Соопштение (27.03.2014 16:08)
Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква на својата редовна седница одржана на 27 март 2014 г., разгледа повеќе прашања од актуелниот живот на Црквата.
Синодот ја разгледа Предлог-програмата за неговото делување и функционирање во претстојниов период, при што посебно внимание посвети на обновување на процесот на разговорите на нашата Света Црква со сестринските помесни православни цркви, а пред сѐ со Српската православна црква, со цел да се постигне конечно прифаќање на Македонската православна црква како рамноправна членка во семејството на православните цркви.
Исто така беа разгледани и заклучоците од неодамна завршената средба на поглаварите на помесните православни цркви, во Неделата на Православието во Цариград, во 2014 г., како и подготовките за одржувањето на Великиот Православен Собор, којшто треба да се оддржи во 2016 г.
Синодот ја разгледа и информацијата за материјалното функционирање на црковните институции во општествениот систем на Република Македонија. Беа разгледани и предложените мерки за заштита на сакралните вредности, кои се цел на секојдневни кражби и сквернавења.
ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ