Бигорски (18.01.2005)
Минатата ноќ во манастирот на Свети Јован Крстител претпразненството на Светото Богојавление на нашиот Господ и Спасител Исус Христос (Водокрст) беше чествувано со торжествено сеноќно бдение со кое чиноначалствуваше Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј во присуство на монашкото братство и сестринство на манастирите Бигорски и Рајчица, многубројни верници од повеќе градови во Р. Македонија, и Мијаците кои живеат или потекнуваат од овој крај и кои на овој празник со радост навраќаат во Mанастирот.
По акатистот, а пред утрената на претпразненственото бдение, беше совршен традиционалниот обичај „врзување на крстовите“ на кумовите од селата Битуше, Јанче, Велебрдо, Ростуше и Требиште, кои после бдението во склопот на севкупното крштелно и евхаристиско осветување на просторот ќе ги понесат во своите села. Бдението продолжи со утрена и царски часови, со претпразнична вечерна и со Василиева Литургија.
Голем Богојавленски Водосвет по завршувањето на архиерејската Божествена Литургија извршија Митрополитот г. Тимотеј, старецот на манастирите, архимандрит Партениј, и отците свештеномонаси. По ова „кумовите“ од гореспоменатите села ги зедоа крстовите што беа потопени во осветената вода и заминаа да го поделат благословот во своите села. Околу 6 часот наутро, на изгрејсонце, бдението во Бигорски во пресрет на Богојавление заврши.