Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение до јавноста – од Поглаварите на црквите и верските заедници во Р. Македонија (01.04.2014 15:55)

Денес 01.04.2014, во својот кабинет, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ги прими верските лидери во Р. Македонија: Реис Ул Улема Хаџи Ефенди Сулејман Реџепи, Поглавар на Исламската заедница; д-р Кирил Стојанов, Бискуп Скопски и Апостолски Егзарх на Католичката црква; г. Михаил Цеков, Проповедник на Евангелско - методистичката црква и г-ѓа Берта Романо - Николиќ, Претседател на Еврејската заедница.

 

 

 

 

СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА

Слободата на изборот е основно човеково право, кое не е само придобивка на современото демократско општество, туку е фундаментален дел и од учењето на секоја религија.

Но таа слобода во изборот, тоа што е цел на нашата волја и на нашето убедување или, пак, моментно расположение, мора да биде разумна, да биде достоинствена, но најнапред и пред сè во согласност со позитивните законски прописи на општеството, односно државата во која живееме и, секако, во согласност со основниот природен морален кодекс со кои сите сме создадени од Бога.

Ниедна религија во светот не повикува, не проповеда човекот да излезе од рамките на својата егзистенцијална матрица, односно од својот идентитет на добро, разумно и културно битие.

Затоа, имајќи го предвид периодот што претстои, ние, поглаварите на црквите и верските заедници во Македонија - Македонската православна црква, Исламската верска заедница, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква и Еврејската верска заедница, ги повикуваме своите верници, како и сите граѓани, и апелираме своето загарантирано со Уставот право на глас, на претстојните редовни претседателски и вондредни парламентарни избори, да го искористат според своето убедување, достоинствено, одговорно и мирно и со богоугодно и човекољубиво однесување.

Сите ние имаме одговорност за иднината и просперитетот на нашата држава. Секое нарушување на изборниот процес, но и на сеопштото општествено функционирање, прави штета за нас самите во прв ред, но и за лицето на нашата држава – Република Македонија во светот. Затоа, да потврдиме дека сме земја и луѓе со демократски и државотворен капацитет, со меѓународни принципи, но пред сè следбеници на вистински религиозни и духовни вредности.

Скопје, 01. 04. 2014 г.