Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Божикно послание на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан (01.01.2005)

 

 

+ С Т Е Ф А Н

 

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,

ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД

НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,

ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И

ВЕРНИТЕ ЧЕДА НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,

ПО ПОВОД ХРИСТОВОТО РОЖДЕСТВО - БОЖИК,

ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА

 

 

 

 

 

 

„И навистина,

голема е тајната на побожноста,

Бог се јави во тело!” (1. Тим. 3, 16)

 

 

Драги наши духовни чеда,

Божик, денот на раѓањето на Христа Спасителот, е денот во кој се исполни ветеното од Бога и ден почеток на спасението. Христовото Рождество и Крште­нието, проповедта и чудо­творствата, распетието и Воскресението - се настани од Божјиот План за спасение на луѓето и на светот. На Божик чове­кот, како образ и како икона Божја, доби можност да се спаси и да се обожи.

Со Христовото раѓање на човештвото му се откри Спасителот и тоа веќе ја знае својата цел, ја препо­зна­ва и насоката и патот по кој треба да чекори. По овој ден за човекот се отворија небесата, а светоста и совр­шенството од далечни му станаа блиски; и тој, конечно, може непре­че­но да се насладува од духовното и своето срце да го исполнува со вечност.

Преку богодадената закрила надмината е немоќта и духовната сиро­маштија на човекот. Синот Божји стана Син Човечки, Бог се изедначи со луѓето и се оствари заедницата со човекот. Па, зар има поголема новост и поголема вест во историјата на човештвото: Бог се јави во тело - Бог стана човек!?

Затоа, на овој ден има и зошто да се радуваме! Нашата надеж веќе не е бесмислена: животот доби нова - вечна вредност.       

Господ Исус Христос, земајќи на Себе човечко тело, Себеси се понижи и зачекори по нашиот човечки пат. Он, Кој е над сѐ што постои, и е Цар на славата, избра да се роди во пештера. Он, Кој седи на најви­сокиот престол, ги избра за Свои ближни напуштените и отфр­лените. Синот Божји му пријде и му се приближи на секого: со гладните гладува, со жедните жедува, со тажните тагува, несреќните ги утешува...

 

Возљубени празникољубци,

Божик е ден кога се потсетуваме на спасоносното Божјо дело, кое треба да се трудиме да го поддржуваме. Божик е ден кој нѐ повикува да поставиме нов почеток во нашите животи. Божик е ден кога треба целосно да се предадеме еден на друг, кога треба да ја даруваме целата наша љубов и целото наше битие. Празниците затоа и постојат: влегу­вајќи во радоста на нашиот Господ, да навлеземе подлабоко во верата и во меѓусебното разбирање. Да се сплотиме сите како народ Божји, да му посве­дочиме на светот дека ние, Македонците, имаме огромно духовно богатство. Тоа го добиваме од Христа Бога, најпрво преку апостолот Павле и првопокрстената Лидија, како и од нашите светии: Кирил и Методиј, Климент и Наум, Нектариј и Агатангел, Злата и Васа, Ѓорѓи и Спасо, Гаврил и Прохор, Никодим и Иларион и од сите македонски богоугодници, кои создадоа цврсти и здрави духовни основи меѓу својот македонски православен народ.

 

Драги браќа и сестри,

Македонската Православна Црква, нашата држава Република Маке­донија и македонскиот народ и годинава беа распнувани и изло­жувани на тешки искушенија. Некои соседни народи и Цркви, замислувајќи дека един­ствено тие го имаат правото над правдата, се обидоа, како и многу­пати досега, да нѐ присвојуваат и негираат! Тие се подбиваа со нашите црковни и нацио­нални чув­ства, со нашето маке­донско име, со нашите успеси и постиг­­ну­ва­ња. Лицемерието го ставија пред искреноста, циниз­мот и омра­зата пред љубовта, неправ­да­та пред прав­дата, лагата пред висти­ната, дневна­та политика пред кано­ните и учењето на Светата Црква и Светите отци, човечкото муд­рување пред  библиската премудрост. Како причина за неприфаќа­њето на нашата Света Црква го поста­вија неј­зи­ното име, не гледајќи дека тоа нивно оправ­­­­­дување има само овоземна димензија, а не црковна и Божја. Така поста­пуваат затоа што се заслепени од национал-шовини­сти­чките идеи и цели.

А насилството му е туѓо на право­славното учење! Кој насилно и без љу­бов и разбирање постапува, не може да се нарече Хри­стов, а бого­љубието и човеко­љубието се далеку од него.

 

Возљубени чеда во Господа,

Ние, Македонската Православна Црква и македонскиот народ, сме особено одговорни пред нашите предци. Мора да го чуваме она што тие со маки и со жртви го спечалиле и ни го оставиле. Минатата година го прославивме големиот јубилеј на македонската државност, 60 години од АСНОМ, кога се поставени темелите на возобновената слободна држава Македонија. За Македонската Православна Црква, пак, АСНОМ е значаен по тоа што една од неговите основни придобивки беше заклучокот да се воз­обнови и нашата древна Охридска Архи­епископија. Во 1958 и 1967 година тоа и се случи! - По двесте години се исправи историската неправда од 1767 г., кога неправедно беше укината нашата славна Охридска Архиепископија.

Во годината што е пред нас се навршуваат 1100 години од времето ко­га свети Наум Охридски, големиот подвижник и чудотворец, го изгради својот манастир на јужниот брег од Белото Езеро, го подигна свети­лиш­тето кое веќе цели единаесет векови е македонско запалено кандило пред Бога. Да направиме напори за што подостојно да го одбележиме еди­наесет­вековното постоење на Свети Наумовиот манастир.

 

Верни наши духовни чеда,

Да ги прославиме Божикните празници со мир, љубов, радост и меѓу­себно разбирање. Преку овие вечновредни добродетели да напре­ду­ваме и како Црква и како народ. Верата и љубовта да ги прифатиме како основни критериуми во нашиот живот. Врз нив да градиме сѐ во животот. Да се чуваме од гревот и да се вподобуваме на Христа во сѐ. Така про­чистени и преобразени да воскликнеме заедно со ангелите: „Слава на Бога во височините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!”.

 

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

 

Честито и од Бога благословено Новото 2005 Лето Господово!

 

+ Стефан

Архиепископ Охридски и Македонски

 

Членови на Светиот Архиерејски Синод:

Кирил, митрополит Полошко-кумановски

Горазд, митрополит Европски

Петар, митрополит Преспанско-пелагониски

и админи­стратор Австралиско-новозеландски

Тимотеј, митрополит Дебарско-кичевски

и администратор Повардарски

Наум, митрополит Струмички

Агатангел, митрополит Брегалнички

     

  

 

 на Божик,

2004(5) Лето Господово