Македонска државна и црковна делегација се поклони на гробот на свети Кирил (26.05.2014 13:46)
Македонска државна и црковна делегација, предводена од претседателот Ѓорге Иванов, на 24 мај 2014 г., на празникот на светите Кирил и Методиј, се поклони на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“ во Рим.
Со молебенот на гробот на сесловенскиот просветител чиноначалствуваше Митрополитот Европски г. Пимен, во придружба на отец Климент Мишањ од Пјаченца.
Во состав на државната делегација на молебенот на традиционалната манифестација во чест на основачите на првата словенска азбука Свети Кирил и Методиј, беа и министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, и амбасадорите на Македонија во Рим и во Ватикан Оливер Шамбевски и Звонимир Јанкулоски.
Поклонението на гробот на свети Кирил во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.
Извор: Утрински весник