Соопштение од Синодот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (18.11.2014 17:14)
Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква на својата редовна седница одржана на 18 ноември 2014 г., разгледа повеќе актуелни прашања од животот на Црквата.
Синодот ја разгледа и состојбата со воспитно-образовните институции на Македонската православна црква (Македонската православна богословија и Православниот богословски факултет), а особено внимание посвети на нивното непречено функционирање како и за можноста за целосно интегрирање во системот на воспитно-образовни и наставно-научни институции на Република Македонија. Во таа насока, Синодот ја разгледа и информацијата за состојбата со изучувањето на предметот Етика на религиите, при што го искажува своето незадоволство од несоодветниот третман на овој предмет.
Во пресрет на 50-годишнината од прогласувањето на автокефалноста и возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква (1967-2017), Синодот ги задолжи епархиските архиереи да достават свои предлози за достоинствено одбележување на овој значаен јубилеј за нашата Црква.
Особено внимание Синодот посвети и со жалење ја прими информацијата на надлежниот епархиски архиереј на Дебарско-кичевската епархија, г. Тимотеј, за негативниот исход во судскиот спор пред Управниот суд во Скопје за процесот на експропријација на имотот на манастирот „Свети Наум Охридски“, со што негативно се влијае на понатамошниот духовен раст на ова наше вековно светилиште.
од Канцеларијата на САС на МПЦ