Архиерејска Божествена Литургија во храмот Рождество на Пресвета Богородица (29.09.2013 13:39)
На 29 септември 2013 година, во храмот Рождество на Пресвета Богородица - Скопје се отслужи Архиерејска Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Oхридски и Mакедонски, г.г. Стефан во сослужение на архиереите на Светиот Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. Во денот кога се празнува споменот на светата великомаченичка Ефимија, преподобен Доротеј и светата маченичка Људмила; МПЦ – ОА ги празнува јубилеите, 1700 години од Миланскиот едикт на цар Константин со кој се прогласи слобода на исповедувањето на Христијанската вера и 1150 години од почетокот на Моравската мисија на сесловенските учители светите Кирил и Методиј.
Владиката Климент во својата беседа поучуваше за јубилеите кои нашата Соборна православна црква денес ги слави.
Пред пресудниот воен судир царот Константин во благодатна средба со Господ Исус Христос ја добива величествената порака „Со овој знак (Чесниот Крст) ќе победиш“. Бидејќи пораката се докажа како веродостојна, светиот цар Константин Велики ја донесува цивилизациската одлука дека „На секого треба да му се овозможи слободно да исповеда вера согласно својата совест“.
На вчерашната свечена академија по повод јубилеите Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан истакна дека духовната слобода е основа на сите слободи.
Денес светот инсистира на демократија и политичка слобода, додека Христос бара да владее љубовта меѓу луѓето. Да се потсетиме дека христијаните победуваат со благиот милостив дух. Нашиот Господ Исус Христос нѐ советува да ги љубиме непријателите и да ги поучуваме народите.