Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Стефан, Архиепископ Охридски и Македонски (06.01.2005)

 

 

БОЖИКНА ПОРАКА 2005

 

 

            Празнувајќи го Раѓањето на Спасителот на светот и na човечкиот род - Раѓањето на Богочовекот Исус Христос, молитвено на сите ви посакуваме мир Божји, мир и добра волја меѓу сите вас. Го празнуваме раѓањето на Синот Божји, чествуваме во спомен на најголемото чудо на небото и на земјата, во историјата и во вечноста. Го одбележуваме денот што донесе радост, денот кога се радуваа сите созданија на земјата, денот кога и небото со ангелите, пеејќи, го славеше доаѓањето на Бога во тело на земјата: слава во височините на Бога, на земјата мир и меѓу луѓето добра волја. Таа небесна слава Божја, тој спасителен мир и таа благодарувана добра волја меѓу луѓето нека бидат и во нас во сите дни од нашиот живот, нека бидат во сите луѓе и во сите созданија.

            Коледарските огнови кои гореа овие денови сведочат дека наближува и дека дојде Бадник, дека дојде Божик, сведочат дека повторно во нас се раѓаат вечната и незгаслива вера, непоколебливата надеж и постојаната љубов. И денес, како меѓу нас така и меѓу народите ширум светот, има потреба од постојан пламен во нас, потреба од постојано духовно раѓање, од постојано обновување и преобразување. - На сите ни треба мир во душите наши за да можеме да градиме мир со сите околу себе.

            Настанот на Христовото Рождество нека ни биде извор на постојана сила за да истраеме во искушенијата што нѐ следат: со Божја помош да продолжиме по патот наш богодаруван, по патот Павлов и Св. Kлиментов, по патот Господен - по единствениот пат за нашиот народ и за Македонската Православна Црква.

            Годината со која се збогуваме беше година со потешкотии, но и година со радосни поводи. И покрај сѐ - сѐ побројни и сѐ повидливи се нашите црковно-народни дела, и во Татковината, и на Севрноамериканскиот, и на Австралискиот континент, како и меѓу нашинците во европските земји. Но, во ова наше време, најпотребно од сѐ ни е градењето на национално и духовно единство меѓу нашиот народ. Дожни сме да бидеме едно и заедно во негувањето, чувањето и бранењето на македонските национални и црковни интереси.

            Богомладенецот Господ Исус Христос нека нѐ благослови како народ и земја и нека нѐ чува од сите зла.

            Да ја чуваме Македонија и Македонската Православна Црква за и тие да нѐ чуваат нас!

            Христос се роди!

            Честито и од Бога благословено Новото 2005 Лето Гсоподово!