Во Донибрук прославен споменот на светите отци наши Прохор Пчински и Гаврил Лесновски (27.01.2015 12:39)
Совршувајќи го сега молитвеното пеење кон богоносниот отец наш, пријдете верни да припаднеме пред чесниот гроб со моштите негови, и од длабочините на срцето вака да му повикаме: „Угоднику Христов, оче наш Прохоре, не оставај нè нас, чедата твои, не презирај ја пофалбата што од устите наши недостојни ти ја принесуваме, туку прими ја молитвата наша, зашто неволји големи и маки тешки од сите страни нè опколија, многу нè ожалостија и во длабините на очајанието, поради мноштвото наши прегрешенија нè фрлија. Испрати одозгора сега богата помош и од овие напасти избави нè, по твоите молитви кон Бога, о себлажен и достоен за восхит, оче.“
Стихира од канонот на св. Прохор Пчински
Празникот на светите и богоносни отци наши Прохор Пчински и Гаврил Лесновски годинава беше торжествено прославен во манастирот на св. Прохор Пчински во Донибрук, Мелбурн (Австралија). Похвалата кон светите отци започна на 27 јануари (вторник) со свечена Вечерна богослужба која во присуство на Митрополитите г. Петар и г. д-р Јосиф ја отслужи Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на Високопреподобните игумени Гаврил и Никодим и епархиското свештенство, по што следеше трпеза на љубовта.
Утредента продолжи прославата со празнична света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Петар, Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски во сослужение на Нивните Високопреосвештенства, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и Митрополитот Кумановско-осоговски г. д-р Јосиф, Високопреподобните игумени Гаврил и Никодим и чесното епархиско свештенство. Верниот народ се причести со светите Божествени дарови. По Литургијата беше послужен пригоден ручек.