Cвета Архиерејска Литургија во соборниот храм на Тетовско-гостиварската епархија (26.05.2014 12:54)
На 24.05.2014 година, кога Светата Црква го слави споменот на светите рамноапостолни и сесловенски просветители Кирил и Методиј, во соборниот храм на Тетовско-гостиварската епархија во Тетово, посветен на светите солунски браќа, се отслужи Света Архиерејска Литургија. На Литургијата чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, во сослужение на надлежниот архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф, како и Неговото Високопреподобие, игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј и повеќемина свештенослужители од Тетовско-гостиварската и Скопската епархија. Со певницата раководеше градскиот хор „Менада“, под диригентство на маестро Ивица Зориќ, како и псалтите, студенти на МПЦ во Солун и Санкт-Петербург, Антонио Лазески, Александар Димоски и Златко Дивјаковски. Верниот народ, кој во голем број присуствуваше на ова празнично торжество за градот Тетово и Тетовско-гостиварската епархија, се причести со Светите Христови Тајни. Празничната радост, со своето присуство ја збогати и министерот за надворешни работи г. Никола Попоски.
Извор: Тетовско-гостиварска епархија