Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија и призив на Светиот Дух по повод почетокот на академската година на Универзитетот во Скопје (15.09.2013 17:32)

На 15.9.2013 година, во храмот на свети Јован Крстител во Капиштец, Скопје, со Архиерејска Божествена Литургија и призив на Светиот Дух, со кои началствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со нивните Преосвештенства, епископите г. Јосиф Велички и г. Јосиф Лешочки, и повеќемина служители од Скопската православна епархија, а во присуство на г. Велимир Стојковски, ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, протоереј Ацо Гиревски, декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ и повеќемина декани и продекани од УКИМ, како и студенти од богословскиот и други факултети, започна првиот академски час на студентите од Скопскиот Универзитет. Со свои беседи професорите и студентите ги поздравија Неговото Блаженство Архиепископот Стефан и деканот на Богословскиот факултет.

Слово на првиот академски час на проф. д-р Ацо Гиревски, протопрезвитер и декан на Православниот Богословски факултет

Во името на Отецот и Синот иСветиот Дух!

Благочестиви христијани,

Ви се обратив нарекувајќи ве благочестиви, затоа што направивте добро дело со тоа што дојдовте заедно да го чествуваме овој неделен свечен момент – по повод почетокот на студиската година на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, вклучително и на Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“ каде се наоѓаме.

Денешното литургиско свето евангелие (Матеј 19, 16-26), кое што протоѓаконот го прочита, поставува пред нас, едно мошне прагматично однесување помеѓу Учител и ученик.

Пред Исуса Христа, Учителот над учителите, приоѓа едно богато момче „државен службеник“ (Лука 18,18), учтиво го поздравува и го прашува: „Учителе добар, какво добро треба да направам за да добијам живот вечен?“ А Он му одговори: „Ако сакаш да влезеш во животот, пази ги заповедите“. Тој Му рече:„Кои?“ А Исус одговори: „Не убивај, не кради, не прељубодејствувај, не сведочи лажно; почитувај го татка си и мајка си; сакај ги ближните свои како себеси! Ете – тоа се заповедите. Младиот човек Му рече: „Сето тоа сум го запазил од младина, што ми е уште потребно? Исус му кажа: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!“, зашто блажени се бедните по дух; блажени се кротките; блажени се гладните и жедните за правда; блажени се милостивите; блажени се чистите по срце; блажени се миротворците.... Ете, заприлегај на нив!

Ја знаеме понатамошната постапка на богатото момче, но оставам на вас да размислувате. Меѓутоа, јас би сакал вашето внимание сепак да го задржите на двата критериуми, за „раст во верата и духовноста според мерката на Христос“, кои, исто така, се однесуваати за секој еден од нас.

Наше е дали ќе се определиме за првиот степен – исполнување на заповедите Божји или за вториот – исполнување на блаженствата. Исто што и, кога се одлучуваме во животот, за каков вид на жртва ќе се определиме. Ќе живееме ли брачно или безбрачно; дали ќе се определиме за свештеничка или ќе одбереме монашка служба итн.

Апостолот Павле, пак, кога зборува за свештенослужителите и за тоа какви треба да се епископите, бара полно достоинство (1 Тим 3, 1-4), преку трите основни завети: завет за сиромаштво, завет за целомудреност и завет за послушание. Совршени христијански критериуми кои водат во живот, овој тука и оној живот во царството небеско. Тоа се совршени христијански критериуми кои водат, исто така, кон повисоки степени на совршенство – до мерката на светост, преку очистување, просветлување и обожување. Комплетната состојба на просветлување, според опитот на светите отци, доаѓа кога човекот ќе ја стекне непрестајната умствена молитва, која што дејствува во неговото срце и кога, буквално, ќе стане храм на Светиот Дух.

Призивот по Духот Свети, всушност стана и повод на нашето молитвено заедништво денес. И еве ја оправданоста на нашата заедничка волја.

На прашањата, кои раслабениот Мотовилов му ги беше поставувал во „пустината“ на свети Серафим Саровски, едно од нив се однесуваше токму на прашањето за задобивање на Духот Свети. „Господ ми откри“ му рече многупочитуваниот Старец, „дека во својата младост си сакал да осознаеш во што е смислата на христијанскиот живот. И за тоа често си упатувал прашања на духовниците, но никој за тоа, така одредено не ти одговорил. Ти било советувано да одиш во црква, да ги исполнуваш Божјите заповеди, и да правиш добри дела, бидејќи во тоа лежи смислата на животот. А некои, пак, ја куделе твојата нездрава љубопитност, како тие мислеле, и ти говореа: „Немој да се интересираш за она што за тебе е премногу високо. Тие не разговараа со тебе онака како треба да се разговара. Затоа, сега јас, еден (смирен) Серафим, да ти објаснам што е всушност смислата на христијанскиот живот. Молитва, пост, бдеење и сите други христијански дела се сами по себе добри, но сепак во нивното извршување не лежи смислата на христијанскиот живот, бидејќи тие се само помошни средства кон таа цел. Вистинската смисла на христијанскиот живот е задобивање на Светиот Дух... А, секое добро дело кое се прави од љубов и заради Христа – носи благодат на Духот Свети. Сепак, со молитва тоа најлесно се постигнува, бидејќи тоа е оружје со кое секогаш располагаме. Можеби посакуваш да појдеш во храмот, а во твојата околина да немаш храм, или ќе посакаш да споделиш нешто со сиромавиот, а на твојот пат да не го среќаваш (сиромавиот), или сакаш да бидеш непорочен – но твојата наклоност и човечка слабост прават да не ја смогнеш потребната сила. Додека молитвата е секогаш и за секого можна: за богатиот и за сиромавиот; за учениот и за неукиот; за силниот и за слабиот; за праведниот и за грешниот. Силата на молитвата е бесконечна и најмногу од сè друго носи благодат на Духот Свети.

Просветлувањето, односно обожувањето е опитна состојба, што нема никаква врска со метафизиката, односно со философското размислување. Посветувањето, пак, во состојба на просветлување, во однос на методологијата, не се разликува од соодветното посветување вонауката. За да ја достигне човек состојбата на просветлување, ќе треба да оди кај духовен отец кој веќе достигнал до таа состојба и кој ќе биде расположен да го научи на методот на богопознание и да му помогне во неговото духовно издигнување. Популарно се вели – да имаш свој духовен отец.

Светоотечкиот опит знае за катихези, мали и големи и повторни прашања. И одново да се научиме да прашуваме и да бараме. „Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори. Кој од вас ќе му даде камен на својот син што му бара леб? Но, ние никогаш да не се посомневаме, ако нешто бараме од нашиот Отец небесен, а најмалку ако го бараме единствениот битен дар „ризницата на сите добра“, изворот на сите вистински богатства: Светот Дух. Да ве потсетам, уште еднаш, кога Мотовилов го запраша својот учител свети Серафим „која е целта на животот?“ Серафим му одговори: „Задобивањето на Светиот Дух“. Си барал ли од Бога да ти го даде Својот Свет Дух? Он ќе ти помогне „да правиш за другите сè она што би сакал тие да прават за тебе“ (Матеј 7,12).

И еве го заклучокот од досега реченото: „Не секој што Ми вели: Господи, Господи, ќе влезе во царството небеско, а оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небески..., Законот на Мојсеја ни е даден како педагог, според зборовите на апостол Павле (Галантјаните 3, 24-25). Без темелот на Законот, ние би биле слични на човек што својата куќа ја изградил на песок, и при првото невреме зградата се урнала. Секој што ги слуша овие зборови и ги исполнува, сличен е на човек мудар кој си направил куќа на камен: и заврна дожд, и дојдоа поплави, и дувнаа ветрови, но таа не падна, оти беше изградена на камен“ (Матеј 7, 21, 24-25). Затоа нашите животи да ги градиме на камен, нашите животи да ги посветиме на исполнувањето, на волјата на Оца и на барањето на Царството Божјо.

Монахот Силуан велеше: „Оној што ја вкусил сласта на љубовта Божја знае дека Царството Божјо е во нас. Блажен е оној што ја сака скромноста; блажен е оној што го сака својот брат во своето срце го има Духот Божји Кој му дава мир и радост...“

Учителе, што треба да направам? Отец како треба да постапам? Вечни прашања, кои бараат мудри одговори од учителите, од отците, од целомудрените духовници. Затоа црквата за нив повикува на задобивање на Светиот Дух, Кој што според свети Серафим Саровски е она најпотребното. И ете, затоа Црквата вовела дури и црковен чин – молитвословие наречено „Призив на Светиот Дух“, чин којшто соборот на верниците заедно со своето свештенство го извршува пред секој еден важен почеток, како што е на пример, и денешниов почеток на студиската година.

Благодатта на Духот Свети нека дојде и нека биде со сите вас!

Капиштец, 15 септември 2013 (12 Недела по Педесетница)