Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Молебен (Доксологија) во МПЦ „Свети Климент Охридски“ – Авон, Охајо (17.07.2013 17:54)

Avon, USA - Во четвртата седмица после Педесетница, во среда на 17 јули 2013 година, нашата црква беше посетена од Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски Господин Господин Стефан и од надлежниот епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Американско-канадски Господин Методиј кои отслужија МОЛЕБЕН (ДОКСОЛОГИЈА) со почеток во 19 часот. На светата богослужба сослужуваа: протоереј-ставрофор Душко Ѓорѓиевски, протоереј Васил Манасиев и протоѓакон Антонио Дујовски, а молитвено учество зедоа голем дел од членовите, односно верниците. Откако заврши богослужбата проповед одржа Архиепископот Г.Г. Стефан, кој татковски не посоветува и не потсети на христијанските вредности што треба да ги поседува секој од нас како православни христијани, притоа укажувајќи и благодарејќи Му на Бога за сите добрини што ни ги дарува во секојдневниот наш живот. Посебно внимание посвети на доградбата на нашата црква (куполите, апсидата и светиот престол) и посочи дека само таму каде што има мир и меѓусебно разбирање може да има напредок на секаков план - „Колку е убаво кога браќата живеат сложно“. На крајот се заблагодари за посетата што дојдоа сите, а посебно за дечињата кои беа многубројни и на сите нив им подели крстиња и ги благослови. После богослужбата, женската секција заедно со црковната управа приредија посна вечера – трпеза на љубовта. Сите духовно нахранети и телесно закрепнати, земајќи благослов од нашите духовни татковци, со голема радост во душите и со насмевка на лицата си заминаа во своите домови.

НА МНОГУ ГОДИНИ БЛАЖЕНЕЈШИЈ ВЛАДИКО!

НА МНОГУ ГОДИНИ ВИСОКОПРЕОСВЕШТЕНИ ВЛАДИКО!

Извор: Американско-канадска епархија