Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Посета на Претседателот во Бигорски и Рајчица (20.07.2013 17:59)

Братството на Бигорската обител и сестринството од Рајчица денес ја имаа таа радост во своите свештени манастири да го пречекаат многупочитуваниот Претседател на нашата татковина, г. Ѓорѓе Иванов, кој заедно со својата сопруга, г-ѓа Маја Иванова, синот Иван, како и други членови од најблиското семејство, посака да ги посети овие две големи светилишта. Ценетите гости беа достоинствено дочекани, со биење на манастирските ѕвона, а во самиот храм на св. Јован Крстител нашиот старец, архимандритот Партениј, со пригодно и молитвено многулетствие му посака добредојде на христоверниот Претседател и неговите придружници. Потоа нашиот игумен Партениј, заедно со манастирскиот економ, јеромонахот Доситеј, со најголемо внимание ги запознаа гостите со текот на обновата на монашкиот конак ‘Горни Палат’ и старата трпезарија, но и со останатите дејности во манастирот. Искрената радост која се забележуваше на лицето на г. Ѓорѓе Иванов беше сосема доволен знак за неговата воодушевеност од изгледот и атмосферата на Бигорското светилиште, како и за неговата поддршка започнатото дело успешно да се доведе до крај. Неговите топли зборови, пак, дополнително го потврдија сето тоа. Благочестивото семејство Иванови и нивните блиски роднини и соработници беа гостољубиво поканети и на манастирска трпеза од страна на нашиот старец, о. Партениј. Најпосле, Претседателот со својата придружба, го посети и Бигорскиот метох во Рајчица, манастирот „Св. вмч. Георгиј Победоносец“, каде што се поклони на тамошните светињи и уште еднаш ја искажа својата огромна благодарност кон игуменот Партениј и неговото братство и сестринство за покажаното гостољубие.

 

Извор: Бигорски манастир