10-годишнина од хиротонијата на Митрополитот Европски г. Пимен (18.10.2015 22:59)
10-годишнината од хиротонијата на Митрополитот Европски г. Пимен се одбележа со Архиерејска Литургија на 18.10.2015 година, во соборниот храм на Европската епархија посветен на свети Наум Охридски во Малме, Шведска, која што ја отслужија Mитрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и Mитрополитот Европски г. Пимен во сослужение со парохискиот свештеник протоереј-ставрофор Блажо Кожарски и свештеници од Европската епархија.
По Светата Литургија свои обраќања до присутните гости имаа Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој во својот говор рече: „Токму таков пастир има Европската епархија, пастир обдарен од Бога со дарот на кроткоста“ со која, како што рече, православниот македонски народ низ Европа го препознава. Свое обраќање имаше и претставникот од шведското министерство за релгиски односи, кој споредувајќи го народот со огнот од композицијата несогорлива капина, му порача на Митрополитот Пимен да продолжи како и досега да се грижи за огнот, односно верниот македонски народ.
Митрополитот Европски г. Пимен е хиротонисан на 02.10.2005 година во храмот посветен на Премудроста Божја – Св. „Софија“ во Охрид, а со одлука на САС на МПЦ-ОА од 22.06.2006 е назначен за митрополит на Македонската православна епархија за Европа. Оттогаш до денес изминаа десет години пастирска служба, низ европскиот континент. Формирани се нови црковни општини, изградени се нови храмови и оформени се парохии со постојани свештеници. Европската епархија денес брои 14 редовни свештеници во 35 црковни општини, во кои се одржува постојан литургиски живот. Изградени од темел и осветени се 4 нови храмови, откупени и преуредени се 3 храмови, како храмови во градба и откупени локации.
НА МНОГАЈА ЛЕТА!
подготви: Константин Павлевски