Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Сите македонски Светии (06.10.2014 09:36)

„На крст Си се искачил Исусе, Ти, Кој Си слегол од небото; на смрт Си дошол – животе бесмртен, кон тие што се во темнина – вистинска светлина; кон паднатите – воскресение на сите; просветлување и Спасителе наш, слава Ти“ (стиховна воскресна стихира глас осми).

 

Прославувањето на Бога Творецот се состои во нашето постојано благодарење за сите Негови дарови, жртви и за сета Негова љубов кон нашиот грешен човечки род. Тоа благодарење се изразува на многу начин: од исполнувањето на Неговите заповеди, па сè до совршеното благодарење  - светата Евхаристија. Благодарењето и учеството во таа Божја љубов, се изразува и преку нашето сотворење во овој свет, зашто како битија, создадени според Божјиот лик и подобие, ние сме повикани да бидеме сосоздатели, а не рушители. Еден таков сосоздателен чин беше и причината што прославата на празникот на Сите македонски светии се одржа во манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ во Кичево, кој се закити и се збогати со уште еден конак, од северо-источната страна, како и со нова камбанарија.

 

Празнувањето започна на 04.10.2014 година, со свечена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереите Стевчо Тошевски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Никола Христоски, Ристо Камбуроски, Горан Ставрески и Александар Матески, протоѓаконите Сашо Ристов и Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. На Вечерната присуствуваше и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

Утредента, на 05.10.2014 година, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј, Петар, Наум, Агатангел, Иларион, Јосиф и Јосиф, архимандритите Нектариј и Партениј, протоерејот-ставрофор Никола Грамбозов, игумените Фотиј и Агатон, протоереите Стевчо Тошевски и Димче Ѓорѓиески, еромонахот Григориј, свештениците Никола Христоски и Васко Голабоски, протоѓаконите Ратомир Гроздановски, Горан Кутлешовски, Антонио Дујовски, Сашо Ристов, Николче Ѓурѓиноски и Влатко Стојменов и ѓаконите Дејан Борисов и Сашо Целески. На светата Литургија,  Архиепископот Стефан се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, во која меѓу другото, се задржа и на тешкиот пат и искушенијата, кои ги минува наша света Македонска Црква.

 

По завршувањето на Литургијата, Архиепископот Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј и Агатангел, архимандритите Нектариј и Партениј, свештениците Никола Христоски и Александар Матески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески, изврши осветување на новиот конак, и уште еднаш, како и во својата беседа, изрази благодарност и пофалба кон нашиот надлежен Митрополит Тимотеј, како и кон игуманијата Агнија.

 

Нашиот, пак, верен народ, никогаш не ја заборава својата Црква, и во секоја прилика, гледа да стане барем мал дел од тој Аголен камен. Од друга страна, ниту Црквата не ги заборава ктиторите, помагачите и дарителите, секогаш оддавајќи им достојна почит. Затоа и Дебарско-кичевската епархија, со Одлука на нашиот надлежен Митрополит Тимотеј, заради сесрдната помош и несебичното учество во изградбата на новиот конак, ги одликува штедрите помагачи и им додели Орден на свети Наум Охридски од Прв ред на:

 

Игуманијата Агнија

Г-дин Стојан Новески

Проф. д-р Софроние Миладиновски

Г-дин Симеон Павлов

Г-дин Владо Толески и

Г-дин Софроние Софрониевски.

 

Истовремено, им беа доделени и Пофалби на повеќе лица и компании, кои дадоа свој придонес во изградбата на конакот: Стојанчо Матески, „Мастерпласт“ Кичево, „Венаки“ Кичево, Љупчо Вељаноски, Крсте Трајчески, Богољуб Кочоски, „Еуроука“ Кичево, „Аласка Трејд“ Кичево, Љупче Матески, Насер Ќазими, „Перкан Проект“ Прилеп, „Геоинг МК“ Скопје, Валентина Јанакиеска, „Хидроинженеринг“ Битола, „Актив проект“ Кичево, Златко Бурески, Роберт Петрески, „Хидромак 2000“ Скопје, „Лезор-Аскеро“ Прилеп, Сашо Бикоски, Горан Трипуноски, Лимарска работилница „Кире“ Кичево, Иван Божиноски, Богоја Илиоски и железарница „Акели“ Кичево.

За сите, кои несебично дадоа учество во изградбата на новиот конак, се молиме на Господа, Он стоструко да им врати и да ги запише нивните имиња на небесата. На Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, му честитаме за уште еден успешно завршен проект, со кој навистина се покажува како вреден градител и сосоздател, а секогаш за доброто на нашата света Македонска православна црква и за доброто на нашиот верен народ. На многаја лета!    

 

Извор: Дебарско-кичевска епархија