Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Предавање на проф. д-р Владета Јеротиќ: „Кога религиозноста станува психолошки проблем?“ (09.05.2014 10:45)

На покана на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, на 7 мај 2014 г. се одржа предавање на познатиот и признат психијатар и академик, проф. д-р Владета Јеротиќ. Предавањето се одржа на Богословскиот факултет, во преполнетата сала „Архиепископ Доситеј“, на кое присуствуваа Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар и Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, истакнати професори и научни работници, како и голем број студенти и верници.

Гостинот беше претставен од страна на проф. д-р Милан Ѓорѓевиќ, а со поздравно слово на присутните им се обрати и деканот на факултетот, проф. д-р Ацо Гиревски. Тема на предавањето беше: „Кога религиозноста станува психолошки проблем?“ Академик Владета Јеротиќ говореше за човекот како за homo religiosus, и понуди историски осврт на развојот на религиите. Беше разгледан и самиот феномен на вера наспроти неверие, и соодветно, беше разгледана психодинамиката на верата. По предавањето следеше получасовна дискусија на која присутните имаа можност да постават прашање или да дадат коментар на темата.

Владета Јеротиќ (1924 г.) е лекар, психијатар, книжевник, академик, роден во Белград, Србија. Специјализирал невропсихијатрија, а во Швајцарија, Германија и Франција – психотерапија. Од 1985 година предава пастирска психологија и медицина на Богословскиот факултет во Белград. Има објавено голем број студии и колумни, и над 30 авторски книги. Приредувач и преведувач е на делата на Сигмунд Фројд на српски јазик. Добитник е на значајни награди и орден за заслуги. Во тек е преведување и издавање на неговите дела на македонски јазик.

Според зборовите на деканот на Факултетот, проф. д-р Ацо Гиревски, ова е резултат на интерфакултетските активности на ПБФ, на отвореноста, на тоа што Факултетот е членка на УКИМ, но и на тоа што оваа наставно-научна институција на МПЦ-ОА се закити и со редовен член на МАНУ. Секако, без да ги занемариме активностите на младиве професори од ПБФ, кои прифаќаат активности и учества на симпозиуми и конференции во земјата и надвор од неа, стекнувајќи нови пријателства и контакти со колеги од сродните факултети и институти, изјави деканот Гиревски.