Божествена Литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Гетеборг, Шведска (26.10.2013 12:22)
На
26.10.2013 год. во Гетеборг, Шведска, на денот кога Православната црква ја
празнува св. Злата Мегленска, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан во
сослужение на надлежниот Митрополит европски г. Пимен отслужи Божествена
Литургија во храмот „Св. Кирил и Методиј“ во Гетеборг, Шведска, кој го
прославува јубилејот 40 години од формирањето на црковната
општина.
Слово изговорено во храмот „Св. Кирил
и Методиј“ во Гетеборг по повод 40 години од формирањето на МПЦО - Гетеборг
26.10.2013 г.
По
свеченостите што ги имавме со нашинците во Малме, со осветувањето на
новоизградениот храм посветен на св. Наум Охридски, и со одбележувањето на
годишнината од формирањето на ЦО,еве, уште еден повод за радување за нашиот
народ и Црква. Имено, во годината кога одбележуваме 1700 годишнината од
Миланскиот едикт, 1150 годишнината од Моравската мисија на светите браќа Кирил и
Методиј, како и 50 години на првоосветената македонска црква во Гери, Индијана –
САД, еве, еден повод за одбележување и овде– четири децении од формирањето на
МПЦО за Гетеборг и околината. Таа 1973 година ќе остане забележана како период
кога дојдените Македонци во Шведска , покажаа дека не можат без Бога и без своја
Црква. Тој чин, на формирање на црковна општина, има историско значење и
незаменлива улога во духовниот и националниот опстој и раст на нашиот народ во
оваа втора татковина, за тие тогашни, за сегашниве, и секако за идните генерации
Македонци во Шведска. Како и насекаде каде што побројни беа доселените
Македонци, по примерот на нашинците во Австралија, САД и Канада, и овде се
покажа за потребно да се има свое место, свој покрив, да се има свој храм. Па
така, со купувањето на ова место, желбите станаа реалност. Изградивте храм со
помошни простории и започнавте живот како што му доликува на православен народ,
со богослужби во неделите и празниците, со активности за подобро организирање и
функционирање. И покрај сите проблеми, недоразбирања, меѓусебни расправии кои го
кочеа напредокот, сепак, успеавте да опстоите како црковна заедница. Дури
изградивте и нов храм, кој во 1986, во пожарот беше делумно оштетен.Но даде Бог,
по молитвите на св. Кирил и Методиј, повторно се обнови и освети и продолжи со
улогата што ја имаше – да биде место за молитва, место за собирање на сите
возрасти, место за сите Македонци и луѓе со добра волја.
Возљубени,
Црквата има незаменлива улога и место во животот на нашиот народ. Ако ја
отвориме историјата, ќе видиме дека особено во ропствата и туѓите владеења,
Црквата имала незаменлива улога во запазувањето на националниот и духовниот
идентитет на македонскиот народ. А, и потоа, и меѓу иселениците Македонци.
Прашање е каде ќе бевте и вие денес и каде и до каде ќе беа Македонците по
светот, ако ја немавме својата црква, ако ги немавме нашите храмови, ако немавме
свој покрив, свое небо и своја светиња?
Ако
немавме свое, сигурно е дека балканските состојби ќе се пренесеа и во Шведска, и
во Америка и во Австралија и насекаде каде што ќе немавме свое, ќе продолжеа
однародувањата и асимилацијата, ќе продолжеа разнебитувањата на македонскиот
народ. Но даде Бог, и покрај сите противења и пропаганди, се успеа да се
формираат и организираат наши македонски црквни општини насекаде каде што се
побројни доселените нашинци. И во САД, и Канада и во Австралија, па и овде по
западноеверопските земји, каде што по примерот на вас во Шведска, почнаа да се
купуваат или градат наши храмови, како во Тринген – Швајцарија, Мајц и Дортмунд
– Германија, а да очекуваме и во блиска иднина и во Виена, Париз,Берлин и други
места по Европа. Иако е доста постигнато, сепак, може и повеќе и подобро. Има
уште Македонци кои се црквуваат по други цркви и одат по туѓи стреи. Потребно е
што повеќе да го прибереме нашиот народ, зашто заедно и подобро и повеќе се чува
и повеќе се придонесува и прави. Значи, ни претстои уште многу работа, уште
многу труд. Мисијата на Црквата, мисијата на свештенослужителите и на секого од
нас треба да продолжи и таму каде што досега не сме успеале, да се обидеме да ги
организираме, да ги прибереме нашите луѓе. Треба да се поучиме од оној
евангелски пример кога овчарот ги оставил 99 за да ја побара и најде едната
загубена овца. Така и ние треба да постапуваме, да ги наоѓаме и вклучуваме во
животот на Црквата оние што сè уште се надвор од заедницата, оние кои подоцна
или сега доаѓаат. Треба да знаеме дека должност ни е да се грижиме за секоја
македонска душа, за секое македонско чедо, без разлика од каде и кога дошло.
Грижата за секого на Црквата и била и останува без разлики на просторот и
времето. А ако сме заедно, ако сме побројни, тогаш сме и посилни и сме во
можност и да се браниме и одбраниме од секакви напади. Верувам дека сте свесни
колку сме на нишан како народ и Црква. Сè што е наше ни оспоруваат – и името, и
јазикот, и културата и историјата, ни го оспоруваат идентитетот и правото на
посебност и своја Црква!
Народ
што помогна да се просвети во Христовата наука голем дел од Европа, народ со чиј
јазик, писмо и книга се утврдија во верата повеќе народи по Балканот и Средна
Европа, па сè до Владивосток, народ од чија Црква се родија повеќе Помесни цркви
на Балканот, ете, на тој народ му се оспорува постоењето и посебноста, му се
оспорува правото на свое име, на своја Црква, на своја вистина... Но ќе ги
издржиме , сите напади и оспорувања, и ќе ја одбраниме нашата вистина! А во таа
одбрана повикани сме сите да учествуваме, сите и отсекаде. Нападот на Република
Македонија, на македонскиот народ во татковината и нападот на МПЦ е напад на
сите Македонци и на цела Црква, без разлика дали сме таму на Балканот, или овде
во Шведска или каде било во светот. Затоа, да го чуваме тоа што го имаме, да
создаваме дела што ќе ја афирмираат македонската вистина - национална и духовна.
А преполна е нашата историја со примери како се сака и родот свој и верата
православна. Денешнава славеничка, св. мч-чка Злата Мегленска, е една од
оние
кои
глава дале, а вера не
мениле, од
оние кои и пред најтешките искушенија и измачувања не отстапиле од нашата
национална и христијанска вистина.
Света
Злата е Македонка, од село Слатино, Мегленско.Се родила и растела во побожно
семејство. Покрај духовните, ја краселе и телесните убавини. Како таква била
забележана од турските арамбаши, па ја убедувале да се потурчи. Дури и девојки
Турчинки биле испраќани кај неа за да ја убедуваат да го прими исламот. Дури и
нејзините родители, од страв да не ја изгубат, ја наговарале да отиде за Турчин.
А света Злата била упорна во бранењето на својата христијанска чест и
достоинтво. На своите родители им рекла: Ако продолжите да ме убедувате да примам
ислам, тогаш вие не сте ми родители и роднини. Единствен татко ми е Господ Исус
Христос, мајка - Пресвета Богородица, а браќа и сестри -
светителите. Откако
не помогнале убедувањата и сите закани, од Турците била обесена на една круша во
селото, а потоа исечена на парчиња. Така маченички го завршила својот живот на
денешен ден во 1796 година.
Возљубени,
од нас денес не се бара да страдаме за верата. Но се бара да ја знаеме и да
живееме според нејзините закони и заповеди, се бара да ги воспитуваме помладите
генерации да знаат и што се и од каде се. Како чеда на мајката МПЦ, трудете се
во оваа демократска земја да го зачувате она што е наше, православните традиции
и обичаи, јазикот, песната и орото македонско и сè што сте донесле од родниот
крај.
Чувајте
го овој храм за тој вас да ве чува и зачува, за уште многу години и
јубилеи.
Честит
денот и празникот, а Светата Литургија на здравје и спасение.
Амин!
СТЕФАН,
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
Извор: Скопска епархија