По повод текстот „Ќе ја трампиме ли автокефалноста на МПЦ за кожата на г.г. Стефан“, објавен на 26.12.2014 во дневниот весник „Нова Македонија“ (27.12.2014 14:58)
Авторката на овој текст се обидува да даде свое видување на прашањата поврзани со актуелните случувања околу разговорите за решавање на статусот на МПЦ-ОА. Како повод ја наведува неодамнешната посета на митрополитот Иларион Алфеев од Московската патријаршија и неговите средби со македонскиот црковен и државен врв. Аргументите во спомнатиот текст не се базираат врз сериозни еклисиолошки, богословски и духовни темели, туку врз недоличен речник, проследен со навреди, кои сметаме дека е крајно непристојно и неумесно да ги цитираме. Но, уште полошо, заклучокот на написот содржи јавен повик на противуставно дејствување.
Најнапред, авторката и според суштината на кажаното и според сопствените зборови, докажува дека не е ни најмалку компетентна да коментира за кој било сегмент од црковното живеење. Прва причина за тоа е фактот што, или поради незнаење или поради свесно неприфаќање на православната вера, таа поддржува одамна осудени и туѓи на Христијанството учења, тврдејќи дека: „богомилите изворно го читаат Христос“. На човек со основни познавања на православниот катихизис му е јасно поради кои причини богомилите проповедале спротивно на Божјото благоволение за човекот и за светот. Втора причина е очигледното непознавање на православната еклисиологија. Се вмешува во прашањето за спомнување на епископ на Литургија, без при тоа да знае дека суштината на евхаристиското собрание е заедница на христијаните со Бога, а преку Него и меѓусебно, собрани на едно и исто место. Постоењето на Света ехваристија (Литургија) е показател за постоење и егзистирање на потполна (соборна и католична) помесна православна Црква, којашто нема никаков недостаток. „Доколку сакате да ја видите Црквата, тогаш во целост ќе ја видите во Светите Тајни“, вели свети Никола Кавасила (14 век). На литургиите со кои началствува нашиот Архиепископ, се спомнуваат сите поглавари на канонските помесни Православни цркви, и тоа е видливиот знак на единство со нив. Во тоа нема ништо спорно, а за некакво потчинување е бесмислено и да зборуваме, имајќи го предвид наведеното евхаристиско единство. Но, за да се сфати и прифати ова, потребно е живо учество во светотаинскиот и подвижничкиот живот на Црквата.
Во еден дел од текстот, авторката го наведува следново: „Уште како студентка научив да правам разлика помеѓу институцијата МПЦ и оние што моментално ја раководат. МПЦ е еден од столбовите на кои се крепи македонскиот идентитет. Секој напад врз МПЦ е напад врз македонскиот народ и неговата самобитност“. И самата разбрала дека Црквата ја сочинуваат клирот и народот, и дека таа не постои само во наше време, туку многу векови наназад. Црквата е темел и столб на нашиот народ, затоа што неговиот идентитет го потврдува преку единството со Христос. Само во заедница со Бога може да стане збор за непоколеблив и неспорен идентитет на македонскиот народ. Показател за нераскинливата врска на Православието со нашиот народ се сите цивилизациски вредности и достигнувања со кои можеме да се пофалиме: писменост, уметност, архитектура... Сите овие сегменти се напоени со живото христијанско искуство на нашите предци. Меѓутоа, во својата констатација, авторката единствено греши кога Црквата ја рангира на ниво на институција. Црквата е вечна и непрестајна заедница на Бога со луѓето и со целиот создаден свет, а нејзина Глава е Самиот Христос. Целта на животот во Црквата е учество во Божјата несоздадена обожителна енергија. Токму затоа Црквата не спаѓа во категоријата на создаденото, па поради тоа и не може да се ограничи во рамките на времето и просторот. Она што не може да се ограничи, не може ни да се дефинира. Но, доколку сакаме да дадеме некаква, условно кажано, дефиниција, тогаш таа би била следнава: „Црквата е Тело Христово“. Од ова произлегува дека е неумесна и споредбата што авторката на текстот ја прави на релација: Црква - суверена држава – протекторат.
Во насловот, но и подолу во текстот, се изведува заклучок дека актуелните обиди за решавање на црковниот спор со СПЦ се последица од црковно – судската постапка што таа Црква ја покрена против Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Меѓутоа, тука не станува збор за напад и одбрана на некоја конкретна личност, туку се работи за позицијата Архиепископ охридски и македонски, којшто е поглавар на МПЦ-ОА. И пред г.г. Стефан имало македонски архиепископи, а ќе ги има и по него. Епископот е оската на единство во Црквата. Тој е претстојател на евхаристиското собрание, па поради тоа е и одговорен за чување на чистотата на верата и на црковното единство. Свети Игнатиј Антиохиски (2 век) јасно и недвосмислено повикува: „Ниту една работа во Црквата немојте да ја правите без согласност на епископот“. Му се допаѓа некому или не, но врз тие начела се базира православната еклисиологија и Црквата не може да живее и да дејствува според други критериуми. А „кожата“ на Архиепископот (формулација што авторката ја употребува) е всушност кожата на целата МПЦ-ОА, односно на сите што се сметаат за нејзини членови, па дури и кожа на авторката, доколку и таа е дел од МПЦ-ОА. Затоа не може да се прави дистинкција помеѓу Архиепископот и МПЦ-ОА. Овој факт како реалност, во нашата историја, се покажал кога прогонувањето на Архиепископот Арсениј, во 1767 година, значело практично и формално укинување на Охридската Архиепископија.
Но, за сето ова и не можеме многу да ѝ замериме на авторката, од проста причина што таа очигледно нема доволно богословско и еклисиолошко познавање. А и самиот наслов на нејзиниот текст се темели врз претпоставки и неодржливи констатации. Имено, никој во нашиот Синод не ја ставил под знак прашање целта на нашата помесна Црква: да биде прифатена како автокефална и рамноправна со останатите Православни Цркви. Меѓутоа, многу повеќе загрижува апелот на противуставно дејствување што авторката на текстот го упатува со следниве зборови: „Сега е последен момент да дејствува македонската држава. И немој сега некој да се сети дека црквата и државата по Устав биле одвоени“. Православните верници во Република Македонија се истовремено и нејзини државјани, со сите права и обврски. Затоа Црквата и државата не се меѓусебно спротивставени. Меѓутоа, според Уставот на Р.Македонија, тие се административно одвоени, а Црквата е автономна во рамките на својата дејност. Секој потег, од едната или од другата страна, кој би го нарушил овој однос, би значел грубо нарушување на уставните одредби. Впрочем, пред неколку дена тоа го нагласи и Премиерот г. Никола Груевски, велејќи дека Црквата е одвоена од државата и дека црковните прашања треба да ги регулираат луѓето одговорни за тоа. А мислел и на оние што го разбираат или го разбрале тоа!
Од редакцијата на Скопска епархија