Во чест на славното Рождество на Господовиот Крстител (08.07.2015 11:28)
Славниот Претеча на доаѓањето Христово, којшто ја разреши неплодноста на срцата наши, се роди од неплодна утроба, давајќи им на неплодните души да бидат плодни со дух и вистина. Тој е јасниот глас на Словото, велегласен навестувач на покајанието, посредник меѓу Стариот и Новиот Завет, чие раѓање со љубов го празнуваме, веселејќи се. (Стихира од Малата вечерна)
Раѓањето на Свети Јован го објавува не само крајот на неплодноста Елисаветина туку и крајот на неплодноста на сета Вселена. Оти од неплодната Елисаветина утроба се појави предвесникот на Оној Кој е живот. Денес го славиме и сведочиме почетокот на обновата на сета твар што се објавува во Раѓањето на Крстителот Господов. И славејќи го ова пречудно раѓање што природата ја надминува, ние всушност Го славиме Творецот Кој од ужасната неплодност на смртта нѐ избавува. Некогаш среде пустошот на гревот и смртта, милостивиот Бог го испрати најголемиот меѓу пророците, Светиот Јован, за да Му го приготви патот на Господа. Сега, пак, ние, Христијаните, како наследници на истиот пророчкиот призив што Претечата го натера да вика во пустината, повикувајќи ги сите кон спасоносно покајание, стоиме и на целиот свет смирено му сведочиме дека неплодната твар се исполни со живот. Како Оној кој со својот призив го разбуди заспаното човештво потонато во гревовен сон, така и ние, следејќи го својот славен Пророк, Претеча и Крстител Господов, го водиме кон покајание заталканиот и обземен од немир човек, приведувајќи го во прегратките на единствениот Животодавец. Торжествено објавувајќи го низ пофалби и песни Раѓањето Претечево, ја славиме победата на возобновениот и преобразен живот, нов живот кој никна од неплодноста на гревот и смртта. Тоа е почетокот и крајот на мисијата на Светата Црква во и за светот.
Секој празник на Свети Јован Претеча и Крстител за Бигорското Светилиште е уште еден повод во сета полнота да засветли бескрајната почит и благодарност на монашкото братство и сестринство кон овој моќен заштитник на монашкиот род, кој невидливо пребива во Манастирот и ги исполнува со ревност за подвиг срцата на оние коишто избрале да го следат неговиот пат. Споменот за неговото натприродно Раѓање е и можност за нив и за сите присутни верници да се нурнат во дванаесетчасовната сеноќна молитва на ова веќе традиционално бдение, отворајќи ги своите души за таму да одекне силно Претечевиот призив за покајание и да се почувствува благодатната посета на Духот. И навистина, додека од двете певници умилно се испреплетуваа прекрасните стихови за ова преславно Рождество од неплодна утроба што го навести крајот на духовната неплодност на светот, нивните души, раѓајќи спасоносно покајание, усрдно се ослободуваа од неплодноста на гревот. А Претечата го збогати овој молитвен настан со радосната посета на некогашниот бигорски собрат, сега митрополит Брегалнички, г. Иларион, кому нашиот Старец со најголема љубов му се обрати во својата поздравна беседа, потсетувајќи се на нивните заеднички почетоци во овој Свет Манастир.
Празничното утро, пак, ни го донесе и благословот на нашиот достојнопочитуван архипастир, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, кој со голема молитвена усрдност чиноначалствуваше со Светата Архиерејска Литургија заедно со Митрополитот Иларион и нашиот некогашен собрат, Митрополитот Тетовско-гостиварски, г. Јосиф, на голема радост на бигорското братство. Силната благодатна посета што по молитвите на Господовиот Претеча ја почувствуваа сите присутни во раскошно украсениот храм, беше достојно надополнета и со благодатната беседа на нашиот ценет Владика Тимотеј:
„Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска, светата Православна црква, го прославува раѓањето на св. Јован Претеча и Крстител на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Како што знаеме од светото Евангелие, неговото раѓање е невообичаено. Откако неговите стари родители почнале да ја губат надежта дека ќе имаат рожба, Ангел Господов, на првосвештеникот Захариј му објавува радосна вест дека ќе има син и ќе се нарече Јован. И покрај тоа што овој праведен првосвештеник имал силна и непоколеблива вера и го исполнувал законот Мојсеев, сепак, оваа вест не можел да ја прими и да ја разбере како Божји благослов, туку, во истата се посомневал. Затоа, Бог го казнил, со тоа што му го зел гласот и тој не проговорил сè додека не се исполниле зборовите на Ангелот Божји.
Откако Елисавета родила син, и откако Захариј напишал на штица дека Јован му е името, Бог му го одврзува јазикот за да може да Го слави и да Го прославува Севишниот и Семилостивиот Господ Бог. Од светото Евангелие гледаме дека животот на св. Јован бил трнлив, тежок и на крај, овоземниот живот, го завршува маченички. Бил ревносен изобличувач на секаков грев и порок, не гледајќи дали истиот го прават обичните жители на Палестина или, пак, тоа го прават силните цареви и нивни блиски.
Животот на овој Божји угодник нè поучува сите нас како треба и ние да го живееме нашиот овоземен живот, којшто е привремен. Но, св. Јован ни дава патоказ, којшто нè води во вечен и блажен живот. Нашиот живот во овој век не е ништо друго освен пат кон идниот век. Ние, на овој свет доаѓаме преку раѓање а го завршуваме со упокојувањето. Секој којшто живее на земјата е патник. За едни, тој пат е краток, за други е подолг, а за трети, пак, е ептен долг упокојувајќи се во длабока старост. Сите се раѓаме на еден начин. Затоа, на сите ни е познат денот и часот на нашиот почеток на тој пат. Но, денот, часот и начинот на кој ќе го завршиме не ни се познати и не знаеме кога ќе го завршиме нашиот од, во овој времен свет. Ние се раѓаме во овој свет за да преминеме во вечен живот. Нашиот Создател не нè има создадено за времен, туку за вечен живот. Затоа времениот живот не е ништо друго, а и не треба да биде, освен пат кон вечниот живот. Па затоа, животот тука треба да го живееме внимателно, бидејќи имаме многу непријатели кои сакаат да не оттргнат и да нè одделат од патот којшто води во вечен живот. Затоа и Синот Божји дојде на овој свет. За да ни ги отвори вратите на оној живот, кои ние со нашите гревови сме ги затвориле. Дојде за да ни го покаже патот по којшто треба да одиме, а ние од истиот тој пат сме се оддалечиле. Земниот живот е времен, но преку него се добива или се губи спасението. Според Христовите зборови, вечното спасение е единствено нешто коешто ни е потребно. Но, тука, за време на времениот живот, или се спечалува или се губи. Се добива со покајание и со силна и непоколеблива вера, а се погубува со нечесен и со непокаен живот.
Овој Божји угодник, кога ќе излезе на јавна проповед, својата проповед ја започнува со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно“ (Мат. 3, 2). Човекот е создаден од Бога за да Го слави и прославува својот Создател и Промислител. Но, поради непослушноста, нашите прародители спечалија смрт, а преку нив, односно преку гревот, севкупниот човечки род ја изгуби првобитно создадената чиста природа. Но, Милостивиот Бог, ни дава многу начини и можности, како ние да си ја повратиме загубената чистота и да се соединиме со нашиот Бог за вечно и блажено живеење. Најпотребниот и најнеопходен начин да го постигнеме тоа, а светата Црква ни го препорачува и токму така нè учи, се зборовите на св. Јован Крстител и Претеча Господов „Покајте се“. Овие зборови во себе содржат длабока мисла и длабока поука. Зборови кои бараат од секој еден од нас, коишто се нарекуваме христијани и почитувачи на законот на светата Црква, да се покаеме. Самиот збор покајание не е еден обичен збор, збор како: се извинувам, прости, згрешив и слично. Покајанието бара сецело изменување на начинот на нашето мислење, на нашето живеење, на нашето делување, поточно бара од нас да отсечеме секаков грев, секаква приврзаност кон овоземни преодни нешта. Да се угледаме на Божјите угодници. Да не калкулираме придобивки, лесни и ласкави, од овоземни моќници на сметка на вистината, правдата, верата, традицијата и на другите возвишени цели кои ни се зададени и кои се бараат од нас како следбеници на нашиот Спасител Господ Исус Христос.
Затоа, да се обратиме со искрена молитва кон св. Јован Крстител и Претеча Христов, чиешто раѓање светата Црква денес го прославува. Да се угледаме на неговиот свет испоснички и подвижнички живот, но, исто така и храбар изобличувач на секакви подлости, страсти и гревови, па и ние да отсечеме од нашата волја, ум и мисла, секаков грев и да одиме по патот кој го посочува светата Црква. Пат кој води во вечен и блажен живот. По молитвите на св. Јован, така нека биде. Амин!“