Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Илинденска радост (02.08.2013 20:42)

 „Сега светлозарното сонце го озарува со светлина небесниот свод при искачувањето на огнените коњи. Сега целата вселена, озарена со светлозарни зраци, радосно торжествува, празнувајќи го пресветлиот спомен на огненосниот пророк Илија, зашто овој чудесен Илија ја просветли целата вселена како сонце со извонредни чудеса и знаци, и ревносно ги изгоре противниците и непокорните на Вистината“.

(Извадок од Похвалното слово за свети пророк Илија од светиот отец наш Климент Охридски)

 

 Духовно озарена од оваа светлозарна светлината на чудесниот пророк Илија, се радува денес целата наша татковина, зашто, навистина, св. Илија се покажа како непоколеблив заштитник на нашиот православен народ низ вековите, поборник за вистинската вера и Божјата правда. Не случајно нашите христољубиви предци некогаш токму на овој ден пожртвувано востанале за слобода на својата православна вера и татковината, знаејќи дека нивната возвишена борба е поткрепена со молитвите и застапништвото на огнениот ревнител за Вистината. И кој би можел да порекне дека нивната маченичка крв, така евангелски пролеана за Бога и ближните, го полеала семето на слободата која денес ние ја живееме и толку ѝ се радуваме!?

 

 Со срца исполнети со бескрајна благодарност кон оние коишто христијански ги положиле душите свои за Бога и ближните, и со најтопли молитви кон милостивиот Бог и Неговиот славен и сефален пророк Илија, браќата и сестрите од Бигорската и Раичката обител го празнуваа денешниот спомен поделени на три различни места, во три свети и прекрасни храма.

 

На светата богослужба утрово Илинденската радост изобилно го исполни Бигорскиот соборен храм на св. Јован Крстител, кој, навистина, некогаш врвеше „во духот и силата на Илија“ (Лк. 1, 17) и се покажа еднаков ревнител за божествената правда и вистина.

 

Како и секоја година, така и овој „Втори август“, дел од нашите браќа и сестри го прославија заедно со жителите на с. Лазарополе, во преродбенскиот храм на св. вмч. Георгиј, храм - споменик за живата вера и христољубивиот дух на нашите предци. Колку ли само тие се радуваа што во храмот кој тие некогаш го подигнале, денес се служеше торжествена света Литургија!?

 

Но, можеби, најторжествено беше во „Пречиста Кичевска“, во таа славна Богородична обител, каде низ вековите со маченички венец се удостоиле многу црнорисци, меѓу кои и светите преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, чијшто спомен сјае исто така денес, заедно со споменот на св. Илија. Точно една година после нивното прославување од земната Црква и впишувањето на нивните бесмртни имиња во диптихот на светиите, светите Пречистански преподобномаченици, заедно со св. пророк Илија, приредија раскошна духовна трпеза, богата се небесна благодат, за верниците и нашите монаси и монахињи, кои со својот највозљубен старец, архимандритот Партениј, присуствуваа на манастирската слава. И навистина, колку силно се почувствува благодатното присуство на славниот пророк и преподобномачениците на светата архијерејска Литургија, со која чиноначалствуваше нашиот почитуван владика, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, во сослужение со митрополитот Брегалнички, г. Иларион, епископот Лешочки, г. Јосиф, архимандритите Нектариј и Партениј, како и повеќе свештеници и ѓакони! Голема и преголема беше радоста што ги исполни душите на верните, радост која седобриот Господ им ја испраќа на сите кои искрено и со отворени срца Го бараат Него, Изворот на најголемата радост.

 

А таа преизобилна Илинденска радост постана вистински повод во манастирот „Пречиста Кичевска“, од страна на академикот Цветан Грозданов, да биде промовирана новата книга на д-р Сашо Цветковски, насловена токму така - „Пречиста Кичевска“ - која е една прекрасна научна повест за славното и преродбенско минато на ова наше големо светилиште.

 

Милостив Христе, по молитвите на Твојот пречист избран сад, славниот Твој пророк Илија и по молитвите на цврстите столбови на верата, светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, сочувај ја татковината наша и православниот народ наш, и душите на оние што ги подариле своите животи за вистинската вера во Тебе и за своите ближни, всели ги во населбите каде што непрестајно сјае Твојата неискажлива слава, заедно со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков. Амин!

 

 

 Извор: Бигорски манастир