Востоличување во Тетово (03.11.2013 12:59)
„Биди добар служител на Исус Христос, хранет со зборовите на верата и на доброто учење што си го примил“. (1 Тим. 4,6)
Прекрасниот бисер под Шара, градот херојски, град со блескава историја и храбри синови, градот на голема слава, но и на голема болка, денес стана сведок на радосното празнување на бројното Христово стадо, кое од секаде пристигна во древниот велелепен храм на рамноапостолните словенски учители наши, светите браќа Кирил и Методиј, за да го прими пастирскиот благослов и молитвено да го поздрави устоличувањето на новиот митрополит Тетовско-гостиварски Јосиф. Силно одекнаа во храмот зборовите на митрополитот, со кои тој се заветува пред присутното мнозинство, но и пред лицето на Бога Кој сѐ гледа, дека неуморно ќе се труди за духовната обнова и развој на поверената му епархија, дека ќе работи ревносно, во слава Божја и за исполнување на овој завет, кој го повикува на најсмирено служење и пожртвувана грижа за својата паства. Зашто должноста што ја прима е одраз на највисоко достоинство, но и голем крст што Бог го полага на неговите плеќи. Крст за кој е потребна голема духовна сила и мудрост. Нека Преблагиот Бог му дарува сила и нека го просветува со духовна мудрост за да може најсовесно да одговори на овој свет призив, оваа тешка а истовремено достоинствена служба, да го води повереното стадо на тесниот пат на спасението во Христа. Ние браќата и сестрите на свештената Бигорска обител заедно со возљубениот наш старец, архимандрит Партениј, неговото прво и вечно семејство, му ја честитаме со љубов оваа возвишена служба на митрополит Јосиф, просејќи од Бога да го излее својот благослов врз сите негови идни духовни потфати, и потсетувајќи го да нѐ има постојано во своите архиерејски молитви.
Слово на архиепископ Охридски и македонски, г.г. Стефан
„Синот Човечки не дојде за да Му служат,
туку да служи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“
(Мт. 20, 28)
Високопреосвештен Владико,
возљубен брате во Господа,
Целта и смислата на Христовото доаѓање на земјата, беше да ја објави спасоносната наука, да го даде Својот живот за откуп на сите и да го помири човекот со Бога. Затоа и оние коишто поверуваа во Него ги научи да се молат и да помагаат за волјата Божја да биде како на небото така и на земјата. За да го направи служењето универзално, и да ги опфати сите луѓе и во сите времиња, ја основа Својата Црква, на која ѝ стана основа (1 Кор. 3, 1), аголен камен (Еф. 2, 20) и глава (Еф. 4, 15). Едни избра за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, а некои за пастири и учители, за сите да помогнат за усовршување на светите во делото на служењето... (Еф. 4, 11-12)
Негови пратеници беа, пред сè, апостолите – Неговите најблиски ученици, но такви беа и нивните наследници – епископите. И тие, епископите, како продолжители и исполнители на спасоносното служење, ја извршуваа волјата на Оној, Кој ги избрал и испратил – Великиот Пастироначалник. Такво чувство ги исполнуваше Христовите ученици, а св. ап. Павле потврдува: ние ја исполнуваме службата на пратеници место Христа...(2 Кор. 5, 20) Ете, таква обврска имаа апостолите, таква должност имаат и епископите – да ја извршуваат волјата Христова на земјата. И нема поголемо достоинство од тоа да се биде благодатно издигнат во избраник на Божјата благодат и соработник Христов во градењето на царството Божјо. Нема повозвишено служење од служењето поткрепено од Светиот Дух и од даруваната можност да се биде подражавател на Господа Христа. Отаму произлегува и обврската на епископот, како продолжувач на апостолкото дело – да го проповеда Евангелието пред луѓето и постојано да пребива во молитва и служба на словото (Дела 6, 4).
Господ Исус Христос беше и добриот Пастир, Кој со љубов го водеше стадото и се грижеше тоа да биде едно. Тој душата Си ја положи и ни даде пример и ние да го правиме истото, како што Тој направи (сп. Јован 13, 15) . Таква грижа покажаа и апостолите, таква грижа треба да имаат и епископите и сите свештенослужители. А грижата за стадото е грижа за Црквата! По примерот на добриот Пастир должни се и избраните пастири да бдеат над довереното им стадо, исполнети со страв Божји и поткрепени со благодатната сила на Светиот Дух.
Црквата Христова е тврдина на вистината, надежта и љубовта. Таа вистина на верата треба да се разгласува со збор и дело, а да се поткрепува со љубов, со љубов кон Бога и луѓето, да се потпира врз надежта, врз надежта во најголемата Надеж – во Бога. И да не заборавиме: христијанството не стигна на сите страни на светот, дури до карјот на земјата (Дела 1, 8), поради силниот глас на апостолите, туку благодарение на целосната оддаденост, на смиреното сведоштво и секојдневните жртвени подвизи, поднесени во името на Христа.
Епископот е повикан да биде најблизок соработник на Христа, зашто преку изборот се издига на високо место. А град што стои на врв планина не може да се сокрие – (Мт. 5, 14), туку треба да им свети на оние коишто тргнале по патот на спасението.
Епископот треба да свети преку својот живот и преку словото на благовестието. И нема друг пат освен оној зацртаниот од Господа Христа. Одејќи само по тој пат ќе може да се биде проповедник на верата и учител за доброто. И не само со збор, туку она што се говори треба и да се живее и да се потврдува со дела. Словото на епископот секогаш треба да биде слово на вистината за вечниот и времениот живот, слово за Божјата правда и утеха.
Ете, возљубен Владико, како од архиереј и востоличен митрополит, што очекува овој народ и свештенослужителите, што очекуваме членовите на САС, кои едногласно и еднодушно те избравме и што очекува нашата света Црква!? – Очекуваме да бидеш постојано исполнет со страв Божји, со љубов кон Бога и народот, со усрдна вера да пребиваш во молитвата, да го распалуваш дарот на Светиот Дух...(2 Тим. 1, 6), да го чуваш и зачуваш добриот залог... (2 Тим 1, 12), да ја прославиш службата (Рим 11, 13) како пратеник Христов и учесник во небесното призвание...(Евр. 3, 1).
Како млад не се обесхрабрувај, туку надевеј се на Бога од Кого доаѓа нашата способност (сп. 2 Кор. 3, 4), настојувајќи да го зајакнеш својот позив и избор (2 Петар 1, 10). Не заборавај дека и нашата света МПЦ, како неделив дел од едната, света, соборна и апостолска Црква, го има божествено сокровиште од кое произлегуваат обврските на секој свештенослужител, има долговековна историска традиција неделива од својот православен народ.
Доаѓаш во предели каде се длабоки и древни христијанските темели, ќе бидеш меѓу народ којшто љубоморно ја чува и живее верата православна, меѓу народ кој поради секојдневните притисоци сè повеќе се оретчува, но овој кој останува е верен народ и си ја сака Црквата Македонска и земјата прадедовска; ќе бидеш архиереј меѓу народ каде по крстот и полумесечината се идентификува и препознава секој човек и секоја населба. - Помагај да се залечат раните, моли се да се утешат онеправданите! Почитувај ги постојните разлики кај секого и учи ги луѓето да им го прават тоа на другите што сакаат другите ним да им го прават! Потсетувај ги дека кој прави неправда ќе добие според неправдата (Колос. 3, 25), советувај на злото да не се враќа со зло, туку злото да се надваладува со добро (Рим 12, 21). Поучувај да се бара она што служи за мир и меѓусебно подобрување еден на друг (Рим 14, 19). Биди толерантен и мирољубив, никогаш и никаде не заборавај дека во сè треба да се биде човек, иако тоа е најтешкото! – Сè друго е полесно! - Но најтешкото е најдостојно за секој човек!
Чувај го Лешочкиот манастир со неговите стари и нови лузни и светињите во доверената ти епархија! Не заборавај го Бигорскиот манастир и домовите во кои телесно и духовно израсна, како и институциите каде го стекна своето образование! Чувај ја чистотата на православното учење, внимавај на достоинството и брани ја возобновената автокефалност на нашата древна Светиклиментова Охридска и Македонска Архиепископија! И, како советува св. ап. Павле – Погрижи се пред Бого да се покажеш како достоен и беспрекорно работлив, кој верно го проповеда словото на вистината ( 2 Тим. 2, 15), потруди се со верата и љубовта во Христа Исуса во тебе да се преумножи благодатта на нашиот Господ (1 Тим. 1, 14), ...за да го добиеш венецот на славата што никогаш не венее (1 Петар 5, 4).
Прими го овој жезол како видливо сведоштво на архиерејската власт и благослови го овој народ кој молитвено учествува во денешнава радост!
Долгоденствуј, Високопреосвештен Владико! –
На многаја лета!
Слово на Митрополит Тетовско-гостиварски г.Јосиф
Ваше Блаженство, Ваши високипреосвештенства, Ваше преосвештенство,
Почитувани членови и претставници на Владата на Р. Македонија,
Почитувани пратеници во Собранието на Р. Македонија,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор,
Уважени претставници на образовните институции,
Почитувани претставници на локалните самоуправи,
Сечесни отци и богољубиви монаси,
Возљубени во Господа браќа и сестри,
Духовни чеда,
Исправен пред вас , овде, на амвонот од ова свето место, посветено на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј Солунски, соборниот храм на православното искрено сведоштво на верата Христова во овој дел од македонската земја, не можам, а да не се запрашам, чудејќи се колку е дивен Бог во Своите дела, какви сè се патиштата Господови за секого од нас? И ако погледнам назад во свештената историја на Црквата, ако ги прелистам страниците на човековата егзистенција, а макар и за малку ми се дозволи да го зеркам постоењето на секој човек - секаде ќе најдам различен одговор, секаде ќе најдам различен пример за исто дело, за иста состојба, за иста животна случка и ситуација, за истата потреба. Но нема да можам незадоволен да ја затворам книгата на минатото - затоа што од тоа што немам одговор, ќе сфатам едно - дека чудесни се патиштата Господови, дека праведен е Господ во Своите дела, во Својот план за секого од нас. Секому дава според неговата потреба - но и од секого ќе бара одговор според даденото. И од тој праведен суд Божји, никој, никогаш ниту побегнал, ниту ќе може да се скрие.
Затоа, зачуден стојам пред овој свештен собор и во трепет се исповедам - зошто токму моето недостоинство, Милостивиот Бог го удостои со ваква голема духовна одговорност - да се грижам за спасението на довереното ми паство, да се грижам за Црквата Божја во овој благословен дел од нашата татковина? И одоговорот, верувам, никогаш нема да го најдам, доколку го барам во себе, во своите духовни квалитети, потребни за ваквиот повик. Но знам и уверен сум дека само и единствено за едно треба секогаш да се биде подготвен кога ќе се добие ваков дар, ваков повик - секој ден духовно да се умира за Господа, нашиот Бог, Исус Христос. Секој ден да се заборава на себеси, а молитвите и солзите да течат во срцето за секоја и сечија потреба, мака и радост; секој ден да се коленичи за сечиј грев и сечија страст; секој ден да се подигаат рацете кон небото за добробитот на свештенството и верниците; секој ден грижата да дава непостојаност на нашиот ум за секој храм во епархијата, за секој напукнат ѕид на црквите, за секоја падната керамида од домот Божји. Такво треба да биде секојдневието на епископот на една епархија - секој ден да станува и останува духовен татко на сите. Некому да му помага со советот, на друг со делото, на трет со молитвата. Да Му служи на Бога и во олтарот на Неговата слава, но и во олтарот на своето срце. Само вака живеејќи, ќе биде подготвен да ги разбере зборовите на светиот апостол Павле - тежнее ли некој кон епископство, тој сака добра работа, за која треба да е непорочен... разбран, разумен, уреден, гостољубив, способен да поучува... не насилник, ни алчен, туку кроток, мирољубив и несреброљубив (1 Тим 3/1-3).
Возљубени чеда,
Кога ќе се погледне што сè имаме во духовна смисла и ни е оставено од нашите предци, можеме само да Му благодариме на Господа за таквата милост, да Му воздадеме похвала за многубројните цркви и манастири, за олтарите и конаците, за иконите и фреските, да Му славословиме за верата на нашите татковци и дедовци, за вистината во која, ете, благодарение на нашите предци пребиваме. Имаме сè што е потребно и наша одговорност е да го зачуваме ова духовно богатство. Но Христовата вистина се чува, само доколку се живее. И залудно ќе се именуваме христијани, ако не живееме христијански; за што ќе ни се црквите, ако не ги полниме, ако не ги посетуваме за богослужбите во секоја недела и на секој празник и не учествуваме во заедничкото дело на христијанскиот собор. А тоа заедничко дело е подвиг и молитва на сите нас заедно - на вашиот владика, вашите свештеници и сите вас.
Стоејќи пред вас, возљубени тетовци, гостиварци, вие што сте дојдени од Мавровско и горнореканскиот крај, не можам, а да не го изразам својот восхит што Господ ме предал на вашите молитви, што ме удостоил на овие наделку познати и препознати верни души да им станам слуга, да ви станам сè, за да ве придобијам за спасението (сп. 1. Кор. 9, 22). Ете, Бог така благоволил, овој дел од македонската земја, постојано да е во подвиг, постојано да е во плач и тага, во страдање, не поради другиот, туку поради нас самите, поради нашето непокајание, поради нашето неопстојување во верата и делата христијански. Но колку сме, толку сме, благословени да сме, Бог да нè отрезни со спасителниот глас на Своето евангелско слово, за да не губиме надеж во Неговата милост и да се грижиме за она што ни е најважно - еднодушноста во вистината, во верата, надежта и љубовта.
А имаме многу славни предци, кои во овие краишта се докажале херојски во подвигот, во тоа како се опстојува, како се брани и како се живее верата христијанска. Тие создавале и граделе за нас, за еве денес, во овие времиња на сечовечко страдание, да имаме прибежиште, да имаме пристаниште од животната бура, да имаме надеж. И токму на нивните молитви пред Божјиот престол се надеваме, на застапништвото на славните Полошки митрополити Јоаникиј и Никанор, на отците Кирил Пејчиновиќ, Николај, Силвестер, Теодор и многу други.
Говорејќи ви пред живото присуство на овие наши славни духовници, но и на соборот светителски, можам само да се заветам дека примарното во моето секојдневно пребивање на епископскиот трон што ми е доделен на послушание од Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква ќе биде духовната градба на нашата новоформирана епархија, Тетовско-гостиварската. Како што споменавме, материјалните градби ги имаме, ги наследивме и за нив ќе се грижиме со постојана будност, нови ќе создаваме, но најважна од сè е возобновата на духовниот живот во овие краишта. Да видат овие ѕидови верен народ, кој постојано ќе пребива меѓу нив, да слушнат овие икони и фрески молитви, да тропаат камбаните за служби, да се оживеат манастирите и манастирските имоти со црноросци.... Но тоа ќе се трудиме да биде секогаш во духот на потврденото црковно предание, натопено со благодатта на Светиот Дух. Зашто, треба уште отсега да се знае, храмот треба да биде само и единствено храм, да биде место за црквување, за проповед и мисија, манастирот треба да биде само и единствено манастир, да биде место за подвиг, за утеха и воспитание.
Ни претстои многу работа - но јас се надевам и на сите вас, возљубени во Господа, а особено се надевам и на свештенството и монаштвото. Ете, служители на Божјиот престол, се исполнува благословеното време кога секој од вас ќе има подеднаква шанса, кога секој од вас ќе треба да се покажува во ревноста, во верата и успесите на духовен план, да се докажува на нивата Господова. А тоа што ќе треба да го сееме, ќе мора да биде само во согласност со преданието на светата Христова Црква, зашто гледаме, само таквата традиција е благословена, само тогаш има успех делото на Црквата. Искушенијата секогаш ќе бидат присутни, дури и ќе се преумножуваат, непријателот на светоста и благолепието, кнезот на овој свет (Јован 12, 31; 14, 30; 16, 11. Ефес. 2, 2) постојано се спротувставува на вистината и добрината, но наше е да опстоиме (Матеј 24, 13), особено во согласноста и љубовта да бидеме постојани.
За тоа наше дело ќе се надеваме и на застапништвото, искуството и поуките од оние што се опитни во подвигот, силни во мудроста и знаењето, цврсти во верата - што се многу блиску до нас, од каде што и ние сме произлегле, а и многумина од вас се воспитувале, учеле за верата, ја искусувале молитвата на долгите бденија, го вкусувале и вкусуваат плодот на духовничката љубов и грижа. И , на крајот, најважно е што сè треба да биде во името нашиот возљубен Спасител: Не нам, Господи, не нам, туку на Своето име дај Му слава, заради Твојата милост, заради Твојата вистина (Пс. 113, 9). Амин!
Извор: Бигорски манастир