Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Став на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА за состојбите во Австралија (19.10.2015 23:18)

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква на својата редовна седница оддржана на 29 септември 2015 г. разгледувајќи го прашањето за формирање на нова епархија на територијата на Австралија, по опстојна анализа и дискусија, едногласно го донесе следниов

С Т А В

Поминаа три години откако некои МПЦ(О) во Австралија зедоа обврска пред комисијата на САС дека ќе преземат соодветни чекори за отстранување на нелегитимните и расчинетите свештеници. Исто така, и на Основачкото собрание за формирање на нова епархија (на 17 јануари 2015 г.) им се даде можност во рок од 5 (пет) месеци да ги отстранат и да поднесат барање за поставување на легални свештеници. Веќе поминаа 7 (седум) месеци, а тие не го испочитуваа ветувањето и ставот. Во овој момнет имаме само 6 (шест) цркви со легални и легитимни свештеници, а 6 (шест) нелегитимни, а една воопшто нема свештеник. Во тој контекст, нема услови да се формира нова епархија и Синодот дава можност на овие цркви кои имаат нелегитимни свештеници до 31 декември 2015 г. да поднесат барање за назначување на легални и легитимни свештеници. Во противно, под надлежност на САС на МПЦ и под компетенциите на митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј ќе останат само оние ЦО коишто ќе имаат легални свештеници.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, на својата редовна седница оддржана на 29 септември 2015 г., едногласно одлучи како да се постапи со расчинетите свештеници и со од нив крстените, венчаните и погребаните верници и како со екскомуницирани верници.

1. САС донесе едногласна Одлука дека сите расчинети свештеници и ѓакони, кои се расчинети од Епархиските Црковни Судови, како и оние верници кои се екскоминицирани, доколку не побарале да си го искористат правниот лек во предвидениот и посочен рок во пресудите, а Архиепископскиот Црковен Суд ги потврдил Одлуките на ЕЦС, тие станале полноважни и расчинетите свештеници ќе се сметаат за мирски лица (лаици), а екскомуницираните верници како неверници.

2. Сите т.н. верници кои се крстени од расчинети свештеници, ѓакони или верници, како и оние кои се венчани или погребани од погореспоменатите расчинети свештеници и ѓакони, таквите крштевки, венчавки, погребенија (опела, парастоси и помени) се сметаат за невалидни.

Ако т.н. верници кои се крстени, венчани или погребени од погореспоменатите расчинети свештеници и ѓакони, истите треба повторно да им бидат извршени од легитимни свештеници кои се поставени од надлежни Архиереи и со Одлука на САС на МПЦ.

Рок за повторно извршување на крштевките, венчавките и опелата, од страна на легитимни свештеници е 12 месеци, заклучно со 30 септември 2016 г., согласно денот на донесувањето на оваа Одлука.

Крштевките и венчавките на тие што сакаат да бидат крстени, венчани или нивните блиски опеани со опело од страна на легитимни свештеници, можат да бидат извршени и групно. Ако во рок од 12 месеци им се изврши светата тајна и обред, истите ќе бидат извршени бесплатно, а по истекот на рокот, ќе се извршуваат со уредно плаќање предвидено со таксеник.

Се задолжуваат сите парохиски свештеници на верниците од Австралија и Нов Зеланд, при венчавање задолжително да им побараат документ дека се крстени од легитимен свештеник на МПЦ, или било која друга православна црква. Сите парохиски свештеници во МПЦ, од САС на МПЦ да добијат список на расчинети и под забрана за свештенодејство свештеници, со посочени датуми на забраната и на пресудата од расчинувањето.

Оние свештеници што нема да ја испочитуваат оваа Одлука да бидат најстрого санкционирани!

Исто така, на оние т.н. верници кои се црквувале и кои се црквуваат кај расчинети свештеници и ѓакони, како и т.н. верници крстени или венчани од нелегитимни свештеници - им се забранува причест, се додека не бидат крстени или венчани од легитимен свештеник.

Како да се разреши прашањето со приклучување на МПЦО, МПО и Општините кон МПЦ?

САС на МПЦ на 12. 12 2012 г. донесе Одлука со која се утврди прецизно кои ЦО ја сочинуваат Македонската православна црква Епархија за Австралија и Нов Зеланд (МПЦЕАНЗ), а останатите се ставаат по надлежност на САС на МПЦ.

Комисијата на САС, на средбата со претставниците од ЦО, што се ставени под управа на САС, во декември 2012 г., потпишаа заеднички Записник за прифаќање на 10-те точки од Платформата, но не постапија според него (САС бр. 192/2012).

Напротив, по таа средба, претставниците на ЦО свикуваат неколку антицрковни собранија, без благослов на САС, или на Митрополитот Тимотеј, на кои с# што било донесено на тој состанок со Комисијата на САС отфрлаат, а се закануваат и прават неколку обиди за создавање, на парацрковна организација на МПЦ во Австралија, со расчинети свештеници, и екскомуницирани верници.

Решението на ова прашање го гледаме во неколку алтернативи:

1) Игор Александров да се третира само како екскомунициран од Црквата.

2) Црквите, во период од 3 месеци, да ги отстранат расчинетите свештеници и да прифатат времено, нивните парохии да бидат опслужувани од постоечките свештеници, сè до поставување од САС на МПЦ, нов парохиски свештеник (чии документи, во меѓувреме, треба да се подготвуваат).

Доколку оваа одлука на САС не ја прифатат, тогаш не можат и понатаму да бидат под надлежност на САС на МПЦ, туку ќе се сметаат дека самоволно се исклучиле од составот на МПЦ, и над нив понатаму надлежност ќе имаат телата и органите на МПЦЕАНЗ, како во доменот на црковните, а исто така и во доменот на граѓанските судови. Одлуката на САС е едногласна.

3) Одлуките за ЦО во надлежност на САС што ги донесува САС ги потпишува Поглаварот, и тоа со меморандум, печат и штембил на САС на МПЦ. Актите и одлуките кои се во компетенција на митрополитот г. Тимотеј ги потпишува тој, но со меморандум, штембил и печат на САС. Свештениците, исто така, ги поставува и разрешува САС на МПЦ, по предлог на м. Тимотеј, а во случај на црковен суд, се овластува Поглаварот, заклучно со 30 дена забрана на свештена дејност, а понатаму, надлежноста да ја има ЕЦС на МПЦЕАНЗ – зашто тој е единствен официјален и пред МПЦ и пред граѓанските власти во Австралија, доколку се сака, пресудите да бидат валидни.

Овие посочени одлуки, ставови и заклучоци на Синодот, доколку сите ЦО ги прифатат, во тој случај САС ќе ја разгледа можноста за формирање на нова епархија, а сега сè уште не се исполнети условите и реалните можности за создавање и опстојување на нова епархија во Австралија.

П Р Е Т С Е Д А Т Е Л

НА СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД НА

МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
г.г. Стефан