Посета на Претседателот на Владата на РМ во Бигорски (26.05.2014 13:31)
11/24 мај 2014 лето Господово
Радосното ликување во Бигорската обител поради денешниот светлозарен спомен на рамнопостолните македонски и сесловенски просветители и учители, Светите Кирил и Методиј, попладнево беше збогатено и со една благопријатна посета. Почитуваниот Премиер на Р. Македонија, г. Никола Груевски со своето благочестиво семејство посака заедно со нашето монашко братство и сестринството во Рајчица да ја сподели љубовта и благодарноста кон нашите најсвети татковци во Христа за нивното бесмртно дело. Господин Никола Груевски и неговата сопруга, г-ѓа Боркица, со двете ќеркички Анастасија и Софија, беа најтопло и најгостољубиво пречекани од нашиот старец, архимандритот Партениј, и целото Бигорско братство. Семејството Груевски во нивната неколкучасовна приватна посета имаа можност да ги посетат двата манастири, добро да се запознаат со напредокот на обновата и доизградбата, како и со дел од монашкото секојдневие. Во текот на оваа благодатна средба, преовладуваше општиот впечаток за обострано задоволство од досегашната соработка како во поглед на обновата на манастирот, така и во духовните сфери, што многу придонесе Бигорски да прерасне во вистинско жариште за духовен напредок на македонскиот народ, како и во значаен благотворен чинител на добрите меѓуетнички и меѓуверски односи во овој крај на нашата Република, чинител што, последувајќи го примерот на сесловенските Рамноапостоли, преку своите бројни духовни чеда покажува дека верата и љубовта кон Спасителот Господ Исус Христос и денес гради мостови на разбирање помеѓу луѓето, ја облагородува човечката душа и дава најголем придонес за благосостојба во општеството.