Соопштение од канцеларијата на САС на МПЦ (30.06.2015 16:13)
Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија на својата редовна седница, одржана на 30 јуни 2015 г., разгледа повеќе актуелни прашања од животот на нашата Црква.
Особено внимание Синодот посвети на разгледување на годишните извештаи од епархиите во Македонската православна црква, како во Татковината, така и во дијаспората, притоа изразувајќи ја својата загриженост за неповолните демографски податоци, а посебно за православното македонско население во Република Македонија, односно намалување на наталитетот и зголемување на морталитетот.
Исто така, се разгледа и работата на воспитно-образовните институции на Македонската православна црква и извештајот од матурските и приемните испити.
Синодот, за претстојните разговори со СПЦ, го определи и составот на Комисијата на МПЦ, и тоа:
- Неговото Високопреосвештенство митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, претседател на Комисијата;
- Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, член на Комисијата;
- Неговото Високопреосвештенство митрополитот Струмички г. Наум, член на Комисијата и
- Неговото Преосвештенство епископот Хераклејски г. Климент, секретар на Комисијата.
ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ