Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Празникот на светите Кирил и Методиј во патријаршискиот соборен храм во Софија (12.05.2014 12:45)

Вчера, во Неделата на раслабениот беше одбележан и празникот на светите солунски браќа, словенските просветители Кирил и Методиј. Во патријаршиската соборна црква, ставропигијалниот храм посветен на свети Александар Невски во Софија, беше отслужена Света Литургија од страна на Браницкиот Епископ Григориј, викар на Софискиот Митрополит, и клирот при соборниот храм.

За време на Литургијата во светиот олтар се молеше Неговата Светост Бугарскиот Патријарх Неофит. Молитвено, заедно со него, исто така, присуствуваше и Поглаварот на Македонската Православна Црква Архиепископот Стефан заедно со Струмичкиот Митрополит д-р Наум и Хераклејскиот Епископ Климент, секретар на Светиот Синод на МПЦ. Високата делегација на МПЦ пристигна во Софија заради заедничко чествување на празникот на светите браќа од страна на Бугарската Академија на науки и Македонската Академија на науките и уметностите. Но, бидејќи МПЦ не е признаена од страна на останатите Православни Цркви, нејзиниот клир не можеше да учествува во празничната богослужба.

На крајот од Литургијата слово за светите словенски просветители и нивното свето дело прозинесе Епископот Григориј. Потоа Патријархот, Епископот Григориј, Тивериополскиот Епископ Тихон, Маркијанополскиот Епископ Константин и останатиот клир, кон кои се присоединија свештениците од градските цркви, излегоа од олтарот во средината на храмот, каде што го започнаа празничниот молебен. Заедно со нив од олтарот излегоа и гостите од Македонија.

После молебенот Патријархот Неофит од амвонот прознесе празнично слово за сеславните просветители. Следеше многулетие од тројцата ѓакони, при што вториот благослов љубезно беше отстапен на Архиепископот Стефан. Пред да заврши молебенот Епископот Тихон му соопшти на верниот народ во храмот дека на денешниот празник на светите Кирил и Методиј присуствуваа и Поглаварот на МПЦ со нејзините архиереи и клирици.

Традиционално, по празничните богослужби во синодската сала беше приреден краток прием на кој присуствуваа и гостите од МПЦ.

 

Извор: Dveri.bg