот на твоето чудесно Раѓање. Ликуваат и бројните верници што твојата силна благодат од сите страни на земјата ги привлече и во нашето светилиште ги донесе, зашто твоето присуство денес насекаде топло се чувствува и кон пламена молитва поттикнува.
И навистина ни силните врутоци на Радика не можат да се споредат со оние моќни реки на благодат што бликнаа таа ноќ во храмот, разбранувани од ангелогласните напеви на прекрасните стихири, кои така милозвучно се излеваа од двете страни на храмот. Бигорското светилиште како да се пренесе на небо. Ние земните се слеавме со небесните во една слаткопојна химна кон најголемиот меѓу пророците, Предвесникот Христов и првиот апостол, нашиот голем молитвен застапник пред Бога. Нашите души со топла благодарност сплетоа венец со најубави цветови на покајанието и му ги принесоа на оној кој со својот силен глас целиот свет кон покајание го приведуваше. А и што друго би можеле да му принесеме, како да му возвратиме за тој радосен восхит, и мирот што ги посети нашите души! И како да му возвратиме за радоста што во нашиот манастир ни ги донесе двата архиереи, митрополитот Иларион и епископот Јосиф, кои молитвено се родија во нашето братство и кои со себе го понесоа Претечевиот благослов и неговата молитвена закрила! Од нивно име нашиот почитуван архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, произнесе во храмот похвално слово во чест на св. Јован, истакнувајќи го неговиот подвиг како пример што треба секој христијанин да го подражава:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Денеска, светата православна Црква го прославува Раѓањето на свети Јован Крстител и Претеча Господов. Свети Јован, како предвесник и подготвител на патот Господов, бил навестен преку старозаветниот пророк Исаија: ‘Гласот на оној што вика во пустината говори: Подгответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустината патеките за нашиот Бог, секој дол да се исполни, секоја планина и рид да се снизат; кривините да се исправат, и нерамните патишта да бидат израмнети и ќе се јави славата Господова, и секоја плот ќе го види спасението од Бога’ (Иса. 40, 3-5). Според зборовите на св. Лука, Раѓањето на св. Јован било примено од сите луѓе со голема радост и надеж дека се приближило спасението на луѓето.
Да се задржиме на ликот на големиот угодник Божји, Претечата и Крстителот Господов, свети Јован. За него, Самиот Господ Исус Христос вели: ‘Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител’ (Мт. 11, 11). Тој од најмала возраст ќе остане сирак, бидејќи Ирод, кога ќе сака да ги убие сите деца помали од три години, ќе го убие и татко му Захариј во Ерусалимскиот храм, а мајка му Елисавета брзо потоа ќе почине од тага за својот маж. Јован, уште како мало детенце ќе остане во пустина и таму ќе остане да живее и да се подвизува. Во пустината ќе се храни со див мед и акриди, ќе се облекува со кожа и ќе се препашува со појас, колку да ја покрие својата голотија, но Божјата благодат секогаш била врз него. Тој живеел во пустина и израснал во строг подвижник. Тој како отшелник, односно самец, се подготвувал за големото дело да ги приготви луѓето, за тие да Го примат Господа Исуса Христа, Спасителот на светот. Бог благоизволил да го избере Претечата како предвесник на ветениот Месија, и затоа тој уште се нарекува голем пророк, силен со духот, истраен подвижник, земен ангел, светилник на светот, деница на незаодното Сонце, глас на оној кој вика во пустината и ангел во тело.
Претечата Јован со сета ревност и со силен глас го проповедал покајанието и ги обраќал срцата и душите на заблудените Јудејци. Тој го изобличувал гревот и пороците, како кај обичните луѓе, така и кај најсилните луѓе од овој свет, крштевајќи ги со покајно крштение во водите на реката Јордан. Тој остро ја изобличувал неправдата и заради тоа маченички пострадал. Црковната иконографија, во т.н. претстава ‘Деисис’, го претставува свети Јован Крстител прв после Пресвета Богородица, со Која заедно претстојат пред Господа Исуса Христа, Спасителот наш. Тие се наши постојани молитвеници пред Царот на Славата. Тој е последен пророк во Стариот Завет и прв пророк - маченик во Новиот Завет и најблизок пријател на Господ Исус Христос.
Црквата верува во неговата молитва и затоа постојано прибегнува кон него. Кога ние христијаните го празнуваме овој или оној празник и молитвено го чествуваме оној или овој светител, ние не само што вознесуваме кон него пофалба или прозба, туку се трудиме, а во краен случај и должни сме да го подражаваме во неговите добродетели и да ја подражаваме неговата вера, надеж и љубов.
Се поставува прашањето: во што можеме ние да го подражаваме оној кој е најголем од оние што се родени од жена? Пред сѐ потребно е да просиме негова молитвена помош во обидот на стигнеме до нашето совршенство, проникнувајќи во животот и подвизите на светоста на големиот Претеча Христов. Ние не можеме да бидеме ангели во тело, зашто сме многу слаби и немоќни. Но, ние можеме да се бориме, како што и тој, живеејќи во пустина, се подвизувал во крајно воздржание. Словото Божјо вели: „Од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, кражби, лажни сведоштва, хули, тоа го осквернува човекот“ (Мт. 15, 19-20). Ние ќе го подражаваме Претечата, само ако се бориме со нашата гордост. Како што знаеме, гордоста го има симнато ангелот од небесата во адот преисподен. Таа го унижува и убива секој човек. Да се бориме со гордоста, тоа значи дека треба да се воспитуваме себеси во Претечевата смиреност, бидејќи таа го возвишува и спасува човекот. Ако сакаме да го подражаваме Претечата, потребно е воздржување на нашиот јазик, да бараме и да просиме од Бога од нашите усти да не излегува ниту еден лош збор на неправда, на навреда, на осуда, непристојни зборови, или, пак, клевети.
На секоја човечка заложба кон доброто, кон возвишеното, кон чесното, кон благочестивото, ѝ содејствува Божјата помош преку Неговата благодат, а по молитвите на прославените Божји угодници. Да се помолиме на семилостивиот Бог, Кој го просветува и осветува секој човек кој доаѓа на овој свет, и по молитвите на Претечата свети Јован и Крстителот Господов, Тој да ја зајакне нашата вера и да ни помогне да ги победиме сите суети и гревовни наклонетости и да бидеме достоинствени деца на нашата света Црква, па да спечалиме вечен и блажен живот. Амин!“