Промоција на изданијата: „СТРЕСОТ И НИЕ“ и „СТРЕС – НЕСОНИЦА, АНКСИОЗНОСТ, ДЕПРЕСИЈА“ (14.05.2014 22:15)
На 14 мај 2014 година, во салата на Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје беа промовирани книгите: СТРЕСОТ И НИЕ и СТРЕС - НЕСОНИЦА, АНКСИОЗНОСТ, ДЕПРЕСИЈА на авторите Методи Чепреганов и Теодора Костовска. На промоцијата присуствуваа Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и Митрополитот струмички г. Наум. На промоцијата со свое пригодно слово се обрати Архиепископот г.г. Стефан
СТРЕСОТ – ПОСЛЕДИЦА НА ГРЕВОТ
Пред нас се две значајни дела, значајни не само од аспект на содржината и на тоа што во нив се кажува, туку и од аспект на современието. Често се случува денес да ја слушнеме познатата вистина, која произлегува како заклучок од директниот опит со тоа што нè опкружува, дека стресот е секојдневието на современиот човек, еден од белезите на денешнината, или како е речено во еден од воведите – стресот е дури епидемија број еден на нашата цивилизација.
Симптомите, како што се главоболката, уморот, несоницата, напнатоста, нервозата и сл. се пројави што сигнализираат дека нешто сериозно се случува со човекот, дека е вознемирена равнотежата во човечкиот организам и дека има голем расчекор меѓу потребите во животот и можноста да се справиме со истите.
Отците на Црквата го дефинираат стресот како „фактор кој има моќ да го исфрли, односно да го извади од функционалната состојба кој било систем на вредности и сили.“ Значи стресот е состојба во која човекот се наоѓа надвор од себе, изваден од контекстот на своето, на сопственото. Преживувајќи ги тие моменти, човекот страда по загубеното, кое сега станува идеал, и за него тоа претставува спасение. А токму тоа е моментот, т.е. проблемот што треба да го воочиме - дека состојбата на претходниот мир, видена како таква од сопствен аспект, можеби е причината за сегашниот немир.
Опитните духовници често говорат дека стресот е, всушност, последица на гревот, односно на противприродното постоење на човекот, на отсуството на Бога во нашиот живот. И затоа ослободувањето од стресот зависи од тоа „дали ќе успееме да ја запознаеме нашата природа и нејзиниот Извор“.
Стекнувањето на добродетелите низ активниот живот во Црквата е успешниот рецепт за зајакнување на имунолошкиот систем на човековото битие во борбата против страстите и искушенијата кои можат да предизвикаат не само духовни, туку и душевни растројства. А стресот, кој не ретко се дефинира како општ поим за разни манифестации на растројство, е продукт на гревот. Така, отсуството на вера, смирение, страв Божји, љубов, надеж, послушание, односно присуството на гордоста, на длабоката, би рекле егистенцијалната, поврзаност со несовршените квалитети на овој живот и свет, споено со секојдневието кое по својата природа стана турбулентно и прединамично, го стимулира стресот.
Затоа, слободно може да заклучиме дека делавa што се пред нас, кои теоретски, но и практично ни даваат објаснување за стресот, неговите причинители и последици, се важни не само медицински, туку и духовен прирачници. Тезата што пред повеќе од деценија ја изрази Руската православна црква во својата социјална концепција дека свештениците, односно духовниците мора добро да ја познаваат психологијата, психотерапијата и обратно дека и лекарите треба добро ја ја познаваат теологијата, особено духовниот опит на светите отци во работата со луѓето. А дека и во нашата Македонска православна црква не е заобиколена таа тема, потврдува и одржаната јавна трибина на Богословскиот факултет, во 2009 г., на која учествуваа професорите: д-р Методиј Чепреганов, д-р Илија Џонов и д-р отец Стефан Санџаковски. Инаку во личноста на проф. Чеперганов, или како милуваме да го ословиме со отец Методи, имаме одличен спој на темелит и образован специјалист, елоквентен и признат научник, но и на верник, богољубец и човекољубец. Затоа неговите дела не се само теоретски производ, односно едностран продукт на неговата специјалност, зашто како такви тие не би биле полезни за Црквата и духовниците, туку напротив - во сите нив има многу теми и содржини корисни за современите пастири.
СТЕФАН
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
Извор: Скопска епархија