Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение (22.12.2014 15:11)

На својата вонредна седница одржана на 22 декември 2014 г., во просториите на Македонската Архиепископија, Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква –Охридска архиепископија (САС на МПЦ-ОА) го прифати Извештајот од средбата на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан со претседателот на Одделот за надворешни работи на Московската Патријаршија Митрополитот Волоколамски г. Иларион, одржана на 20 декември во архиепископската резиденција во Скопје.

Македонските архиереи со благодарност ја прифатија иницијативата на Руската Православна Црква, која изрази подготвеност да даде свој придонес за обновување и успешно реализирање на дијалогот меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква за решавање на отворените прашања кои постојат меѓу двете Цркви.

САС на МПЦ-ОА служејќи Му на Бога, Кој преку светиот пророк Осија, вели: Јас повеќе сакам милост, отколку жртва, (Ос. 6, 6) и потсетувајќи се на зборовите на Спасителот „одете и научете се што значи: ‘Милост сакам, а не жртва” (Матеј 9, 13), раководен од духот на човекољубието, а заради повисоки цели, ги повикува надлежните власти на Република Македонија за милост во однос на затворениот поранешен митрополит Јован, кој и покрај престапите поради кои е осуден и одлежува затворска казна, во овие свети предбожикни денови, не треба да биде лишен од надежта за милосрдие.

 

Од Канцеларијата на САС на МПЦ