Соопштение од поглаварите и претставниците на црквите и верските заедници во Македонија (13.05.2015 18:14)
Како поглавари и претставници на црквите и верските заедници, соочени со политичката и општествена ситуација во нашата земја, особено со немилите настани и немирите, упатуваме апел до сите одговорни чинители во општеството и државата, како и до сите граѓани на Република Македонија, за трезвеност и одмереност во постапките, за достоинствено, правдољубиво, вистинољубиво и мирно решавање на сите проблеми и искушенија.
Слободата за искажување на своето мислење, убедување и разбирање на нештата, е темелно демократско право. Но таквото право мора и треба да биде реализирано на мирен и достоинствен начин, во согласност со законските и моралните норми во општеството.
Нас, како верски лидери во Република Македонија, нѐ загрижува создадената атмосфера на страв и неизвесност, како и чувство на општа несигурност за животот и имотот на граѓаните. Решението на проблемите треба да се бара само преку мир и дијалог, преку почитувањето на правдата и достоинството на сите луѓе, и најмногу преку вистината.
За секој чекор во животот, треба да се размисли како треба да постапиме. Во овие моменти повеќе од потребно ни е цврстото единство, а не поделеноста. Да подадеме рака за помирување и воздржаност меѓу нас и да придонесуваме кон зачувувањето на мирот и соживотот на сите граѓани во нашата заедничка Татковина – Република Македонија.
Како цркви и верски заедници, повикуваме да престанат сите обиди за дестабилизација на нашата земја, нарушувањето на соживотот и верската кохезија, како и безбедноста на граѓаните.
Господ да ја благослови нашата земја и сите нејзини граѓани, дарувајќи ни го Својот благослов за мир, слога и заемно почитување.
Скопје, 13. 05. 2015
Од Поглаварите и претставниците на црквите и верските заедници во Република Македонија