Чествување на светите Седмочисленици (09.08.2013 11:30)
Со какви пофални песни достојно да ги пофалиме Седмочислениците славни, Кирила со Методија, Климента, Наума со Сава, и Горазда со Ангеларија, кои Единиот Бог во три Лица нам ни Го возвестија, и верата православна ја утврдија!? Зашто нив, навистина, со венци на бесмртната слава достојно ги овенчува Христос нашиот Бог, Кој има милост голема.
(Стихира од Вечерната на светите Седмочисленици)
Со вакви пофални венци, сплетени од благодарствени и топли зборови, денес Црквата наша православна, молитвено си спомнува за седумте столбови на словенското Православие, светите рамноапостоли Кирил и Методиј, Климент и Наум, Сава, Горазд и Ангелариј. Зашто тие се нашата свештена Седморка, седум ‘светила незаодни’, најсјајно соѕвездие на небото на Црквата славјанска. Тие се мрежа апостолска со која Спасителот Христос уловил безбројни словенски множества за да ги извлече од незнабожечката темнина и ги приведе кон светлината на богопознанието; тие се молитвениот покров со кој седобриот Бог човекољубиво го покрил словенскиот род за да го израсне и одгледа во полнотата на мерата Христова. Навистина, овие свети мажи се покажаа како Господови садови на премудроста, орудија на Божјата спасителна промисла, исполнители на возвишени и славни, неискажливи и бесмртни дела. И нема мерка што би можела да ги измери нивните подвизи, ниту има зборови што би ја опишале нивната љубов кон Христа и ближните свои! Зашто тие и азбуката со Божјо содејствие ни ја составија, и јазикот преку своето дело го издигнаа и осветија, и свештените Писанија со новото писмо ги преведоа и нам во наследство за спасение ни ги предадоа; тие седум рамноапостоли, како богомудри градители, на словенската писменост непоколеблив темел положија.
Изградена на овие духовни темели, ликува денес и благодари Бигорската обител, таа древна ризница и свештен кивот на светото Кирилометодиевско предание. И безмерна радост ги облагороди нашите души, радост што ни ја испратија нашите најсвети татковци и родоначалници, на свечената вечерна богослужба, каде со посебно умиление ги чествувавме светите мошти на преславниот Климент и големиот исцелител Пантелејмон! А таа свештена радост преисполни сѐ, кога на покана на нашиот возљубен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, нашиот старец со неколку членови од Бигорското братство учествуваше на свечената богослужба во Светиклиментовата црква на Плаошник во Охрид - срцето на најсветата и славна Охридска Архиепископија. Тука, заедно со молитвениот собор на многубројните верници, се отслужи света архијерејска Литургија, со која чиноначалствуваше Н. Б. архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, во сослужение со Н. В. митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј и Н. П. епископот Лешочки, г. Јосиф, архимандритите Нектариј и Партениј, како и повеќе други свештенослужители и ѓакони. Потоа Неговото блаженство г.г. Стефан ја круниса прекрасната богослужба во чест на нашите родоначалници со боговдахновено, поучно слово. Ова навистина големо торжество се покажа, како прекрасна можност за нашиот возљубен старец, архимандритот Партениј, од името на целото Бигорско братство и Раичко сестринство, да му поклони на нашиот надлежен владика, митрополитот Тимотеј, една чудесно изработена митра во александриски стил, ракотворба на монахињите од манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица. Писмото со коешто нашиот старец му ја подари митрата на владиката Тимотеј, ја одразува сета почит и љубов што ја имаат нашите срца кон него:
„Многупочитуван наш архијереју,
Ја славиме чудесната и неискажлива милост Божја, која направи од родот наш свои чеда и ни даде достојни пастири, полни со мудрост и татковска љубов, ни ги даде славните Охридски учители и молитвеници за својот род – светите Климент и Наум. Овие духовни великани блескаат како најсјајни ѕвезди на славјанското небо, па и сега, како и тогаш, нè поткрепуваат со своите молитви кон Бога, и нè водат мудро по тесниот пат, вешто отклонувајќи ги од нас сите непријателски замки. Сега, кога торжествено го празнуваме светиот спомен на великиот и преславен Климент, возљубениот патрон на нашата света Црква и на славната Охридска столица, направете ни ја таа радост да го примите од нас овој скромен дар и принос на нашите раце, што со најголема љубов и благодарност Ви го подаруваме, молејќи го нашиот охридски Пастир, светиот Климент, да се застапува за Вас пред престолот на Бога, и да Ве озари со својата благодат, да ги води делата на Вашите раце кон најсветата и најблагородна цел – спасение на нашиот верен народ. Зашто Вие сте негов следбеник и сотрудник на Божјата нива. Нека оваа уникатна, во духот на александриските, рачно изработена митра, Ви биде постојан потсетник за нашата љубов и почит, и нашата смирена надеж во Вашите архијерејски молитви.
На многаја лета, Високопреосвештен владико!
Архимандрит Партениј,
игумен на Бигорскиот манастир,
со неговите во Христа браќа и сестри“
Извор: Бигорски манастир