Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Прославен патронот на Бигорската обител (11.09.2014 12:06)

29 август/11 септември 2014 лето Господово

 

„Сиот живот на најголемиот меѓу родените од жена претставува чудо над чудата. Таков беше не само животот на св. Јован, кој и пред своето раѓање беше пророк и кој ги надминува сите пророци, туку и она што му претходеше на неговото раѓање и што се случувало по неговата смрт во многу нешта ги надминува сите чудеса. Божествените пророштва за него на боговдахновените пророци не го нарекуваат човек туку ангел, блескава и богоозарена светилка, утринска ѕвезда која Му претходи на Сонцето на правдата и глас на Самиот Син Божји. А и право е, зашто што е поблиску на Словото од гласот?“

 (Св. Григориј Палама)

 

 

 Блажениот Претеча – тоа е слава Божја, пројавена во светот. Тоа е слава на човештвото, оти сиот негов живот беше прекрасен и славен. Толку столетија минале, а красотата на неговата личност сѐ уште маѓепсува со својата чудесност. Тој е нашиот незамолчлив проповедник на покајанието, учител на вистинското благочестие, ангел на пустината и прв пустиножител, девственик и праобраз на безбрачниот и нестјажателен живот – претеча на монашкиот подвиг. Да, тој е неминлива слава и венец на монашкиот род. 

 

 Празничната утрена богослужба и светата архијерејска Литургија во Бигорската духовна сеница во спомен на Усекновението на чесната глава на светиот Јован Претеча, беше навистина достојно на Претечевата слава. Светилиштето на преголемото мнозинство народ, пристигнато тука од сите краишта на Татковината, му го покажуваше својот раскошен празничен лик. Блескаа кандилата, одразувајќи ја со својот сјај небесната убавина, одекнуваа во срцата трогателните песнопенија за славниот и маченички крај на Крстителот, присутните со молитвен занес ги упатуваа кон него своите скромни прозби, барајќи од големиот угодник Божји и жива проповед на покајанието да им помогне да се избават од ропството на страстите, својот ум да го ослободат од налетот на нечистите помисли, и со неговата благодат и сила да го исцелат и утврдат само во Божествените помисли, угодни на Бога. Притоа на своите молитви го придружуваа и радосниот копнеж за Господ да ги посети со огромна благодат новите монаси. Токму затоа, благодатта и радоста се чувствуваше насекаде. Со искрен восхит торжествуваа со нас и нашите ценети архијереи – митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, и митрополитот Европски, г. Пимен, чиешто заедничко сослужување на светата архијерејска Литургија уште повеќе ја зголеми свеченоста на манастирската слава. 

 

Беше тоа навистина погоден момент за митрополитот Тимотеј да ја искаже својата голема пофалба кон патронот и молитвен застапник за Бигорскиот манастир, светиот Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, кој ова светилиште го одржал со своите молитви цели десет столетија, а и денес е силна поткрепа и незаменлив пример за подражавање за нашето братство: 

 

„Во името на Отецот, Синот и Св. Дух. Амин!

 

Драги браќа и сестри,

 

Денеска нашата света православна Црква прославува еден голем Божји угодник. Тоа е светиот Јован Претеча и Крстителот на Господ Исус Христос. Поточно, денеска го чествуваме крајот на неговиот овоземен живот, крај со отсекување на неговата глава. Како што знаеме, за овој пророк Божји пророкувал уште старозаветниот пророк Исаија, кој живеел 8 векови пред Христа. Овој пророк го наговестил како: 

‘Гласот на оној што вика во пустината и говори: Пригответе Му пат на Господа, прави направете ги во пустината патеките за нашиот Бог’ (Ис. 40, 3). Од светото Евангелие на светиот ап. и ев. Лука, знаеме дека раѓањето на св. Јован било дочекано со радост од сите луѓе што го опкружувале, и со надеж дека се приближува денот на нивното спасение (Лука 1, 57-79).

 

Да се загледаме во ликот на св. Јован Крстител како во голем Божји угодник, но и Претеча и Крстител Господов. За него Самиот Господ Исус Христос вели: ‘Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстител’ (Мат. 11, 11). Тој бил голем подвижник и неговиот живот бил испоснички. Не носел никаква облека, туку носел облека од камилски влакна и бил препашан со појас од кожа околу слабините. Тој живеел во Јорданската пустина, каде што сонцето силно гори а ноќта е студена, хранејќи се со див мед и скакулци. Не пиел вино ниту друг алкохол. Тој, како подвижник во пустината, се подготвувал за големо и спасително дело. Неговата основна цел била да ги подготви луѓето, пред сè Еврејскиот народ, да го пречекаат Господа Исуса Христа како Спасител на светот. Подготовката се состоела во очистувањето на нивните срца и ум од сите нивни заблуди, пороци и страсти. Бог благоволил и го избрал Претечата на ветениот Месија и истиот го нарекува голем пророк, силен по дух, подвижник, светилник на светот, ѕвезда на незаодното Сонце, глас на оној кој вика во пустината, земен ангел и ангел во тело. 

 

Претечата Јован со сета своја ревност повикува кон покајание. Тој со силни и многу убедливи зборови им се обраќа на заблудените Јудеи, повикувајќи ги да ги очистат своите срца и души од сите престапи и гревови. Затоа тој недвосмислено ги изобличува сите пороци и грешки, како на обичните луѓе, така и на силните од овој свет. Оние што се покајале и што го прифатиле неговиот повик за очистување, ги крштевал во Јорданските води. Тој, ја изобличува неправдата и неморалот. Како што знаеме, тој го изобличувал и царот Ирод, за незаконското земање на жената на својот брат. На царот Ирод му претстоеле два пата, или да се поправи и да ја остави Иродијада, или, пак, да го замолчи силниот изобличувач на неговиот грев. Тој, се определил за второто, затворајќи го Јован во темница. А потоа, на една свеченост приредена во чест на неговиот роденден, на овој Божји праведник му била отсечена главата. Св. Јован цело време ја изобличува неправдата и маченички пострадува за правдата. 

 

Во црковната иконографија, на претставата која ја нарекуваме Деисис, во средина е изобразен Господ Исус Христос. Од едната страна е Пресвета Богородица, а од другата е изобразен св. Јован Претеча. Тие претстојат пред Христа Спасителот, како Цар на славата, и постојано стојат на молитва, застапувајќи се за светот и за луѓето во него. Тој е последен пророк од Стариот Завет и прв пророк – маченик во Новиот Завет, и најблизок пријател на Господа Исуса Христа. 

 

Светата Црква цврсто се надева на неговите молитви и затоа прибегнува кон него. 

 

Кога ние христијаните прославуваме спомен на некој светител, молитвено чествувајќи го, природно, тогаш, ние не само што на светијата му принесуваме пофалба и прозба, туку се трудиме и должни сме да го подражаваме. Во најголема мера, најдобар начин е да се обидеме да го подражаваме во неговите добродетели, да го следиме во верата, надежта и љубовта. Но, се поставува прашање, како можеме ние да го подражаваме најголемиот меѓу родените од жена? Пред сè, потребно е да просиме од него молитвена помош за наше усовршување. Да погледнеме во нашиот живот, па да се поучиме од неговите подвизи и од неговата светост.

 

Ние, не можеме да бидеме ангели во тело. Ние, како луѓе, премногу сме слаби и немоќни. Но, ние можеме да се бориме, како што се борел тој, живеејќи во пустината, а тој се борел со порочни мисли и страсти. Словото Божјо вели: „Од срцето произлегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули; тоа го осквернува човекот“ (Мат. 15, 19-20). 

 

Ќе бидеме вистински подражатели на Претечата само доколку се бориме против нашата гордост. Гордоста ги има истерано ангелот од небото и нашите прародители од рајот. Гордоста го понижува и го погубува секој човек. За да се бориме со гордоста, неопходно е да го подражаваме Претечата и да го здобиеме неговото смирение, бидејќи тоа го возвишува и спасува човечкиот род. За да го подражаваме големиот Претеча, неопходно е да го воздржуваме и нашиот јазик. Да го молиме Бога да ни даде сила, да ги затвориме нашите усти, за од нив да не излегува ниеден збор што ќе раздразнува или осудува, погрешно да суди и, не дај Боже, да колни.

 

Да се обратиме со искрена молитва кон св. Јован Крстител и Претеча Господов, тој да измоли Божји благослов и да ја добиеме Божјата благодат, па да можеме искрено и достоинствено да го прославуваме Бога во Троица, сега и во сета вечност. Амин!“

 

Извор: Бигорски манастир