Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во црквата на Светите апостоли Петар и Павле во Мешеишта (29.01.2005)

Во спомен на денешниот ден - празнувањето на Светиот апостол Петар и поклонувањето на чесните вериги во коишто бил окован од беззакониот цар Ирод и кои при појавувањето на ангел паднале од апостолот (Дела 12, 7), Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј отслужи Божествена Литургија во црквата на Светите апостоли Петар и Павле во с. Мешеишта (охридско), со свештенослужители од епархијата. На Божествената Литургија Владиката Тимотеј одржа празнична беседа, во која ги подвлече и главните добродетели на христијанинот, пред сѐ покајанието, како услов за добродетелен живот. Потоа, Архиерејот и свештенослужителите го благословија и прекршија празничниот леб.

По Литургијата верниците и свештенослужителите се упатија во придружната административна зграда, во која се одржа промоција на книгата „Црква свети Петар и Павел” од г. Наум Целакоски, издадена со средства на нејзиниот Црковен одбор.

Црквата е изградена кон крајот на 1898 година, а фрескописана во 1902 година, во времето кога Македонија сѐ уште се наоѓаше под турско ропство. Подигната е врз темели на постара црква, која најверојатно датира од 17 век, судејќи според остатокот на икони и царските двери од претходната црква коишто биле вградени во новата.

  

   

 

Во периодот од 1922 и 1928 г. на западната страна била доградена масивна камбанарија. Црквата претставува базилика со внатрешна должина од 24, 5 м и ширина од 9, 25 м, последно архитектонско дело на големиот македонски мајстор Тодор Петков (1814 - 1899 г.) од с. Гари.