Востоличен Митрополитот на Кумановско-осоговската епархија, г. д-р Јосиф (10.11.2013 02:22)
Неговото блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во црквата на Свети Никола во Куманово го воведе во Кумановско-осоговскиот епископски трон Митрополитот г. д-р Јосиф.
Пред свеченото востоличување, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, бројното свештенство и монаштво, отслужи света архиерејска Литургија. На свечениот чин присуствуваа и претставници на Владата на Република Македонија, локалната власт, образовните институции, како и мноштво верници од цела Македонија.
„Погрижи се да се сочуваат и обноват старите храмови и манастири, а гради и нови каде што ќе има потреба. Но, најмногу погрижи се за верата, за духовната надградба на народот што ти е доверен“, му порача Архиепископот на востоличениот Митрополит, г. д-р Јосиф.
„Од тебе, како млад архиереј очекуваме да продолжиш таму кадешто претходниците застанаа. Настојувај да го зајакнеш својот позив и избор, зашто на таков начин може да се влезе во вечното Царство на нашиот Господ Исус Христос, советува св. апостол Петар. А тоа ќе го исполниш, ако неуморно го проповедаш Евангелието и ако постојано живееш според него“, рече Архиепископот г.г. Стефан.
Нововостоличениот првоерарх истакна дека ќе настојува „да ги соединиме православната вера и евангелскиот морал со секојдневните мисли, очекувања и надежи, за да можеме да најдеме одговор на најсложените егзистенцијални, идејни и морални прашања на денешницата, која што нé обременува со постојани грижи, радости и жалости“.
Митрополитот Јосиф потенцираше дека ќе се грижи за душите на сите во доверената епархија, но дека особено ќе ѝ се посвети „на младината, на која најмногу ѝ треба духовно раководење и вклучување во сите пори на црковниот живот“. „Во време на морална декаденција, различните пропаганди за безусловна „слобода“ во однесувањето, ги уништуваат душите на многумина, и ние не смееме да чекаме младината сама да се обрати и да Го најде Христа“, заклучи Митрополитот.
Неговото слово изговорено на востоличувањето може да се прочита на следниот линк.
Извор: Кумановско-осоговска епархија