Архиерејска Божествена Литургија во Водоча (29.07.2014 21:03)
Денес, по повод 1000 години од битката на Беласица, во манастирот на Покров на Пресвета Богородица во Водоча, Архиерејска Божествена Литургија отслужи Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение со надлежниот Митрополит Струмички г. Наум, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф.
Дојдовме на овој молитвен собир за да се помолиме, но и да се потсетиме на битката што се случила на овој ден пред 1000 години. Дојдовме овде, во подножјето на Беласица, во пределите кадешто некогаш, пред 10 столетија, се случила голема трагедија и несреќа со последици коишто за жал сѐ уште трајат. Овде се судриле две царства, се судриле две војски, а војувале за земни слави и богатства. – Се судриле Василиј Византиски и Самоил наш Македонски, се судриле – првиот со желба да освои и покори, а вториот да одбрани и зачува... Не била таа војна ни прва ни последна, и нема добра војна, - сите донесуваат несреќи... Но оваа војна на Беласица, сепак била единствена и не повторена: и по покажаната нечовечноста, и по невојничкото однесување, и по злобата кон другиот!
– Па човекот е највредното по Бога во светот; човечката душа е повредна од сите богатства, од сите царства и од сите светови. Само Бог ја има врховната власт над човечкиот живот како негов создател. И секое однесување кон животот на другите е однесување кон Бога. Да убиеш човек, значи да му го одземеш времето што му е дарувано од Бога, значи да го спречиш другиот во можноста преку даруваниот живот да се стекне со вечен живот. Да убиеш човек значи да посегнеш по највредното Божјо создание во видливиот свет. Убивајќи човек - човекот посегнува и по Бога, зашто сѐ што човекот има - сѐ му е од Бога: и телото и душата. Дури секое убиство во исто време е и самоубиство: оној кој убива и самиот се самоубива, зашто си ја убива и душата во себе. Сепак, Светата Православна Црква, кога е во прашање и војната и убиствата, ги оправдува само кога се одбрамбени, кога се браниме од другите. Оттаму и оној постулат во Православната Црква – да не се убива грешникот поради гревот, туку да се спасува грешникот од гревот. Тоа е богоугодна должност за секој христијанин, па и за секој човек. Во таа смисла е и пораката на апостолот Павле – не бидете им робови на луѓето (1 Кор. 7, 23), што значи треба да ја браниме својата слобода и да не правиме робови ни од себе ни од другите, не заборавајќи дека должност на секој човек му е да Му служи само на Бога и само тоа служење ја покажува вистинската слобода. Затоа повторно порачува апостолот Павле – стојте во слободата со која Христос ве ослободи (Гал. 5, 1).
Инаку, ретко кој народ во историјата опстојувал и опстојува врз своите трагедии како ние Македонците. Слично на Христијанството кое се темели врз трагедијата на Велики Петок со жртвата на Христа Спасителот, така и ние како народ – како со древните македонски царства, така и со Самоиловото по битката на Беласица 1014–та година, така и со востанието на Илинден 1903-та... Но, сите наши порази како да имаат во себе некоја тајна од која извира постојана национална гордост и непокор. Па кој народ како нашиот, копнеејќи по слобода и правда – и поразите ги прославува како победи?! По сите распнувања, по сите туѓински завладувања и робувања, по сите поделби и селидби, сепак останувале и, да веруваме, остануваат вербата и надежта дека на сѐ ќе му дојде крајот. Затоа, еве, и од временска дистанца од 1000 години од оној пораз на Самоила и 111 години од оној пораз на илинденците, да размислиме дали поразите доаѓаат само од побројните противници или и од нешто друго?! Бројноста е потребна, но не е доволна! Не помалку важно, дури и најважно, е единството, единството во командувањето, единството во раководењето и, воопшто, единството во живеењето на еден народ. Па не случајно паролата дека единството ја прави силата, беше и сѐ уште е истакнувана на многу важни места во едно соседство. Да не одиме подалеку, туку да се запрашаме: зошто во 2001-та, иако не бевме поразени – сепак загубивме?! Треба да признаеме - поразите најчесто ни се резултат на братоубиствата, на неединството и од неумешноста во раководењето! За жал се уште не се поучивме од сопственото минато, туку продолжуваме да нижиме порази и загуби... Затоа и на овој ден и од ова место да повикаме на семакедонско помирување и меѓусебно проштевање – а сѐ во интерес на нашите национални, државни и црковни интереси. На тоа нѐ обврзуваат илјадниците жртви паднати за македонската земја, за духовна и народна слобода.
Потомците се продолжеток од претците и продолжеток на еден ист живот. Ние сме дел од животот на генерациите пред нас, и сме им вечни должници за сѐ што направиле во минатото за нашата земја и народ. Сеќавајќи се и на битката на Беласица од пред 1000 години, и на востанието на Илинден од пред 111 години, како и на заседанието на АСНОМ од пред 70 години, да се потсетиме и на нашите обврски кон нив. Најпрво, тоа што сме должни да направиме е постојано да се молиме на Бога за покој на нивните души, секогаш имајќи чувство на благодарност за претрпените жртви, страдања и подвизи. Исто така, и патриотска и национална, и македонска и христијанска должност ни е да го чуваме споменот и да ги негуваме и браниме нивните како свои – како наши идеали. Само така ќе заслужиме да се наречеме нивни достојни потомци.
Велат, Македонија многу одамна не е иста, не е иста ни со онаа древната на Александар, ни со онаа средновековната на Самоила, ни со онаа за која востанаа илинденците, па дури Македонија не иста ни со онаа до 2001-та. Не, Македонија секогаш била иста – и покрај освојувањата и владеењата од туѓинци, и покрај поделбите на земјата, и покрај селидбите на нашиот народот, и покрај дослебите на други народи! Само ние како да не сме многу слични на генерациите пред нас!? Тоа треба да нѐ натера да размислуваме, и верувам ќе го најдеме одговорот и за тоа како, и за тоа зошто сето тоа ни се случува?! Дали само други се виновни и само други придонесуваат да ни се случува сето тоа, низ времињата наназад, па сѐ до денес. Ова нека биде повик, нека биде аманет до сите македонски рожби, и овде во Република Македонија, и во поробените делови и до сите Македонци по светот - да ја зачуваме Македонија и да им ја оставиме на генерациите по нас онаква каква што била – македонска Македонија! - Татковината, и насекаде и од секаде треба да се сака и да се чува!
Нека им е вечен споменот и на царот Самоил и на неговите војници, и на илинденците, и на асномците, и на партизаните, и на бранителите - и на сите знајни и незнајни - паднати за духовна и народна слобода на Македонија! – Бог да ги прости и нека им е вечен споменот! - Амин!
СТЕФАН, АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ