Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Охајо (16.07.2013 17:58)

Reynoldsburg (Columbus), Ohio. На 16 јули (3 јули), кога Светата Православна Црква го слави споменот на Св. Маченик Јакинт и Преподобниот Анатолиј Цариградски, гости на нашата црковна општина „Успение на Пресвета Богородица“ во Reynoldsburg, Ohio беа Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан придружуван од нашиот Владика Американско-Канадски, Митрополитот г. Методиј и свештениците од Охајо. Во присуство на верниот народ беше отслужена Света Архиерејска Божествена Литургија, на која што Архиепископот Стефан го произнесе следното:

“По молитвите на Мајката Божја, покровителка на овој свет Храм и на нашата МПЦО во Коломбос, стигнавме сношти и меѓу вас, за еве денес да бидеме на заедничка молитва. Дојдовме од кај нашинците во Краун Поинт, кои три дена го одбележуваа големиот јубилеј-50 години од осветувањето на храмот во Гери, првиот осветен македонски храм на Северноамериканскиот континент.
Велам, празнуваат три дена, иако ги најдовме радосни и пред тоа, а такви ги оставивме и вчера. И навистина, со гордост говореа и со восхит го доживуваа и прославуваа големиот настан. А такво нешто верувам ќе се подготви и овде во Коломбос, зашто и овде само по две години се запалило македонското кандило во храмот посветен на Успението на Мајката Божја.

И така, размислувајќи за одбележувањата и годишнините на настаните поврзани со нашите цркви, се прашувам дали размислуваме која е смислата, која е улогата и која е целта на храмот или на црквата воопшто во животот на човечкиот род и посебно за секој православен народ и човек?

Во таа смисла, храмот како дом Божји и Црквата како заедница имаат незаменлива улога во спасоносното дело: секој човек, односно секоја човечка душа да ја доведе во вечната заедница со Бога.

Имено, човекот е создаден да живее во единство и заедница со Бога. Но гревот на луѓето е причината за разрушувањето на близината меѓу Бога и човекот. Затоа и дојде Синиот Божји, Господ Исус Христос на земјата, за да го поврати единството меѓу Бога и луѓето; дојде-ја објави својата наука и со жртвата своја го отплати гревот на луѓето, беше осуден и распнат на крст и по три дена воскресна. На 40-тиот ден по воскресението, пред да се вознесе, им заповеда на своите ученици-одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот и Синот и Светиот Дух и врз таа вера во Света Троица ја изгради својата црква, а по 10 дена на Педесетницата им го испрати Светиот Дух, кој продолжи да раководи со спасоносното дело на црквата на земјата.

Ова би било накратко, смислата за постоењето на црквата, на црквата како Божја установа и на црквата како заедница на луѓе кои веруваат и го исповедаат Бога во Света Троица.
Исто така, кога говориме за црквата од догматски или сотириолошки аспект, треба да го истакнеме фактот дека само оној кој е во црквата и со црквата, само тој ќе се удостои на спасение. Оттаму, честопати во иконографијата, црквата се претставува како брод, како кораб-и кој, како некогаш при потопот во времето на Ное-кој бил во бродот, се спасил. А сега, кој што е во црквата-само тој ќе се спаси. Црквата, чиј темел е Христос и чија глава е Христос, ќе ги надвладее сите противници и ќе остане за вечни векови.

Од друга страна, ако го гледаме нејзиното административно организирање овде на земјата, иако црквата е една, таа е поделена на помесни, национални цркви, кои и покрај сите припаѓања по национална основа, пак претставуваат Една Црква.

Нашата МПЦ, возобновената Охридска Архиепископија е дел од Православието и таа е вековна црква на просторот на Македонија. И ниту една друга институција, ниту една друга организација не може да се спореди со нејзината улога во животот на нашиот народ. Повеќе од 10 века Охридската Архиепископија е духовен белег и печат за нашиот народ, е црква која што израснала врз делото на Свети Климент и Наум Охридски, врз дејноста на црквата позната како Јустинијана Прима, црква која се создала врз мисијата на Свети Апостол Павле и другите мисионери по Македонската земја. И по ништо друго како со таа наша Охридска и Македонска Црква нè познава светот и таа е нашата најсилна
carta identità. И со своја и без своја држава, и слободни и под ропства, црквата секогаш ни била белегот по кој сме се препознавале и пред самите и пред другите. И не случајно и денес секој што нè оспорува како народ, пред сè ни ја оспорува црквата. Дури некои, божем нè признаа како народ и држава, ама не ни ја признаваат црквата. Но веруваме, ќе даде Господ и црквата ќе ни ја признаат, ако знаат за Бога. А нас, ако Господ нè признава, кој може да нè оспорува?
Кога го разгледуваме тој национален аспект на црквата, најдобро ќе го разбереме гледајќи ја нашата црква меѓу иселените Македонци. Па што ќе беше со нас како народ, ако ја немавме нашата МПЦ? Што ќе беше со вас овде во Коломбос ако вашите постари генерации не беа доволно будни и свесни за тоа што им треба и што треба да направат? Каде ќе бевме денес, што ќе останеше од нас ако немавме своја црква? Благодарение на вашите татковци и дедовци денес сте вистинска црква и македонска заедница, денес сте црква со свој храм со кој можеме да се гордееме како народ! Продолжете со надградувањето на единството, на љубовта меѓу вас и само така успешно ќе продолжите и со доградувањето на ова грандиозно црковно национално дело.

При оваа прилика, особено сакам да го истакнам ангажирањето на црковната управа со свештеникот и на членството околу градбата и околу украсувањето на храмот. Досега одлично работите, сте изградиле градба за пример и можам да ви речам-продолжете по патот што сте го избрале. Еве, се работи и живописот-фреските и ова што досега е направено е многу добро. Продолжете и понатаму и покријте ги со фрески сите слободни површини, продолжете и дооблечете ја во најубавата руба и направете храм за приказ, храм по примерот на нашите цркви по Македонија, направете храм за пример и меѓу македонските и меѓу сите православни храмови ви оваа земја и на овој континент.

Господ нека го благослови вашето дело, по молитвите на Мајката Божја, и нека ве чува вас и вашите семејства и сиот наш народ.

Нека ни е честит денов, а светата богослужба нека ни биде за здравје и спасение.
Амин!

 

 

 

Извор: Американско-канадска епархија