Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Соопштение (29.09.2015 15:13)

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија на својата редовна седница, одржана на 29 септември 2015 г., разгледа повеќе актуелни прашања од животот на Црквата, а особено внимание посвети на разгледување и решавање на црковната состојба во Австралија.

Имајќи го предвид договорот со црковните општини од декември 2012 г. кои беа примени под директна надлежност на Синодот, како и тоа дека истиот од страната на претставниците на овие црковни општини не е доследно исполнет, иако поминаа скоро три години, Синодот, во надеж дека договореното сепак ќе се исполни, им дава дополнителен рок (до 31 декември 2015 г.), да ги исполнат своите обврски.

Истовремено, се повикуваат оние цркви и црковни општини каде што има расчинети свештенослужители, веднаш да ги отстранат и да им се забрани секаква црковна дејност, согласно пресудите и одлуките на надлежните црковни тела и органи и да достават барања до Синодот за поставување на нови и легитимни свештеници.

Затоа, Синодот смета дека засега сè уште не се исполнети условите и реалните можности за создавање и опстојување на нова епархија во Австралија.

Синодот достојно подготвувајќи се за одбележување на јубилејот – 1100 години од упокојувањето на свети Климент Охридски (916-2016), писмено се обрати до МАНУ и УКИМ за негово заедничко одбележување.

Со жалење, Синодот констатира дека продолжуваат провокациите на поранешниот митрополит Вранишковски кон клирот и верниците на Македонската православна црква со посета на цркви и манастири без почитување на црковноканонскиот поредок. Почитувајќи го истиот, пак, останатите архиереи од другите помесни православни цркви се секогаш добредојдени во македонските храмови.

 

ОД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА САС НА МПЦ