Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Илинден и Пречистански преподобномаченици (04.08.2014 20:41)

„На огнена колесница, на облак се вознесе и во светловидна страна премина, Илие Тесвиќанецу, откако ги посрами безбожните пророци. И, како што небото со збор го врза, така разреши ги и нашите гревови, со твоите молитви кон Господа, и спаси ги нашите души“ (стихира по Евангелие на Утрена на Илинден).

Празникот на светиот пророк Илија – Илинден и на светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј,Пајсиј и Аверкиј, и оваа година беше торжествено прославен во манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ во Кичево. Похвалата кон светителите започна на 01.08.2014 година со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандрит Нектариј, протоереј Стевчо Тошевски, свештениците Никола Христоски, Горан Ставрески, Владо Недески и Александар Матески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната и благословувањето на петтолебието, за првпат во историјата на нашата Македонска православна црква, но и општо во православниот свет, официјално беше отслужен Акатистот посветен на светите Пречистански преподобномаченици.

Прославата продолжи утредента (02.08.2014), со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф, архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Спасе Стефановски, протосингелот Климент (од Романската православна црква), игуменот Агатон, еромонасите Григориј и Ефросиниј, свештениците Никола Христоски, Горан Ставрески и Владо Недески, протоѓаконите Антонио Дујовски и Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше отслужен Молебенот кон светите Пречистански преподобномаченици, а свештеникот Никола Христоски, со благослов на Архиепископот Стефан, го прочита синодското Илинденско послание, во кое меѓу другото, се вели: Илинден е ден на црковно и народно празнување, ден на потврда на несебична љубов кон ближниот, и јавен изразна копнежот по слобода. Впрочем, ако се задлабочиме во минатото на светот, ќе забележиме дека сето она што се случувало на историската сцена е резултат на слободата и во служба на слободата. Одземањето на слободата е понижување на човековото достоинство, но и противење на Бога, Кој го создал човекот слободен, а сите луѓе еднакви меѓу себе. Притоа, никогаш не треба да се заборави дека вистинската слобода може да се има само со Бога и во Бога. Слободата е моќ вкоренета во разумот и во волјата, и благодарение на неа, човекот одлучува и раководи со себе; таа е сила која треба да расте и да созрева во вистината и добрината, и така да стане совршена во Бога. Слободата е онаа човекова способност со која доброволно се прифаќа и се сака доброто. Слобода не е да се прави што се сака, туку да се сака доброто кое се прави! И вистинската слобода е можна само со љубов кон Бога и ближниот. Црквата, пак, како заедница на надежта и љубовта, е местото каде што спасението се остварува токму преку слободата...

На овој свечен ден, беше осветено и новото ѕвоно, тешко 1.850 килограми, а излиено во Русија. Ѕвоното е украсено со четири претстави, и тоа: Благовештение (како храмов празник); светите Кирил и Методиј; светите Климент и Наум и светите Пречистански преподобномаченици. На горниот дел од ѕвоното е испишан прокименот од Благовештение, а на долниот стои историскиот запис, во кој се вели дека ѕвоното е излиено за време на началствувањето на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, како и на игуманијата Агнија. По осветувањето на ѕвоното, Архиепископот г.г. Стефан се обрати кон верниците со поучно слово. Посакуваме и се молиме ова ново ѕвоно силно да одекнува во душите на сите луѓе и да ги побудува на молитва, та непрестајно да ги славата нашите пречистански Преподобномаченици, Пресветата Богородица, нашата постојана заштитиничка и сите светии, сега и во сите векови. Амин!

Извор: Дебарско-кичевска епархија