Торжество во Реканскиот манастир во чест на св. Јован Крстител (11.09.2013 20:52)
„Крстителу Христов, твоето раѓање е славно, и твоето живеење е непорочно, и твоето излегување пред Христа е чесно, и покажувањето е необично, смртта е чесна, и погребението е славно“.
(од третата песна на канонот на Усекновение)
Дојдете сега заедно со ангелите да го прославиме оној кој и самиот беше ангел во тело, да го овенчаме со љубов оној кој цел живот ревнуваше за правдата и вистината и од љубов за неа пострада, станувајќи Претеча и во смртта, како што беше во животот. Но каква чест да му оддадеме на овој Пророк и Праведник, со какви слова да го изразиме својот восхит!? Тој уште во утробата благовестеше, раѓајќи се чудотвореше, подвизувајќи се во пустината преуспеваше, раководен од Духот се воспитуваше и стана посредник меѓу Законот и благодатта, проповедајќи покајно крштение и крштевајќи Го Господа, ја созерцаваше славата на Света Троица и навистина сведочеше за благодатта. Која пофалба е достојна за оној кого устата Христова го пофали, како што и самиот св. Ефрем Сирин вели: „Ако некој е свет - тој се прославува, ако е праведен - го почитуваат, ако е честит, силен и мудар - станува достоен за слава. Но и кога сето ова би се соединило и здружило во еден човек, тој дури ни тогаш не би можел да се спореди со оној кого Бог го љубел и за кого објавил дека во толкава мера ги надминува другите луѓе, што стои во редот на ангелите“.
О колку се неискажливи и славни твоите дела, Претечо! Ти стана изобличител на сѐ што е незаконско и нечисто! Не се исплаши од гневот на царот! Брзаше кон својата маченичка смрт, како на веселба, радосно умирајќи зашто ја гледаше победата над смртта. Ти кој цел живот ревнуваше за правдата, пострада заради вистината, стекнувајќи венец на вечен живот, како прв пред апостолите и сите светии. Зашто требаше прво верниот слуга да биде фатен и затворен за потоа и неговиот Господар да биде предаден, понижуван и мачен. И требаше и со смртта како Претеча да послужиш, благовестејќи им Го Спасителот Христа и на оние во адот.
А сега, претстоејќи пред Христа, се молиш за оние кои во покајание прибегнуваат кон твоето застапништво и со љубов го слават твојот свет спомен.
Бигорското светилиште, следејќи го во духот славниот Крстител, кој самиот го избра ова место за свој дом, секојдневно ја пее својата покајна песна. Но денес низ таинствениот жубор на манастирските чешми, низ свечениот звук на празничните камбани, разиграните гласови на псалтите, понесени од благодатните стихови на светата богослужба и радосните, молитвени восклици на илјадниот народ, се излева кон небото химна, благодарствена химна кон големиот Пророк и Претеча, исткаена од најпрекрасни чувства на љубов и почит. Да, овој ден за монасите и верните е повеќе од слава. Ете можност одново да ги упатиме очите кон небесниот застапник, да благодариме за сите мигови на благодатна радост и страдален испит што заедно сме ги поминале, зашто неговото присуство тогаш особено силно сме го почувствувале и сме знаеле дека е тука и се грижи за нас. А еве, сега е тука за со нас да ја сподели радоста на овој толку благодатен и торжествен ден. Во храмот исполнет со таинствен блесок како отсјај на некое чудесно скапоцено царство, среде радосните погледи на благочестивите верни, на божествената Литургија се открива прекрасна глетка. Одново старецот наш возљубен, о. Партениј, го принесува пред Бога плодот на своето срце, предавајќи го на света служба пред олтарот Божји своето послушно чедо о. Порфириј. Го следи со молитва додека смирено го приведуваат пред нашиот надлжен архипастир, г. Тимотеј, да го прими од него благословот за ѓаконски чин, и додека сите погледи будно го следат овој радосен чин, нашиот старец го упатува погледот на своето срце кон човекољубивиот Господ, молејќи го милостиво да ги отвори вратите на својата тајна служба и да го прими неговото чедо. Радоста на браќата ја споделија и нашите драги гости, митрополитот Брегалнички, г. Иларион и епископот Велички, г. Јосиф, враќајќи се уште еднаш на спомените од едно време, кога и самите беа дел од Бигорското братство, црпеа од благодатта на светиот Претеча, кој се радуваше гледајќи го нивниот духовен напредок.
И сите оние боговдахновени стихири и пофалби во чест на оној кој беше наречен „најголем меѓу родените од жена“, како да беа уште повеќе збогатени со похвалното слово искажно од нашиот почитуван владика, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!
Денес светата православна Црква го прославува маченичкиот крај на светиот Јован Крстител, Претечата Господов. Колку е прекрасен овој човек, кого ние денес го прославуваме! Тој е прекрасен, но, во исто време, и таинствен, загадочен. Тој, со својата единствена убавина, и тоа во полна смисла на зборот, нас паднатите во грев луѓе нè приведува кон Богоподобното, кое ни е дадено од нашиот Создател. Цврстината и бесконечната верност кон словото Божјо, кон верата и смирението, кои Претечата ги поседувал, паднатиот човек не може да ги поседува со ваква духовна сила. Многу е тешко за нас луѓето, кои сме потонати во слабости и телесни гревови, да го разбереме човекот, кој бил испратен од Бога на толку голема служба, на која никој не можел да ѝ се спротивстави. Тој бил испратен од Бога да го проповеда Царството Небесно и го крштевал народот во реката Јордан. Претечата ги учел луѓето како да го следат патот на правдата и како да постапуваат, ако сакаат да им бидат простени нивните гревови.
Свети Јован Претеча бил извонреден човек. Може да се каже дека тој бил најчесниот човек во историјата на човечкиот род. Еврејскиот народ уште пред Јована Крстител ги убивал старозаветните пророци. Затоа од свети Јован Крстител се плашеле и фарисеите и садукеите, кои постојано го демнеле за да го осудат и да се ослободат од неговото изобличување. И самиот цар Ирод многу го почитувал свети Јован и велел дека на земјата нема поголем човек од него. И тоа навистина е така. Старозаветните пророци Го гледале Спасителот на човечкиот род само во своите духовни виденија, додека, пак, свети Јован, не само што Го познал со својот дух, туку и лично Го видел Бога воплотениот. Затоа и ѓаволот му нанесол такво зло и мачење.
Ние денеска си спомнуваме за едно од најлошите дела во историјата, извршени од човек. Сите знаеле дека свети Јован зборува правда и вистина, и постојано го изобличувал секој грев и секое престапување на Законот Божји. Тој многупати кажувал изобличителни зборови против царот Ирод, а особено го укорувал поради тоа што ја зел жената на неговиот сè уште жив брат. Сите што го опкружувале царот Ирод знаеле дека ова е неправедно, но никој не зборувал и не се осмелувал тоа да му го каже на царот Ирод. А тој продолжувал да живее во гревот, сметајќи дека како на цар, сè му е допуштено да прави. Заради своето изобличување на Ирод и на Иродијада, свети Јован бил затворен во темница.
Од Светото Писмо, знаеме дека Ирод приредувал веселба по повод неговиот роденден. Опијанет од алкохол, но и од играњето на ќерката на Иродијада, пред сите гости ветил дека на Саломија ќе и даде и половина од царството, ако таа го побара тоа. Таа, пак, подучена од нејзината мајка, ја побарала главата на свети Јован Претеча. И покрај тоа што Ирод се плашел и имал личен респект кон свети Јован Крстител, гордоста кај него преовладеала. Не сакајќи да го погази дадениот збор, тој му наредил на џелатот да ја отсече главата на свети Јован и на табла да и ја однесе на Саломија. Таа, пак, ја однела кај нејзината злобна мајка, единствената која немала почит и страв од Крстителот. Затоа свети Јован Златоуст вели: „Пак игра злобната Иродијада, пак беснее, пак ја бара главата на свети Јован Крстител“.
Свети Јован бил подготвен и да пострада, но никогаш не престанал да го осудува злото и гревот, независно дали тоа потекнува од силниот цар, или, пак, од обичниот човек. Силата што ја натерала оваа злобна жена да ја бара главата на свети Јован е демонска, која дејствувала преку оваа злобна жена и нејзината ќерка Саломија. Но, свети Јован Крстител цврсто стоел на каменот на вистината. На никого не му дозволувал да ги подгазува заповедите Божји. Тој видел како некој друг го води човекот кон непослушание на волјата Божја, и кон исполнување на волјата на ѓаволот. Па така тој не настапувал против царот како човек, туку против ѓаволот, кој ги убивал двете грешни души. Во таа смисла и свети апостол Павле пишува: „Зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата” (Ефес.6,12). Свети Јован им покажал на сите луѓе дека човекот кој има страв Божји, секогаш стои цврсто на патот на вистината, не плашејќи се од ништо, па дури ни од смртта. Поминувајќи го подвижнички целиот свој живот на земјата, тој нашол и маченичка смрт, а Црквата, пак, вечно ќе го велича и прославува.
Светата Црква со овој настан изнесува два различни патишта, кои ние, како верници, со нашата слободна волја би можеле да ги отфрлиме или да ги подражаваме, а тоа се: патот на грешникот или развратниот и оној на праведниот. Првиот пат е оној на Ирод, кој со својата незаконита жена и нејзината ќерка Саломија, не го послушаа гласот на свети Јован и не се покајаа, а со тоа ги заслужија вечните маки и страдања. Вториот, пак, е примерот на свети Јован Крстител, кој остана цврст и непоколеблив во исполнувањето на словото Божјо, притоа изобличувајќи го гревот и престапот, но, затоа и плати со својата глава. Ние како христијани треба да се угледаме на свети Јован за тој да ни биде пример во борбата против гревот и телесните и духовни страсти, а во прилог на сè што е чесно, возвишено и благородно.
Светата православна Црква ја прославува смртта на свети Јован Крстител, со која тој застанал пред Престолот на Севишниот и станал голем молитвеник за народот Божји. Во него ние ги гледаме Евангелската сила и Евангелските вистини, но гледаме и потврда дека никаква сила од овој свет не може да ја надвладее Црквата Христова. Како што се вели во Светото писмо, Црквата е утврдена на темелот Христос и затоа сите сили ќе бидат победени. И во тоа е нашата радост како и надеж дека свети Јован и останатите Божји угодници ќе ни помогнат да го изодиме патот Божји и дека со нивна помош ќе го наследиме Царството Небесно, кое ни е од Бога ветено. По молитвите на свети Јован, Бог нека ги услиши нашите молитви и нека ни подари сè што е корисно и спасоносно за нашите души и тела.
Ја користам оваа прилика да му го честитам чинот на новоракоположениот јероѓакон Порфириј и да му посакам достоинствено и предано да служи на Светиклиментовата Македонска православна црква, на оваа света обител, посветена на свети Јован Крстител и Претеча Господов, и на целото нејзино братство, а за спасение на неговата бесмртна душа, сега и во сите векови. Амин!“
Извор: Бигорски манастир