Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Реакција по повод богохулството во „Фокус“ (21.04.2014 19:16)

8/21 април 2014 лето Господово,

 

Воскресение Христово – Пасха, втор ден

 

Во овие денови на пасхална радост и празнување, во име на Братството на свештената Бигорска обител и бројните духовни чеда - верници, принудени сме да го подигнеме својот глас против еден немил настан, кој е голема навреда за честа на христијаните и ненамерна (или намерна) страшна хула против Господа. Имено, пред три дена, на Велики петок, токму на денот кога бил распнат нашиот Спасител - Господ Исус Христос, во неделникот „Фокус“, кој се вбројува меѓу пореномираните и независните неделни списанија и ужива голем авторитет во македонската јавност како сериозно и многу читано гласило, се појави еден најнедоличен, навредувачки и богохулен илустриран приказ на нашиот Спасител. Не навлегувајќи во намерата и целта на уредништвото на списанието, кое несовесно допушти воопшто да се објави ваква богохулна илустрација, би сакале да нагласиме дека никој не треба да се подигрува со верските чувства на христијаните и да го валка божествениот лик Господов, кој за верниците е нешто најсвето. Впрочем, злоупотребата на верските чувства на луѓето од која било вероисповед, се смета за нешто што најпрво е крајно неетички и некултурно, но и спротивно на начелата на демократијата. Затоа би сакале да ги замолиме уредувачите на неделникот „Фокус“ да излезат во јавност со свое извинување за спомената илустрација и во иднина да се воздржуваат од вакви и слични објави, кои и нив самите им штетат, нарушувајќи го авторитетот на весникот, и создаваат револт кај верниците кои го читаат ова списание. Воедно упатуваме и апел до сите политички партии и невладини ораганизации од јавниот сектор во нашата земја, да истапат со јавно осудување на оваа постапка и да се оградат од неа, покажувајќи со тоа дека на никаков начин не ја поддржуваат ваквата богохулна пропаганда, која не може да биде оправдана поради ниедна причина. Слободата на говорот, мислењето, уверувањето или политичката определба, не смее да го санкционира достоинството на човекот, особено не преку злоупотребата на верувањето и верските чувствата, и тоа во најсветите и најторжествените моменти.

 

Извор: Bigorski.org.mk